ДЕФЛАТОРНА ПАРАНОЈА
Автор: Виктор Трифуновски   Објавено на
share

 


Економската теорија која се форсира на државните универзитети, вели дека падот на цените ја умртвува економијата бидејки потрошувачите, очекувајки дополнителен пад на цените, ја намалуваат потрошувачката со што доаѓа до пад на производството и зголемување на невработеноста. Ајде да видиме колку е ваквата теорија издржана низ искуствата од нашето непосредно минато.

Од 2003 година наваму либерализацијата на телекомуникациските услуги донесе драстичен пад на цената на телефонијата и интернетот. Дали луѓето ја намалија побарувачката на телекомуникациски услуги? Не, туку напротив!
 
Во последниве 15 години сведоци сме на драстичен пад на цените на текстилните и електронските производи, како и на компјутерите поради увозот од Кина. Дали луѓето ја намалија потрошувачката на ваквипроизводи? Не, туку напротив!
 
Во последниве 5-6 години имаме и полиберализиран пазар на половни автомобили што исто така доведе до пад на цените. Дали луѓето ја намалија побарувачката на автомобили? Не, туку напротив!
 
Податоците од САД и Европа покажуваат дека луѓето трошат повеќе производи и услуги во периодите кога нивната цена паѓа. Најбрзиот економски раст во САД во периодите 1820-1850 и 1865-1905 година покажува дека во овие периоди цените се речиси преполовени, додека земјата прераснала во економска велесила. Тогаш зошто толку страв од дефлација, и какви се „проблемите“ кои таа реално ги создава?
 
Живееме во ера во која државата има огромно влијание врз економскиот живот, додека инфлацијата е еден од инструментите со кои државата го реализира таквото влијание. Во тој правец е развиена и економската теорија според која инфлацијата наводно има позитивно влијание врз економијата. Денес е широко распространето академското верување дека ниската инфлација (најчесто од 2 до 6%) е пораст на цените кој потрошувачите не го чувствуваат, додека во исто време компаниите и државата ги зголемуваат своите приходи.
 
Истовремено се верува дека инфлацијата ја зголемувала конкуретноста на националната економија. Но таквата инфлација во период од 15 до 20 години ја преполовува вредноста на примањата на потрошувачите, и на долг рок тоа е главната причина поради која тие трошат помалку. Бидејки платите не растат паралелно со инфлацијата, нормално е да се намали потрошувачката и да дојде до рецесија, во која цените се враќаат на ниво од прединфлаторниот период. Нормално, тогаш пазарот ги казнува сите бизниси кои постоеле или пораснале благодарение на инфлацијата. Компаниите го намалуваат обемот на производството, некои дури и престануваат да постојат.
 
Големиот американски економист Мареј Ротбард (Murray N.Rothbard) во својата книга Човек, Економија и Држава (Man, Economy and State) вели дека рецесијата е последица на инфлацијата и на неодговорното трошење на државата, и за да се избегнат непријатностите кои ги носат рецесиите, потребно е државите и централните банки да не продуцираат инфлација. „Да го обвините пазарот за рецесиите, е како да ја обвините гравитацијата за авионските несреќи. Пазарот ги казнува лошите бизнис играчи на ист начин како што гравитацијата ги казнува лошите пилоти и неквалитетните летала. Инфлацијата е илузија која создава привид дека одредени компании и сектори можат да работат профитабилно. Таа илузија се губи кога инфлацијата ќе сопре, а еднаш мора да сопре.“
 
 
Економистот од австриско потекло и добитник на нобелова награда по економија 1974 година, Фридрих фон Хајек (Fridrich von Hayek), докажува дека економијата неможе да биде сведена на една единствена бројка (Бруто Домашен Производ - БДП) која во предвид ја зема единствено потрошувачката. Според него, БДП е обична равенка која е употреблива само во рацете на државните бирократи. Однесувањето на потрошувачите и понудувачите неможе ниту секогаш да се измери, ниту секогаш да се набљудува низ призмата на БДП. Автоматизацијата на производството носи помали трошоци по единица производ, додека конкуренцијата притиска кон намалување на цените и зголемување на квалитетот. Ваквите трендови немаат секогаш позитивно влијание врз равенката БДП, но сигурно позитивно влијаат врз квалитетот на човековиот живот.
 
Академскиот татко на современиот државен интервенционизам и на равенката БДП е Џон Мајнард Кејнз. Кога го прашуваат за штетните последици од државниот интервенционизам на долг рок, Кејнз дава една многу несериозна и крајно непромислена изјава велејки:„На долг рок сите сме мртви!“ Во една од неговите последни дебати со Хајек, Кејнз покажува колебливост во однос на сопствените теории, и ветува дека  е спремен самиот да ги побие доколку се покаже за потребно. За жал, Кејнз умира шест месеци по оваа изјава, оставајки го економскиот свет да верува во многу негови заблуди кои за жал, денес се општо прифатена вистина.

Инфлацијата, (пре)задолжувањето на државите, државните монополи во многу сектори, масовната државна потрошувачка, валутните војни меѓу државите, политичкото кокетирање со крупниот капитал, и особено обвинувањето на дивиот и нерегулиран капитализам за сите возможни општествени проблеми (не само за економските кризи)...се само дел од неговите академски конструкции кои денес се интелектуално надградени, и тоа со обемно финансирање од страна на државите.
 
Европа денес е заглавена токму во ваквите заблуди. Неможејки економските проблеми да ги гледа вон БДП, неможејки да ја надминат апсурдноста на „Агрегатната Потрошувачка“ несакајки да ја прифатат реалноста која ја носат бизнис циклусите, Европа никогаш нема искрено и комплетно да ги прифати мерките за штедење, и особено нема истите да ги имплементира до крај.
 
За да отпочне одреден циклус на инвестирање, мора да постои акомулација на капитал која е претходно насобрана, а за тоа е потребна намалена потрошувачка во еден подолг временски период. За да можете да инвестирате, морате да имате заработен капитал, или да позајмите туѓ капитал за одреден интерес, кој претходно го собрал некој друг. Економски раст НЕ се создава ОД НИШТО. Ваквата реалност Кејнз се обидува да ја избегне со активирање на државата како потрошувач кај приватниот сектор, и не само тоа. Според него, државата треба да изведува масовни инфраструктурни проекти со цел да ја зголеми вработеноста, но и да ја зголеми понудата на капитал што неретко подразбира и печатење на пари. Но тука освен инфлацијата, проблем представува и обемот на инфраструктурата.

Патиштата, мостовите, браните, школите, болниците, административните згради, итн... сето тоа еднаш ќе се изгради.. и што потоа? Што ќе прави државата кога целата инфраструктура ќе биде изградена? Кејнз во една радио емисија вели дека сето тоа може да се сруши, и едноставно да почне да се гради повторно. СЕРИОЗНО! Кејнз вели:„Зошто да не го срушиме половина Лондон, од Вестминистер, па се до Гринич, и да го изградиме повторно? Новите згради и патишта ќе бидат подобри и поквалитетни од старите, плус ќе отвориме нови работни места.“ Но освен градежништвото, како да се заживеат и останатите стопански сектори? Кејнз и овде лансира „брилијатна идеа“ во своето писмо(последната реченица од 8-миот пасус) до Рузвелт:
 
„Вие претседателе имате одговорност, во името на мирот и просперитетот, да превеземете и мерки чија намена е во корист на војната и уништувањето.“
 
Одлично срочено, нема што. Со други зборови: Создадете воена индустрија која континуирано ќе се троши. Тоа е ерата кога започнува Њу Дил. Тогаш почнува да се гради воено-индустрискиот комплекс кој на САД и донесе многу непријатели, но и изгубени животи. Од тогаш, до ден денес, САД е континуирано во војна...СЕКОЈ ДЕН!
 
Токму во тој во кој правец води паранојата од дефлација. Наместо да згаснат неодржливите субвенционирани бизниси, наместо да се прежалат незаслужените работни места во многу државни служби, наместо да се намалат одредени социјални бенефиции, наместо да се одработат сите мерки кои подразбираат десоцијализација на економијата, со што би зајакнал приватниот сектор и би заживеал пазарот... Европа се погласно промовира идеа за сопствен Њу Дил. Браво!
 
 
Во кој правец ќе отиде таквата идеа, не е воопшто тешко да се предвиди. Но додека Европскиот Њу Дил е сеуште само идеа, вреди да се потсетиме дека единствената која притиска кон мерките за штедење е Ангела Меркел. Да не беше таа, и германската јавност која сеуште стои позади неа, денес еврото најверојатно ќе беше валута со повеќе нули, слично како некогашната Италијанска Лира или Грчка Драхма. Впрочем, како би се вратила конкуретноста на европското производство на меѓународните пазари... со десоцијализирана економија, или девалвација на заедничката валута? Идеата за инфлација е таа која доминира, и таа комплетно се поклопува со идеата за европски Њу Дил. Па, имајки во предвид дека Меркел нема вечно да биде на чело на Германија, јасно е во кој правец ќе отиде Европа. 

Дефлацијата е монетарен феномен кој нашите пари ги прави повредни, а производите поевтини. Тоа е истовремено и катарза низ која мора да помине секоја економија за да создаде пазарно прифатливи производи, одржлив и стабилен економски раст, како и зголемување на животниот стандард. За жал, идеите на Кејнз се предоминантни во економската теорија за објективно да се согледа ваквата реалност.

Таквите теории треба да се исфрлат од нашиот образовен систем, и да се заменат со АВСТРИСКАТА ЕКОНОМСКА ШКОЛА, единствената економска мисла која интелектуално и политички стои позади неограничено слободниот (дивиот) капитализам. Тоа е идеа која во кратки црти почива врз одговорноста и слободата на секој подинец неограничено да соработува со сите други поединци во светот. Тоа е идеа која повикува на одговорно трошење, и штедење кое носи инвестиции без никаква инфлација. Тоа е идеа која ги тера на меѓусебна мирољубива соработка сите луѓе без разлика на нивната националност, вероисповест, пол или раса.

Се разбира, таквата идеа има и одредени „недостатоци“. Тоа е комплетната елминација на политичарите од економскиот живот, но пред се нивно дистанцирање од нашите пари.

извор - http://hermatistika.blogspot.com/2014/11/blog-post.html




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани