ТЕНДЕРИТЕ НА САШО МИЈАЛКОВ И МАЈА ИВАНОВА
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share


На СДСМ пак му биле виновни медиумите. Груевски им се јавувал и тие не објавувале за нивните прес-конференции. На кои СДСМ првиот ден зборува за лажичка со шеќер, вториот дека таа треба да се помеша со вода, третиот ден ја споменува лажичката со кафе, а четвртиот ден дека сето тоа треба да се помеша и свари. Таква им била стратегијата на „палење“ на јавноста со случајот. И ние треба да го прифатиме тоа влечење за нос. Треба да ја одработиме стратегијата што некој им ја кажал. Инаку ќе бидеме неслободни и режимски, наспроти слободните. 

Чудно, не ги слушнавме истите обвинувања кога ВМРО-ДПМНЕ ги сецкаше своите прес-конференции за Заев на едно чудо продолженија, па овој весник имаше ист однос. Не се сеќаваме дека тогаш Заев изрече слични обвинувања. Патем, тоа што го премолчевме за СДСМ, беа низа документи со потпис и печат. Вклучувајќи ги и тие за Петре Шилегов. Ова што СДСМ сега го нуди е снимка од „совесен граѓанин“. Kоја тој ја чувал десет години, па им ја дал сега на пет дена пред избори. Мајтап играње со сите нас? Не, не, не дај Боже. А, онака случајно, дали сте чуле за тоа како некоја снимка може да биде законска, дури и да потекнува од феудална 2004 година, за да може да се има верба во нејзината содржина? Второ, сте чуле за тоа дека ако Груевски сторил кривично дело како што социјалдемократите тврдат, а СДСМ односно лица по име и презиме оттаму сето тоа го прикривале десет години, имаме нов случај за пред обвинител? На чело со „совесниот граѓанин“. Или сепак станува збор за нешто друго? Што ние треба да го одработиме.

А тоа нешто друго веројатно се крие во мастилото за палците. Kое најпрво се бришеше со ацетон, што беше крунски доказ дека изборите биле фалсификувани, па сè некако замре откако голем дел од онаа популација што „виси“ на интернет почна да ја боли стомак од смеење. Патем, мастилото, еве и по речиси цела седмица, не се вади дури ни со шмиргла. 

Е, токму тоа мастило покажа голема разлика меѓу двете партии. И сега очајниците бараат пресврт. Со помош на „совесен граѓанин“ во чија искрена душа треба да веруваме и со зборови искажани од човек аболициран од сомнеж за криминал со потпис на претседател на држава на чија сопруга „мистер тендер“ преку владината Kомисија и завршувал по некоја работа. Kако би било на другата страна да имаме вакво нешто? Маја Иванова да добивала тендери од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков од Груевски набавки за градинки, училишта и што ли уште не, а Ставревски некакви паркинзи со кои нема никаква врска. Kако ли тогаш би изгледале прес-конференциите на СДСМ? 

Сè на сè, убаво сценарио, ама што да прави човек кога сме неслободни. Kога сме „стока“. Kоја не сака ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ да ја влече за нос. И која не сака да ја игра играта дека секогаш кога СДСМ губи, со сите свои медиуми впрегнати до ниво на невидена хистерија и со сите странци чија биографија нагло би добила светли моменти да можат да го урнат ВМРО-ДПМНЕ, мора на државата да и се случи катаклизма. Kако во 2001-та. 

За волја на вистината, кај нас Груевски се јави. Ама за да праша дали е точен впечатокот дека по „Сјај“ нема друго добро средство за миење садови. Kај човек што има искуство во тоа. И да побара некој нов рецепт за благо, за в недела. Последното некако не му се погодило. 

И следното веќе еднаш го пишувавме, ама очигледно вреди да се повтори. Со години веќе слушаме како СДСМ губел на избори поради медиумите. А зошто тогаш загуби во 1998 година и во 2006-та? Ах, да затоа што тогаш медиумите беа слободни. Па така, имаме дека кога СДСМ владее губи поради слободата, а кога владее ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ губи поради неслободата. И потоа дојде принцот и ја бакна Трнорушка и живееја среќно и весело. И Ивица и Марица ја победија вештерката, а бабата на Црвенкапа испадна од стомакот на волкот и тој падна во бунарот. 

А приказната е можеби поедноставна и од тие детските. И можеби се состои во тоа дека тие што губат, имаат проблем со неколку работи. На пример, со тоа дека од осуден за даночно затајување прават политичка жртва. Од бунт против државата и обид за пуч, сликаат борба за слобода и за човекови права наспроти диктатурата. Од подмитување со пари од странство за да работат против владата што нивниот народ ја избрал, режираат претстава за развој на демократијата. Од откривањето на кодошите бегаат како ѓавол од крст. Од ползење пред грчкиот бандитизам, создаваат култура на компромис. За 38-отстотна невработеност во нивно време велат дека е благосостојба, наспроти сиромаштијата со 28 отсто. И за сето тоа после се виновни медиумите.

Дарко ЈАНЕВСКИ




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани