Н. Возрасни и деца (3)
Автор: Цветин Чилиманов   Објавено на
share

 

Не се согласувам дека ја запоставив мојата преписка со почитуваната
Мирка Велиновска, како што таа вели во својата најнова колумна во Нова
Македонија (линк -
http://jadiburek.com/sodrzina_detalno.aspx?id=1800). За дел од
нејзините тези коментирав во настапот во емисијата Јади Бурек (линк -
https://www.youtube.com/watch?v=z2GZrzCS2Ec&list=UUhOBtprZCuaA99IFCFBxIKg)
но таа епизода секако му беше повеќе посветена на Ивица Боцевски.

Затоа, да ја продолжиме преписката која почна од септември во Њујорк
(претходните епизоди се тука
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=926141052164&id=13&prilog=0&setIzdanie=23283
– тука - http://www.jadiburek.com/sodrzina_detalno.aspx?id=1690 тука -
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1010141054592&id=13&prilog=0&setIzdanie=
и тука - http://jadiburek.com/sodrzina_detalno.aspx?id=1718 )

Веќе реков дека во мојата преписка ќе се фокусирам на една од темите
кои Мирка ги отвора (Мирка користи нешто што дури подоцна,
благодарение на еден симпатичен твитер коментатор научив дека се
викало сачмарка - аргументирање - плесни го соговорникот со 300 ситни
зрна и земи му цел ден да одговори на секое од нив поединечно. Јас за
возврат ќе користам 12 милиметарска кугла, и ќе враќам на по една
темите кои Мирка ги отвара во својата последна колумна, во надеж дека
ќе ја убијам нејзината аргументација на лице место. Во случајов и не е
тешко да се избере дека темата на која ќе одговорам ќе биде Косово.


Мирка во својот текст иронизира дека јас сега мирно спијам откако
Косово е независно, и вели дека САД ни подготвуваат Илирида за да ја
смена Македонија. За тие што не знаат, Косово е нарко држава
управувана од бандити кои на живи луѓе им ваделе органи без анестезија
и ги продавале на богати западњаци, додека со својата стапка на
прираст ќе го преплават Балканот и ќе ги дестабилизираат постоечките
држави за исполнување на плановите на Америка и светската
масонерија... Ова е кратката карикатура за нашиот најнов сосед (јас
имам теорија дека грчка Македонија наскоро ќе ни биде најнајнов сосед,
и воедно ја користам оваа прилика да кажам дека со задоволство би
прифатил да бидам именуван за конзул во Никити). Но, назад на случајот
на Косово.
Се согласувам со Мирка донекаде. Факт е дека Македонија многу претрпе
од породилните болки на косовската независност. Меѓународни криминални
групи од Косово во 1990ите години добија во најмала рака премолчана
поддршка од Запад да дејствуваат слободно, со разбирање дека дел од
нивните профити ќе биде насочен кон пораз на Србија и уривање на
Милошевиќ. Вооружените групи кои се создадоа со овие пари не се
распуштија утредента по Кумановскиот договор и победата над Србија,
исто како што и нивните криминални босови не се преквалификуваа во
нови и општествено полезни професии по српскиот 20 октомври, кога
нивните услуги, барем теоретски, веќе не беа потребни. Тие продолжија
да војуваат во Прешево и Бујановац, каде неодамна Еди Рама беше
пречекан како премиер место Александар Вучиќ, а потоа и во Македонија,
каде и покрај широката можност прашањата поврзани со правата на
малцинствата да се решаваат преку политички процес, над 200 луѓе ги
загубија животите во бесцелна војна (додека го пишувам ова,
македонските Албанци се на пат да станат последната етничка група во
регионот која се уште политички е предводена од поранешни герилски
команданти).

 


http://i53.tinypic.com/28jxqat.jpg
До тука се согласуваме. Почнуваме да не се согласуваме во моментот
кога Мирка ја претставува состојбата пред независноста на Косово како
нормална или стабилна. Да бидам фер, таа не го кажува тоа за Косово,
барем не во оваа колумна, но честопати кажала дека Сирија или Ирак
биле стабилни држави пред да дојдат Американците, нешто на што остро
се спротиставувам, а и оваа колумна и е полна со алузии
надестабилизирачката улога на Јенките. Според мене, според моето
гледање на работите, југословенскиот систем граден од Комунистичката
партија беше длабоко нестабилен генератор на проблеми. Пред се со
општествената трансформација која ни ја наметна. Али Ахмети знае да
каже дека ние, Македонците и Албанците, сме биле горе долу исти во
српско време, значи два народи под туѓа окупација, со слични
општествени карактеристики, но потоа, по ослободувањето, почнале да се
создаваат разликите. И донекаде има право. Македонија по 1944 година
поминува низ драматична општествена трансформација во СФРЈ, но таа
трансформација не се одвива еднакво и рамномерно насекаде и кон сите
етнички групи. Колективизацијата (честопати присилното одземање на
нивите од селаните и формирање на задруги каде сите работат заедно и
ги делат плодовите на трудот) се спроведува многу поинтензивно во
македонските краишта отколку во етничките албански заедници, каде,
знаеме, имало и конфликт од низок интензитет со албански вооружени
чети долги години по ослободувањето што го попречило комунизирањето.
Освен разликите кои почнуваат да се јавуваат во руралните средини,
изградбата и вработувањето во државните индустриски претпријатија, а
да не зборуваме за јавната администрација, повторно многу поинтензивно
беше насочена кон Македонците, отколку кон Албанците. Тоа се покажа и
емпириски по Рамковниот договор, кога се виде дека Албанците во
државна служба се далеку под процентот на население кое го
претставуваат во земјата.

 


Јавните сервиси, како здравството и образованието, исто така беа
насочени повеќе кон Македонците отколку кон Албанците - за здравството
сите ја знаеме карикатуралната слика, а јас како докторско дете
многупати и лично сум бил сведок дека имаше поинаков пристап кон
Албанците, кои плаќаа во девизи за да добијат соодветна нега, додека
ние, Македонците, поквалитетна нега добивавме со врски. За
образованието, честопати Албанците сами си градеа училишта, за да
можат да учат на сопствен јазик, и да не бидат
изложени на образовен систем кој ги вкалапуваше децата да одговараат
на владејачката идеологија (се сеќавам на пребројувањето во основно
училиште во кое од нас се бараше да кажеме дали сме Македонци или
Југословени. Албанците, кои секако не се Словени, сигурно дека имале
многу забелешки на третманот во образованието, дури и да имало солидни
училишта изградени во нивните села, и дури и наставата да била
на јазик кој го разбираат, а честопати тоа не беше случај).
Да скратам, се создава ситуација во која Македонците стануваат
левичари, а Албанците десничари. Македонците стануваат зависни од
државата за работа, стан, пензија, образование на своите деца, па дури
и баналности како годишен одмор...Албанците остануваат во поголема
мерка од Македонците приватни
сопственици на своите ниви и шуми, се занимаваат со приватен бизнис
(знаевме да ги навредуваме како семкари и слаткари, понижувајќи притоа
и еден горд народ и чесната трговска и пекарска професија), потоа
остануваат подлабоко врзани за нивната религија и како резултат на
начинот на кој живеат, нивната

http://www.kosovo.net/usce.jpg


семејна заедница останува поцврста отколку македонската, која се урива
под налетите на социјалната држава. Ако пред 1944 година и немало
голема разлика во наталитетот меѓу Македонците и Албанците, по
комунистичката трансформација Македонецот се потпира на државата за
грижата во староста, а Албанецот се потпира на своите (помногубројни)
деца. Додека Македонецот по правило нема приватен бизнис да им го
остави на своите деца, Албанецот во децата гледа некој што утре ќе му
помогне при работата во дуќанот или на нивата, а потоа и ќе го наследи
во занаетот. Секоја чест на исклучоците, се разбира дека имаше
Македонци приватњаци, со големи семејства и побожни луѓе кои чуваа
пушка по дома, а имаше и Албанци кои работеа за државата, не формираа
семејства и се еманципираа до даска, значи обично не сакам да
генерализирам за цели народи, но ако гледаме процентуално, двата
народи тргнуваат по крајно различен пат, а во рамките на иста држава.
Ова е рецепт за судир и катастрофа. Кога два народи стојат еден до
друг, и живеат во различни општествени уредувања, низ историјата се
покажало дека тие вршат притисок едни врз други, пополнуваат празнини
кои се јавуваат кај едните или другите, и честопати, поуспешното
општествено уредување, тоа кое е економски или демографски повитално,
се шири на сметка на тоа кое има инфериорно општествено уредување. Тоа
е правило кое важи од Дедо Ное, целосно е прифатено од
материјалистичката дијалектика, значи треба да и биде блиско на Мирка,
и не ни се случува само на нас Македонците и на Албанците. Дури може
да се каже дека не толку одамна улогите биле променети – турските аги
и бегови секако смртно се плашеле навечер да поминат низ многудетните,
добро вооружени и опасни македонски села во кои се пееле песни за
последната борба во која турскиот аскер бил фатен во заседа
од ајдутите и комитите.



