ЗОРАН ЗАЕВ, ЕВЕ ТИ УШТЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА МАКЕДОНСКА БАНКА:
Автор: Виктор Трифуновски   Објавено на
share


Затворањето на МАКЕДОНСКА БАНКА е можеби најпремолчаниот финансиски колапс од самостојноста на Македонија до денес. Затоа еве еден јавен повик до почитуваниот лидер на опозицијата, во кој ќе му се обраќам директно.

Побарај да се отвори досието на оваа банка чии стечај трае скоро 7 години. САМО ПАЗИ... во таа мрежа би можеле да бидат фатени и некои луѓе кои ти се политички блиски. Човек кој искрено се залага за борба против митото и корупцијата, човек кој вистински сака да создаде правна држава, не би требал да има обзири кон било кого, па ниту кон своите соработници. Така функционира идеална Европа, нели? 
Епа бујрум, провери ги овие податоци кои во оваа прилика ќе може да ги прочита и цела јавност:

1. Според тогашниот Закон за Банки на РМ, гувернерот и НБРМ имаат ОГРОМНИ ОВЛАСТУВАЊА во контролата на работењето на банките. Освен што го контролираат влезот и излезот на средства на било која сметка, НБРМ врши детален мониторинг врз СИТЕ ОСТАНАТИ активности на банката. Се проверува одобрувањето на сите кредити, сите трошоци кои ги прави банката во тековното работење, пласманот на средствата на берза, промената на сопственоста на акциите на банката, итн, итн. Ваквиот закон оди до таму што Гувернерот има право да учествува во изборот на директори во комерцијалните банки. НБРМ е таа која издава дозволи на лица за кои смета дека се подобни да застанат на раководна функција во банките.

Гувернерот и НБРМ се толку неприкосновени во своето делување, што дури ни министерот за финансии нема моќ да влијае врз нивните одлуки.

2. Гувернер во тоа време беше Петар Гошев, поставен од владата на Бранко Црвенковски. Во тоа време, Петар Гошев имаше поставено супервизори на НБРМ во сите витални сектори на Македонска Банка кои физички беа присутни надгледувајки го работењето на банката. И тие не приметиле одлив на милиони евра, туку си приметил ТИ, и тоа денес во време на избори?


3. Бидејки си се нафатил, те советувам да провериш чија е фирмата ДС КЕРАМИКА која во тоа време ја снабдува МАКЕДОНСКА БАНКА со канцелариски материјали! Незнам колку е точно, ама се зборува дека од истата фирма биле принудени да набавуваат канцелариски материјали и другите банки. Она што е сигурно точно, е дека нејзиниот сопственик е близок роднина на еден од тогашното раководство на НБРМ, и дека истата фирма од Македонска Банка има повлечено милиони денари, од кои неколку стотици илјади во последните 24 часа пред затворањето на банката.

4. Затворањето е официјално објаснето дека на Гувернерот не му се допаѓала сопственичката структура на банката, чии мнозински сопственик бил Јовица Стевановиќ-Нини, наводно познат по многу финансиски малверзации. Ок, Гувернерот има такво право според нашиот закон, меѓутоа Нини ги има купено акциите од Зоран Трпевски, поранешниот директор на Македонска Банка кој ја финансираше партијата на Петар Гошев. Со продажбата на акциите на Нини, Трпевски станува малцински акционер, и до овде се е навидум чисто, барем на хартија...

Она што е сомнително е фактот дека неколку дена пред затворањето на банката Зоран Трпевски изненадно ги продава своите акции за милионски суми, кои претходно ги поседува со години. Дали можеби Зоран Трпевски знаел дека банката ќе биде затворена, па се ослободил од своите акции во последен час? Незнам! Доколку знаел, тоа е ИНСАЈДЕРСКА ИНФОРМАЦИЈА која строго се казнува согласно законот за работење со хартии од вредност, и за тоа одговорност треба да сносат и оној кој дава таква информација, и оној кој ја користи.

Па ако твојата партија, и ти како некорумпиран и чесен политичар ВИСТИНСКИ се каете за процесот на приватизација, еве ви мегдан и случајов истерајте го до крај. Кажете и на македонската јавност за сите стипендии, кирии, спонзорства, донации, набавки и останати трошоци со кои банката била практично рекетирана од различни политички структури, односно од фирми на нивни блиски роднини. Биди сигурен, ќе паднеш на дупе кога ќе видиш за кои имиња се работи, и за КОЛКАВИ СУМИ се работи.

Македонска Банка, драг мој лидеру, е фрлање бомба во септичка јама чија експлозија ќе извалка многумина, особено одредени поранешни партиски лидери. Отвораш проблем кој или ќе МОРАШ да го тераш до крај, или целата јавност ќе знае дека водиш кампања со афери и конструкции. Спомнувајки ја МАКЕДОНСКА БАНКА, фактички го кршиш договор меѓу двајцата бивши премиери, од кои едниот дотурка до претседател на државата, додека другиот заврши како „просечен бизнисмен“. Македонска Банка е жртва на нивниот меѓусебен дил, таа е смоквин лист под кој се кријат ОГРОМНИ финансиски дубиози на македонската приватизација, таа е завеса која требаше да покрие огромен дел од криминалната перверзија на транзициона Македонија.

Банката е затворена на еден многу перфиден начин, во едни специфични околности, на 16 октомври 2007 година, некаде по 15:00 часот со налог на тогашниот гувернер. Тоа е време кога сите медиуми во регионот, а особено во Македонија, зборуваат и пишуваат само на една единствена тема...смртта на Тоше Проески. Така е најден погоден момент во кој МАКЕДОНСКА БАНКА требало да исчезне во тишина, без многу медуимска помпа, а со неа да исчезнат и тајните на многу наши политички функционери.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани