Правните ризици се слабите точки на модерните компании затоа што секој ризик е Ахилова пета на компаниите. Ако таа се погоди може да повлече многу други проблеми кои ќе имаат катастрофален ефект за функционирањето на компаниите, вели М-р Марко Најденовски, амбициозниот правник кој своето правничко образование го стекна и оформи во Лондон – светската престолнина на образованието, практиката и системите за правните ризици. Пионерските чекори во етаблирањето на менаџирањето и едукацијата на правните ризици во Македонија е за поздрав и во вистинско време, но тој треба да се надградува затоа што подобро навремено да го следиме трендот отколку подоцна да се обидуваме да ги стигнуваме другите, истакнува Најденовски, нагласувајќи дека правните ризици во современото право се препознаени како корпоративен двигател на компаниите, инвестициите и бизнисот, но и се тренд на иднината.
Корпоративното право како предизвик: Образование во светскиот центар на правните ризици и комерцијалното право
„За студирање во Велика Британија се одлучив бидејки се смета за водечка земја во Европа, а најверојатно и во светот кога станува збор за корпоративното и комерцијалното право. Додипломските студии по право ги завршив на London South Bank University, за потоа на Queen Mary University of London постдипломските студии да ги завршам со специјализација на корпоративно и комерцијално право, а темата на магистерската беше „Системи за менаџирање на правните ризици во коорпорациите“. Со оглед на тоа дека моментално е тренд во правниот свет на западот да се инкорпорираат вакви системи во корпорациите, сметав дека е добра и перспективна тема со поддршка од менторот да се изанализира овој систем, како започнал, како фукционирал и како функционира, какви се искуствата, што покажува теоријата и праксата и се дојде до еден заклучок дека тоа е еден тренд на иднината, најразвиен во Велика Британија и САД како земји со првични коорпорации кои започнале со менаџирање на правните ризици. На овој план први се нафтените компании, а по нив се компаниите од фармацевтската индустрија, па IT компаниите и ред други компании бидејќи навремено сфатиле дека менаџирањето со правните ризици е многу повеќе од аспектот дали компаниите работат со профит или не“, вели Најденовски.
Правните ризици се предмет на комплексна корпоративна анализа
Тој објаснува дека сфаќањето за правните ризици порано во Европа имало подруг контекст, нешто што денес како сфаќање е присутно во Македонија.
„Погрешно е сфаќањето дека правниот ризик претставува проекција дали одредена компанија ќе работи со профит или не, односно дали ќе работи со загуба. Тоа е битен дел, но не и примарна цел“
„Порано погрешно било сфаќањето во Европа, а и кај нас е такво моментално, дека правниот ризик претставува проекција дали одредена компанија ќе работи со профит или не, односно дали ќе работи со загуба. Тоа, иако е многу битен и составен дел на правните ризици, но потенцирам – само дел, не е примарната цел на менаџирањето со правните ризици. Примарната цел е да се направи покомплексна анализа, со кои активности ќе работи една корпорација и како тие активности ќе влијаат на крајната состојба на корпорацијата, што се рефлектира на покачување на акциите, зголемувањето или намалувањето на платите, дали потенцијалните инвеститори ќе бидат посигурни или поскептични. Еве да го земеме примерот со нафтените компании. За обичниот човек работата на нафтената компанија значи вадење нафта, рафинирање и продавање, но тоа е само едно мало делче од сложувалката, всушност тоа е многу поширока активност која вклучува многу други поврзани активности кои со себе носат многу повеќе ризици од тоа дали денес цената на нафтата е 45 или 50 долари за барел. На пример, првично ризик постои за истражување за локација за бушење на нафта, потоа постои ризик при преговарање, доколку нели, треба да се стапи во преговори за јурисдикцијата односно во преговори со локалната влада која го поседува земјиштето, па следи ризикот дали ќе успеат преговорите за истражувањето да не биде бадијала. Доколку успеат преговорите, им следуваат преговори со други компании, со кои ќе се договори набавка на опрема за бушење и складирање. Доколку и оваа фаза помине следи обезбедувањето на површината. За жал, во многу места каде што се најголемите наоѓалишта, има ситуации тие наоѓалишта да се напаѓаат и кршат, ограбуваат, значи треба да се инвестира во луѓе кои ќе го обезбедуваат сето тоа во соработка со локалната полиција, што исто така е ризик. Потоа следува бушењето, нормално, познато е дека тука има ризик – дали ќе се најде нафта или не. Па ризик постои и откако таа нафта ќе биде испумпана, нели треба некаде да се складира додека да биде однесена во рафинеријата“, објаснува Најденовски.