Истиот овој процес, само во поинакви демографски проценти и во многу
посуров и поголем интензитет се случуваше и на Косово, кое со децении
беше сериозен извор на дестабилизација на цела Југославија. Тука сакам
да направам една забелешка, дека СФР Југославија во својот карактер
беше пред се економски репресивна држава. Таа имаше закони кои
забрануваа приватно вработување над одреден (мал) број работници.
Забрануваше влез на странски капитал, банки или претпријатија. Строго
контролираше увоз и извоз, кои компании и колку смеат да увезуваат и
извезуваат строго определени производи. Ако сакаш БМВ Алпина или
оригинал дијадорки или пестокец, твој проблем, ќе добиеш Југо и некоја
бедна копија на посакуваната гардероба. Државата ја прогласи целата
земја за своја сопственост и слободно го кршеше правото на приватна
сопственост врз ниви, куќи и дуќани. Полициската репресија во
Југославија, и употребата на тајната полиција и армијата за
задушување на политичките бунтови и безредија се само симптом и
последица на длабоката економска репресија и економска неслобода која
владееше во Југославија, тие беа обид со сила да се одбрани системот
во кој еден мал број на луѓе, организирани во затворена политичка
организација, сакаа да контролираат се што мрда, лета, дише и збори во
државата.
Косово е нарко држава, честопати знаеме да кажеме. Точно, одреден
процент од Албанците се занимаваат со криминал, и верувам дека тој
процент е повисок отколку што е истито процент кај Македонците или кај
Србите, и порано во СФРЈ и денес. Но, побогу, зборуваме за состојба
која се развила во тоталитарна држава која ЗАБРАНИЛА ВОДЕЊЕ НА
ПРИВАТЕН БИЗНИС!!! Која не ви дозволувала легално да си заработите за
живот! На Запад знаат да кажат дека нема оправдување ако некој решил
да одбере да се занимава со криминал. Во Југославија и тоа како имало
оправдување за тоа. Која била алтернативата во Југославија да најдеш
работа и обезбедиш егзистенција, а ако немаш роднина на висока
позиција, или си од погрешната етничка група, особено една од
нејугословенските? Дали Албанците можеле легално да почнат да се
занимаваат со градежништво, да купуваат, реновираат и градат куќи и
згради, бизнис во кој сега се без конкуренција? Да отворат приватно
погонче за производство на сирење или живинарска фарма? Да ги
извезуваат своите земјоделски производи во странство? Да увезуваат и
тргуваат со автомобили, машини, бела техника? Сето тоа беше забрането
во Југославија или строго контролирано, подложно на конфискување,
експропријација, регулаторни забрани, барање мито... Значи, не можеш
да им забраниш на луѓето да се занимаваат со чесна работа, а потоа да
кажеш, еј, види ги, Арачиново е криминално дувло! Што очекуваш да
прават, да легнат и да умрат? Доколку имало повисок криминалитет во
Југославија, лоциран кај една или неколку етнички групи, тоа е вината
на власта која од корен откорнала се што функционирало во претходниот
систем, ја забранила приватната сопственост над средствата за
производство, недвижниот имот и земјата. Комунистичката репресивна
власт од дел од еден чесен и трудољубив народ направи криминалци.
Освен, се надевам, дека нема да промовираме некоја теорија за
природна, генетска склоност на еден народ кон криминал, теза која во
старт ја отфрлам.
Но, еве, дури и да ја земеме за валидна тезата дека еден народ може да
биде природно склон кон криминал, или дека, како што често пати можам
да слушнам од Македонци, да има план за демографско освојување на
одредена територија. Од социолошка гледна точка, ако Албанците во
Македонија и на Косово не биле доволно изложени на социјализмот,
нивните сонародници во Република Албанија пак беа изложени на оваа
погубна идеологија до даска во времето на Енвер Хоџа. И разликите се
јасно видливи.. Да ги погледнеме бројките од кои се на крајот на
краиштата ќе зависи – наталитетот. Албанците во Македонија имаат една
од највисоките стапки на наталитет во Европа. Албанците во Република
Албанија, независно дали се од северот или од југот, кои биле изложени
на суровиот обид за изградба на нов општествен поредок од страна на
Енвер Хоџа со далеку поголем интензитет од сите жители на Југославија,
а особено Албанците во Југославија, денес се урбанизирани, во голема
мерка присилно секуларизирани, независно дали се муслимани, католици
или православни (членови на овие вери се менуваат на власт!) и имаат
една од најниските стапки на природен прираст во светот. Албанците се
стаписаа кога ги погледнаа бројките од последниот попис, очекувајќи
дека ќе бидат близу 4 милиони увидоа дека се под 3.  Значи не е до
народот, не е до генетскиот материјал. Истиот Македонец или Албанец
ако го ставиш во дикататурата на Хоџа или Тито, може да стане или
државен роб или бандит. Ако го однесеш во Германија или Австралија,
каде има пристап до капитал, закони кои му ја бранат инвестицијата, и
слободен пазар на кој може да се натпреварува, тој ќе стане газда,
бизнисмен, во најмала рака господин човек. Затоа, сакам јасно и
отворено да посочам дека вината за општествените разлики во
Југославија, за порастот на криминалот, национализмот и
дестабилизацијата која доведе до војна, не лежи во политичките водачи
на помалите народи, или во ЦИА, операцијата Гладио или НСА, не се
виновни Волерсовци, Холбруковци и Карингтоновци, туку лежи во
неприродниот и репресивен систем кој беше изграден од страна на
Комунистичката партија на Југославија.
Зошто во таа Југославија немаше странски банки? Зошто немаше странски
фабрики? Зошто место национализација, не беше дозволена
интернационализација на веќе посточеките приватни бизниси во
растечката економија на повоената западна Европа? Ако Американец роден
во гето се сврти кон криминал, тоа е за осуда, бидејќи тој човек има
опција, ако сака, да се пресели од гетото, крај краева може да оди на
нафтените полиња во Северна Дакота каде нема да го прашаат ни кој е ни
од каде е, и со одредено ниво на
труд, со чесна работа, да изгради чесен живот за себе. Но, не можам да
осудам човек ако се оддал на криминал во држава која не дозволува
странска банка да влезе во неа и да почне да нуди кредити за почнување
на сопствен бизнис. Која, притоа, забранува отворање на приватни
бизниси. Да беше Југославија отворена за странски инвестиции, луѓето
ќе имаа алтернатива, да избираат меѓу чесна работа и криминал. Па
тогаш, ако пак се занимаваа со криминал, можеме без грижа на совест да
ги осудиме. Но, Југославија имаше воведено забрани за отворање на
приватни бизниси, забрани за увоз и извоз со странство, не
гарантираше право на сопственост на недвижниот имот и можеше кога сака
да ти го национализира дуќанот, погонот, станот или нивата. Во такви
услови државата е гангстер, државата е мафија, а не граѓаните.
Каква и да била обесправеноста на Албанците во Македонија во времето
на СФРЈ, обесправеноста на Албанците на Косово беше десетпати
поголема. Српските власти сакаа да го спречат природниот процес на
преселба од село во град кој се одвиваше во сите други делови на СФРЈ,
и затоа не издаваа дозволи за градење, уриваа “дивоизградени” куќи, со
сила градовите ги правеа мали, за Албанците да останат рурално
население, а Приштина, на пример, да остане барем до пола српска.
“Вишокот” Албанци, непожелни за српските власти, седеа по селата,
бегаа на Запад, или се преселуваа низ Југославија, многумина од нив во
Македонија, каде пак честопати доаѓаа без познанаства и пријатели, во
земја во која на нив гледаат сомничаво не само Македонците, туку
понекогаш и нивните сонародници, тукашните Албанци. Денес, по
бомбардирањето на НАТО и прогласувањето на независноста, Косово
слободно се урбанизира и еманципира. Приштина порасна од околу 150.000
жители во 1999 година (половина Срби, половина Албанци), на 400.000
денес (скоро сите Албанци). Руралните жители од Косово кои сакаат
подобар живот за себе, сега ја имаат опцијата релативно слободно да
изградат куќа во најблискиот соседен град на Косово, да бидат во земја
која ја познаваат, каде имаат семејство, пријатели и роднини. Јас
посакувам Македонија да има најотворена можна граница со Косово, како
што посакувам да има целосно отворени граници со сите соседи, за да се
овозможат слободно да се развиваат трговијата, семејните врски,
образованието и туризмот. Но, притоа, драго ми е што природните
процеси на миграција сега можат да се одвиваат слободно на Косово, без
репресијата од страна на српските планери за тоа кој град и до каде
треба да биде српски, а до каде албански, која придонесе кон тоа да се
дестабилизира и Македонија.
Да го погледнеме прашањето и подлабоко, идеолошки. Како резултат на
овој експеримент приреден од страна на југословенската Компартија и
тогашното апсолутистичко раководство на СФРЈ, ние можеме на пракса, на
терен, во секојдневниот живот да ги видиме разликите во идеологиите
кои ги застапуваме, јас и ти. Левичарската идеологија колабираше.
Народите кои ја следеа немаат деца, немаат пари за пензиските фондови,
младите гледаа како да побегнат или да се пикнат на државна цицка,
огромните општествени комбинати пропаднаа од превработеност и
игнорирање на пазарните потреби, валутата се печатеше во милијарди,
хиперинфлацијата ја изеде средната класа и на крајот, во повеќето
источноевропски држави мирно, а кај нас со многу отпор и по многу
изгорени градови и села и стотици илјади жртви, ком-партијата беше
урната од власт.
Мене ми е тешко Југославија, земјата која правела записници од тоа што
се зборувало во салонот на мојот дедо, да ја доживеам како моја
држава, и затоа ми е тешко и конфликтот со Албанците да го сфатам во
вообичаените меѓуетнички и меѓурелигиски рамки. Јас го разбирам како
конфликт на две филозофии на живеење, левата и десната. Од една
страна, приватна сопственост, семејство, религија и индивидуализам, од
другата страна државната сопственост, распад на семејството и
религијата, колективизам. Тоа беше конфликт во кој десницата победи, а
левицата загуби. Албанската заедница, во која преовладуваа малите
семејни бизниси, кои нудеа производи и услуги засновани врз пазарните
импулси и тоа што потрошувачот го сака (па макар се работело за крајно
прозаични работи како тулумби и сончоглед), преживеаа и просперираа.
Комунистичките диносауруси засновани врз самоуправувањето кои требаше
да ја движат економијата со производство на хемикалии, тешки метали,
машини, челични плочи, денес не можеме ни да ги досрушиме за на нивно
место да изградиме по некој трговски центар (кој секако ќе смета на
посетители од Косово за да биде профитабилен).
Социјалната држава се покажа како погубна за наталитетот. Македонскиот
народ, кој порано беше споредуван со пиреј (демек колку и да го
корнеш, пак ќе порасне), денес во некои делови е трчи,трчи, сопни се.
Од друга страна, кај Албанците се покажа дека, што помалку
социјалистички реформи и експериментирања, толку посилно и поздраво ќе
остане семејството. Јас како Македонец и конзервативец во нашите
соседи Албанци гледам пример кој треба да го следиме, пример дека може
успешно да се функционира со помалку зависност од државната работа и
државната пензија, а повеќе од сопствениот труд и од помалите,
автономни слободни заедници како што е семејството, маалото, селото,
црквата...
Да ги тргнеме настрана религијата и етничката припадност кои велат
дека јас би требало да навивам против независно Косово, ако случајот
на Косово го дефинираме како идеолошки конфликт (а сите судири од
Студената војна беа и идеолошки конфликти), јас сум дефинитивно на
страна на Албанците, како страна која стои зад слободниот пазар и
традиционалните вредности. Албанците применуваа приватна иницијатива
дури и во дипломатијата, сфера за која и најзакоравените
либертаријанци ќе кажат дека треба да биде дејност на централната
Влада. Додека СФРЈ имаше амбасади во последната африканска државичка,
стотици дипломати во Париз, Берлин, Лондон и Вашингтон, сите централно
координирани од политичката машина во Белград, стотици млади, високо
мотивирани, формално необразувани, но интелигентни Албанци успеаа да
формираат неформална дипломатска мрежа, да организираат протести,
контактираат со странски медиуми, создадат пријателства и контакти
меѓу западните политичари, и буквално да ја наддриблаат тромата
југословенска дипломатска машинерија и да ја победат 10:0. Тоа е исто
така пример кој Македонија треба да го следи, како млада држава која
има надворешно-политички проблеми, а ја наследи тромавоста и вродената
инерција на југословенската дипломатија.
Зборувајќи за идеологијата на албанското прашање, драга Мирка, знаеш
дека дури и носењето оружје од страна на некои Албанци, за кое
честопати се зафркаваме на Јутјуб (со оние снимки кога веселите
сватови ќе се распукаат на свадби, а честопати некој и ќе си го добие)
мене ми е разбирливо, па дури и политички доблесно. Америка е
заснована на вториот амандман на Уставот, членот кој вели дека
граѓаните имаат право да поседуваат оружје, и тоа сфатено не само за
лов или лична самоодбрана, туку и како политички инструмент кој ќе
служи за контрола на тиранската власт. САД не се соочиле со
диктаторски претседател за да мора да го употребат своето оружје
(десницата во САД ќе рече дека не се соочиле со диктаторски
претседател токму затоа што постојано им мафтаат со оружје под носот
на своите владетели), но Албанците во Југославија дефинитивно се беа
соочиле со дикаторска власт. Без можност да формираат партии и да се
борат за своите права, со тајна полиција која им дишеше во врат, ги
апсеше, регрутираше како кодоши (па и ликвидираше, како што дознаваме
благодарение на германската полиција), без можност за заштита на
личниот имот и почнување на приватен бизнис, граѓанинот има природно
право да се брани. Од Џон Лок и Томас Пејн па наваму е прифатено дека
против таква тиранска власт употребата на сила од страна на граѓаните
е дозволена. Така да, за мене, нивната борба против српските власти,
за независност на Косово, е легитимна.

Оттаму, да, драга Мирка, јас помирно спијам откако Косово стана
независно. Затоа што знам дека сега има далеку поголеми шанси моите
соседи да не бидат дилери на дрога, или националистички обоени
екстремисти, или верски радикали, како што обично ги претставуваме.
Туку, сега, под своја сопствена управа, која го има легитимитетот на
огромното албанско мнозинство од граѓаните, имаат шанса да ги укинат
пречките за водење бизнис, пречките за урбанизирање на нивните градови
(да почне преселбата од село во град), сега можат место креативноста и
од Господ дадениот талент и дарба (а кој несомнено го имаат) да го
насочат не кон забранети активности туку да се докажуваат во бизнис,
трговија, угостителство, слободно и без опресија.
Ова ме потсетува на првиот дел од озлогласената реченица на Љубиша
Георгиевски, која во време на целосна медиумска контрола на власта над
опозицијата во Македонија безмилосно му беше изманипулирана и
илјадапати повторувана извадена од контекст - само во нејзиниот втор
дел. Сите знаеме дека Љубиша рече дека ќе им ги сече канџите на
албанските орли, но никој не знае дека во истата реченица првин рече
дека ќе им дадеме шанса високо да летаат – но ако пуштат канџи, ќе им
ги сечеме. Тоа е правилниот пристап по ова прашање: да почнеме од тоа
дека е фер да си признаеме дека албанските орли во Македонија (а
стопати повеќе во Косово) беа принудени да живеат како кокошки, без
можност да ги рашират крилјата и да летнат високо колку што им дава
нивното знаење, талент и трудољубивост. Југославија, со лудата
економска политика која ја водеше, уништи цели генерации од сите свои
“народи и народности”. Но, ако Македонците како јужно-словени, имаа
излезни вентили во државното вработување, Албанците во голема мерка го
немаа тој излезен вентил. Денес, Македонија го исполнува првиот дел од
ветувањето дадено од Љубиша
Георгиевски – намалува даноци и бирократски пречки за терање бизнис,
отвора можности за слободна трговија со Албанија и Косово, со сите
други соседи, и со цела Европска Унија, ги легализира диво изградените
куќи (при што Албанците кои по правило беа подискриминирани при
добивањето дозвола за градба сега секако се застапени во повисок
процент од Македонците во легализацијата), дозволува влез на странски
банки и телеком компании (па дури и со албански етнички предзнак), и
на секој можен начин им се дава шанса и на албанските орли и на
македонските лавови да се докажуваат во бизнисот и трговијата. Со тоа
се отстранува опасноста да се свртат кон криминал и кон
радикализација.