Сајбер нападите – многу актуелен правен ризик за компаниите
М-р Марко Најденовски ги посочува и човечките ресурси како едни од сегментите на правните ризици што дополнително укажува на нивната системска сложеност како процес.
„Згора на се, за сите овие активности кои ги набројав, постојат и потребни се човечки ресурси кои треба да се платат. За бушење на нафта треба да имате тим кој си ја знае работата, зошто секогаш ќе се постави прашањето зошто нив да им се даде работата. Значи имате трошок, време и пари. Откако сето ова ќе се склопи заедно се стигнува до делот кој ние го знаеме како испумпување, рафинирање на нафтата и продавање. Значи се работи за сложен процес, неминовно поврзан со правни ризици“, вели тој, додавајќи дека од друга страна, пак, фармацевтските компании, кои следно ги истакнува како пример, ги имаат речиси истите проблеми, набавка на суровини и најнова технологија.
„Производствените процеси на компаниите од аспект на правните ризици се покомплексни отколку што изгледаат“
„За нив треба да се има најдобро обучен кадар, бидејќи за разлика од нафтените компании кај фармацевтските компании постои фактор ризик многу поголем од нафтените компании бидејќи крајниот конузмент на продуктот е човекот. Знаеме во последниве неколку години дека имаше одредени лекови кои предизвикуваа несакани последици. Значи ризикот е повисок за некој степен од оној на нафтените компании“, вели Најденовски подвлекувајќи дека денес во светот постои и еден многу актуелен ризик за кој тој посветил доста истражување во својот научен труд.
„Она што е од особена важност во таа насока е дека постои и еден многу актуелен ризик фактор за компаниите денес, на тоа и при моето истражување му дадов посебен акцент, а тоа е прашањето за сајбер нападите, упаѓање на хакери на сајтови или на дата база на компании и индустрии. На пример, во Обединети Арапски Емирати хакери го нападнале системот на одредена нафтена компанија и нивниот систем бил нефункционален пет дена и тоа резултирало со страотен пад на акциите, бидејќи таа копмпанија не можела пет дена да биде присутна на берзата, не можела да тргува, да продава и да купува. Нејзините акционери не можеле да ги продаваат своите акции бидејќи се третирала како непостоечка“, објаснува тој.
Во правно-организациската структура на компаниите неопходно е да има тело за менаџирање на правните ризици
„Значи, сето тоа е правен ризик и треба при создавање на компанијата односно при состанок на одборот на директори, луѓето задолжени за овој сегмент од работењето да нагласат дека ова се проблемите кои треба да се адресираат и дека треба да се направи структура – правна структура на компанијата во која ќе има некое тело како работна група, комитет или комисија која што ќе ги набљудува овие ризици и континуирано ќе го следи развојот на истите за да може соодветно да ги одбие таквите ризици, што сето ќе рефлектира стабилност и подобар профит на компанијата, а инвеститорите ќе бидат посигурни. Тука, во овој контекст, го посочувам примерот од 2009 година во САД по падот на банките и по банкротирањето на одредени компании од автомобилската индустрија. Во овој случај инвеститорите престанале да инвестираат во блок акции во ваквите компании бидејќи станале скептични дека ова може да се повтори.
„Компаниите кои имаат формален систем за менаџирање на правни ризици се попривлечни за инвеститорите“
Праксата покажува дека засега оние компании кои имаат формален систем за менаџирање на правни ризици се попривлечни за инвеститорите отколку оние што немаат или имаат, но не е ставен во формална смисла и правна рамка во самата компанија“, елаборира Најденовски, акцентирајќи дека од тука јасно се гледа дека менаџирањето на правните ризици е нешто што не треба да биде запоставено, туку напротив треба да биде еден од топ приоритетите при работењето.
Искуствата на М-р Марко Најденовски во однос на Македонија говорат дека во земјава свеста на менаџерите и познавањето на проблематиката со правните ризици од страна на компаниите е на почетно ниво.
Во Македонија се прават првите чекори – потребна е промена на „мајндсетот“ на компаниите
„Што се однесува во Македонија, моето скромно искуство покажува дека компаниите не се баш толку добро запознаени со она што значи менаџирање на правни ризици. Многумина мислат, како што посочив на почетокот, дека менаџирање на ризик значи менаџирање на финансиски ризик, односно дали ќе имаме или нема да ja имаме загубата или проектот ќе има или нема да има профит, или зголемен профит. Поголемите компании имаат своевиден неформален систем на менаџирање на правни ризици, односно тоа значи дека за одреден проект кога се размислува дали да се влезе или не во проектот, тоа прашање се разгледува на состанокот на бордот на директори, а има одредени комитети и работни групи кои даваат свој придонес и мислење по однос на тоа, меѓутоа сето тоа е неформално. Знаеме дека е популарно компаниите во Македонија да се сертифицираат по одредени стандарди, па така одредени ISO стандарди, на пример, наложуваат дека треба да се има систем за менаџирање на информации. Сето ова поттикнува да се крене свеста кај македонските компании, меѓутоа се уште тоа е сегментирано. Не се гледа севкупно туку парцијално, па и така се поставуваат на Одборот на директори прашањата за ризиците: на еден состанок финансиските, па правните итн. Значи, потребно е мајндсетот на компаниите и луѓето кои ги водат компаниите да биде насочен кон тоа дека секоја активност, дури и најбаналната активност како договор за набавка на хартија за печатење е ризик, затоа што може утре добавувачот да престане со работа, да се смени квалитетот на хартијата, може да се случи вашата компанија да пропадне, па да не ја реализирате обврската за плаќање и ред други ризици“, посочува тој.
Според него, сето тоа е ризик и треба да биде ставено во одредена легислативна рамка, која ќе биде ставена во актите на компанијата и ќе се има одредени тела и одредени стручни лица кои ќе ги менаџираат ризиците.
Како да се креира ефикасен систем на правни ризици во компанијата?
„Тука зборуваме пред се за правници, но тука треба да има и финансиски консултанти, експерти за човекови ресурси, менаџери и нормално, треба да има луѓе од највисокиот ешалон како извршните директори кои сето тоа ќе го координираат. Во големите компании надвор од Македонија односно во развиените економии, тоа е регулирано најчесто со Комитет за ризик и во него се вклучени сите овие луѓе кои јас ги набројав и тие постојано ги следат активностите на компанијата и активностите поврзани со тие делувања и ризиците кои може да ги повлечат.
„Британците посебно се гордеат дека моментално тие се предводници на менаџирањето на правни ризици“
Денес Велика Британија и САД се јурисдикциите со најразвиен систем на менаџирање на правни ризици, а Британците посебно се гордеат дека моментално тие се предводници на менаџирањето на правни ризици бидејќи, нели, Лондон се смета за центар на Европа и може да се носи рамо до рамо со Њујорк и Вашингтон, но исто така и поради фактот дека Берзата за тргување во Лондон е една од најголемите на светот. Стабилноста на британските компании довела да се случи креирање на најголемата берза, но и квалитетните системи на менаџирање со правни ризици“, посочува Најденовски, кој истакнува во тој актуелен контекст дека компаниите од технологијата кон правните ризици пристапуваат со голема сериозност.
Технолошките компании пристапуваат со голем ентузијазам кон правните ризици
„Навестив дека IT компаниите во последно време пристапуваат со голем ентузијазам кон ова бидејќи се свесни дека во денешно време технологијата е она што го движи светот. Затоа и посочувам дека технологијата има многу специфични ризици, еве како експликација да го земеме примерот со најпопуларната технолошка битка помеѓу ЕПЛ и САМСУНГ. Значи не е работата дали САМСУНГ ќе извади подобар телефон од ЕПЛ или обратно, туку позадински има толку многу сегменти што повлекуваат ризик за да се дојде до крајниот продукт како толку дебатиран. Во таа насока, еден од поклучните аспекти за тахнолошкиот ризик е и самиот патент и прашањата поврзни со тоа како и кој го има патентот, кому треба да му се бара дозвола, кому треба да се плати, па потоа следат софтверските решенија, на пример дали ќе има отворен оперативен систем или не. Потоа ако е лиценциран кому треба да му се плати за лиценцата, како тоа ќе влијае врз крајната цена и како ќе биде влијанието врз корисникот – дали ќе биде пријателски настроен или не кон овој оперативен систем. Потоа следат материјалите, суровините за производство на самите уреди, телефони, лаптопи, телевизори. Одредени компании изминативе години имаа проблем затоа што излезе дека некои материјали што се користат за телевизорите се канцерогени, значи тука треба уште при самото осмислување на продуктот да се ангажираат луѓе кои ќе кажат кои материјали ќе се користат, па да се ангажираат луѓе кои ќе верификуваат дали некои материјали чинат или не чинат или кои материјали се издржливи, кои материјали не се издржливи и дали некои материјали може да повлечат ваков ризик. Потоа раководните луѓе во компанијата треба да донесат одлука врз основа на тие информации кој материјал ќе се користи. Да споменеме дека битен момент е и селектирањето на роботниците, исто така. Не заборавајте дека тука е и безбедноста и заштитата на здравјето на работниците, колку часови ќе работат, во какви услови ќе работат, дали се адекватно платени, дали добиваат доволно време за одмор, дали работните часови и плата не се косат со конвенции за заштита на човекови и трудови права. Значи секој сегмент во работата на една компанија, дури и најбаналните, односно она што можеби на нас субјективно ни делува така, носи ризик на компанијата. Секој ризик треба адекватно да биде перцепиран за да може компанијата да даде и адекватен одговор, односно импактот на ризикот да биде сведен на минимум заради доброто на компанијата“, објаснува М-р Марко Најденовски.