Една од разликите меѓу линиите на фронтот во 2001 и 2014 година е што
денес, на едно од бојните полиња, има неколку фабрики од кои само една
има извоз во Европската Унија вреден скоро милијарда евра годишно.
Волерс ни планира Илирида, велиш? Еве да е така - тогаш Волерс ќе мора
да им објасни на газдите на американските фабрики во Бунарџик зошто
луѓе со минофрлачи се шетаат во близина на нивните бизниси и
инвестиции.
Точно, признавам, американската надворешна политика е во хаос, особено
во изминативе години, сериозно непредвидлива, подложна на влијанија и
без долгорочна страгегија. Таква (иако не до толку лоша) била
ситуацијата и порано. Во своите мемоари Крис Хил кажува дека САД
случајно влегле кај нас. Не сакале да влезат во Босна, каде се гинело,
особено не под знамето на ОН, па не одбрале нас како помало од
неколкуте југословенски зла, каде ќе распоредат војници. Буквално на
тепка, благодарение на дисфункционалноста на американскиот политички
систем, сме добиле американски војници на северната граница, а со тоа
и држава. Ќе се бореше некој кај нас против планот Милошевиќ – Самарас
Македонија да се држи како непризнаена додека не дојде згоден момент
да не поттурнат да се приклучиме кон СР Југославија? Да не беа
Американците, со се нивната хаотична,
не-гледај-како-се-прават-колбаси-ако-си-гадлив надворешна политика,
денес на Македонија претседател веројатно ќе и беше Марко Милошевиќ.