Проблематично во Македонија е што превентивно слабо се консултираат правниците и адвокатите во глобала
За Најденовски е проблематично што во Македонија мошне слабо се консултураат правниците и адвокатите, особено во оној сегмент што значи култура на превенција и креирање на оптимална правна свест.
„Во Македонија погрешно се сфаќа не само менаџирањето на правните ризици, туку и консултирањето на правници во глобала“
„Да се вратам пак на разликата помеѓу Македонија и Велика Британија. Она што го забележувам во Македонија е дека многу погрешно се сфаќа не само менаџирањето на правните ризици, туку и консултирањето на правници во глобала. Кај нас компаниите консултираат адвокати само откако нешто ќе тргне наопаку и потоа се алармира, па треба адвокатите во најбрз можен рок сето тоа да го средат и да ја поправат ситуацијата во компанијата. Чест на исклучоци кои го имаат прифатено пристапот на западните компании. Подобро е да се спречи отколку да се лечи – е така функционира и смислата на правните ризици. Подобро и поевтино е да се консултираат адвокати или тимот на правници во компанијата или адвокати кои се ангажирани како соработници пред почетокот на било каков проект или акција, дури и за, како што напоменав, најбаналното потпишување на договор за набавка на стока на пример, затоа што правниците знаат и секогаш ќе гледаат компанијата да го добие подобриот дел од договорот и да ги елеминираат оние елементи од договорите кое ќе направат штета или да повлечат ризик штетен за компанијата. Како што реков, не сите компании и фирми во Македонија се повикуваат на адвокат откако нешто ќе се случи, па така добар дел од IT компаниите во земјава си имаат свои адвокати и буквално за секоја ситница се консултираат со нив се со цел ризиците да се сведат на минимум. Ова значи помал трошок, но и ударот на сите тие ризици кон компанијата ќе биде многу помал односно минимален во однос на тоа каков би бил без ангажман на адвокати“, смета Марко Најденовски.
Модернизирањето на општеството ќе доведе до тоа да се сфати важноста од соработката со адвокатите
Според него, со модернизирање на општеството компаниите полека сфаќаат дека соработката со адвокатите, правничките тимови и правните консултатнти е многу корисна, особено што и за добивање на одредени сертификати мора да се покаже дека се соработува со одредени адвокати за советување на било какви активности.
„Модернизирањето значи и поголеми економски комуникации. Еве да ги земеме за пример и компаниите кои доаѓаат како странски инвеститори во Македoнија. Теоретски да, тие компании се доволни сами за себе да работат тука, но дали е тоа така во практиката? Тие компании од некаде мора да добиваат суровини, мора да добиваат работна сила, а тоа значи дека мора да се соработува со локални компании.
„Секој човек кој што има барем малку бизнис сенс сигурно пред да склучи договор со некоја компанија ќе направи, она што го нарекуваат Англичаните, длабинска анализа (due diligence)“
Секој човек кој што има барем малку бизнис сенс сигурно пред да склучи договор со некоја компанија ќе направи, она што го нарекуваат Англичаните, длабинска анализа (due diligence). Дали фирмата е ликвидна, дали има долгови, каква е финансиската состојба, како се третирани вработените, а она што го прават компаниите кои доаѓаат од Запад, односно кои инвестираат е поставувањето на прашањето: Дали вие како компанија имате тим за менаџирање на правни ризици? Е сега, помеѓу две компании кои имаат иста репутација, иста цена, иста финансиска состојба сигурно дека инвеститорот ќе склучи договор со таа која има систем за правни ризици. Тоа не само што е дополнителна сигурност за инвеститорот, туку е дополнителна сигурност и за компанијата од другата страна, но и градење на нејзиниот имиџ. Значи, домашната компанија си гради и имиџ за нејзината сериозност затоа што гарантира дека е направена анализа на договорот со самото тоа што е посветена со свој тим кон правните ризици. Инвеститорот нема да склучи договор со компанијата без систем за правни ризици затоа што таква компанија сноси ризик и за инвеститорот, но и за самите нив. Со тоа може да се создаде ripple effect, ако се склучи договор со компанија која не ги пресметала своите ризици. На пример, ако се обезбедат материјали кои треба да бидат дел од конечен продукт, а такви материјали не се адекватни за некој пазар, ќе доведе до застој на работата, па паѓање на акциите, со тоа ќе се намали довербата на инвеститорите во вашата компанија, со тоа ќе се намали вредноста на вашата компанија и намалување на профитот, а тоа ќе иницира и ќе доведе до незадоволство кај работниците. Колку и да некои работи на обичниот човек му делуваат небитни, тие носат своја тежина и ризик за работењето на компаниите. Затоа сметам дека е добро да се направат засилени активности за кревање на свесноста, пред се, на менаџерите на компаниите и луѓето вработени во највисокиот ешалон на компаниите, како и помеѓу правниците во Македонија, дека менаџирањето на правни ризици е нешто што треба да биде во перманентен фокус и да се обрне доста внимание, бидејќи е тренд во светот и зема се поголем замав, но и не само тоа – менаџментот на правните ризици е огромна потреба во правниот свет“, елаборира специјалистот за правни ризици.
Преку засилена соработка, конференции и едукација до македонска јурисдикција која може да се носи со светските трендови
Тој нагласува дека навременото детектирање на важноста и имплеменатцијата на правните ризици е од особена важност за македонското право, но и економија бидејќи се работи за поврзани општествени и деловни сегменти. Додава дека од ислучително значење е што таа едукација пионерски се пробива прекуАкадемик Конференциите за управување со правни ризици.
„Би било добро како јурисдикција да се приклучиме поагресивно кон овој тренд додека е се уште во самите почетоци, наместо подоцна да се трудиме и да се обидуваме да ги стигнеме другите. Тоа може да се оствари многу лесно со соработка со правни консултантски компании вон земјава, но и со постоечките во Република Македонија, преку конференции како што е Конференцијата на Академик за управување со правни ризици кои импонираат со својата иновативност и корисност за компаниите. Овие конференции не се наменети за само некој да одржи предавање и да си замине туку смислата е локалните компании да покажат заинтересираност и да се остручат за овој проблем, да бидат проактивни и да покажат јасен интерес.
„Соработката со правни консултантски компании, конференции и едукација е пат кон прилкучување кон светскиот тренд во современото право“
Така се гради правната култура за правни ризици и така му се дава импулс на корпоративното право и деловни врски, а тоа е сигурен влог во иднината. Тоа на минатогодишната Конференција за правни ризици, убаво го дефинираше американскиот адвокат Блеин Бортник од Њујорк која кажа дека менаџирањето на правните ризици е тренд на иднината. И ние не треба само на хартија да речеме, да, еве го следиме трендот, туку реално и практично да се вклучиме бидејќи ова ќе има свој импут и ќе даде позитивен ефект за финансиската состојба на компаниите, ќе креира одлична слика за нив, но и за правниците во компаниите, но и во и за државата. Со тоа компаниите ќе може полесно да се пробијат на меѓународниот пазар бидејќи ќе може да се носат рамо до рамо со компаниите од Запад. Можеби не по обртот на средства или по остварениот профит, меѓутоа по сите сегменти на модерното работење кои ќе бидат застапени и во работењето на македонските компании, а со самото тоа едновремено постануваат и поатрактивни за соработка и се етаблираат како поспособни и поконкурентни деловни ентитети за излез на странскиот пазар“, заклучува Најденовски, кој советува дека за правилно поставување на реалните системи за менаџирање на правните ризици, тие треба да бидат ставени во формална рамка соодветно во хиерархијата на компанијата, резимирајќи дека успехот, како што покажуваат и британските и европските искуства ќе биде евидентен и инспиративен.
Разговараше: Милчо Велјаноски
Објавено: 12.10.2014
преземено од АКАДЕМИК