А инаку што мислиш, руската надворешна политика се води од високи
принципи и идеали и добро обсмислени шаховски потези? Или и тука имаш
милион муљатори, олигарси, армиски и полициски разузнавачки офицери
кои се туркаат да излобирата за отцепување на ова парче на Грузија,
или она парче на Казахстан. Разликата е во тоа што во САД ова правење
колбаси се одвива горе-долу јавно, па можеме да видиме кој кого
подмачкува. Ако некој конгресмен, сенатор каже нешто против
Македонија, просто можеш да отидеш на сајт каде се наведени сите
негови донатори и да удриш пребарување за дел од збор - на пример
"pulos" - и добиваш информација колку Грци со овој за нив
карактеристичен дел од презимето му донирале пари. Можеш да видиш од
каде ти доаѓа заканата. Еден ист американски политичар притоа
честопати е сосем отворен и за твојот став, доколку најдете заеднички
јазик (читај - донации). Има конгресмени кои се истовремено и во
македонската и во грчката група за пријателство. Си има конгресменот
гласачи и донатори и од двете страни и ќе ги игра и едните и другите.
Јас само ги чекам еден ден да заборават на чиј настан присуствуваат и
на Грците да им тропнат дека го поддржуваат приемот на Македонија во
НАТО. Во Русија или во Кина го немаш тој луксуз на транспарентност при
формирањето на надворешната политика, но тоа што таму не го гледаш
правењето на колбасот воопшто не значи дека процесот е многу повеќе
фито-санитарен.
Значи баталете празни приказни дека САД ни спремаат специјалка или
дестабилизација. Мене лично ми е топло околу срцето кога гледам како
краиштата како Тетово или Качанички пат просперираат, како се отвораат
фабрики, магацини и погони. Иако согласно етничката и верската логика
Албанците би требало да ми бидат туѓи, мене ми е мило што имаме
динамични економски зони во Македонија, и што имаме потенцијално
динамичен трговски партнер и растечки пазар на север од нас. Кои се
споровите кои Македонија ги има денес со Косово? Чат пат по некоја 2-3
дневна трговска војна, и тоа ако го погледнеме балансот на трговска
размена, ќе забележиме дека Косово во Македонија извезува одвај
неколку десетици милиони евра стока, додека ние извезуваме стотици
милиони. Границата меѓу нас е решена. Национализмот во Албанија и
Косово тлее, но факт е дека двајца поранешни герилски команданти, кои
несомнено наредувале ликвидации, напади на цивили и што се не друго,
денес се борат за власт во Приштина – не со оружје туку во со месеци
долга парламентарна процедура. Се надмудруваат кој ќе успее побргу да
закаже седница, или да обезбеди кворум. Што сакаш кажи, тоа е
напредок.  Дај Боже утре, со смена на власта во САД, да се реализира и
проектот за изградба на сериозна термо-централа на Косово, па жителите
на таа намачена земја, и Албанци и преостанатите Срби и Роми, и што и
да е, да можат да почнат да градат просперитет околу природните
ресурси кои ги имаат. Македонија може само да профитира ако Косово
стане побогато и поразвиено. Зошто да не сакам на мојот сосед да му
биде добро?

Aircraft Carrier Planes Wallpaper Free Desktop 8 HD Wallpapers


Меѓу другото, тука се крие и силен аргумент за спорот за името, кој
јас честопати им го повторувам на албанските пријатели кога ќе запнат
дека ние треба да го смениме името за да влеземе во НАТО (и со почит
ми го прифаќаат). Албанците можеа да ги прифатат дволичните и лажни
понуди од Милошевиќ за автономија. Можеше со тоа да се избегнат
воздушните напади и војната. Но, Милошевиќ ќе останеше на власт уште
некое време, денес на власт можеби ќе беше Марко Милошевиќ или гледаме
уште виталниот Војислав Шешељ, а и БЈР Македонија можеби ќе беше дел
од таа приказна. Ќе имавме постојана дестабилизација од Косово и војна
со низок интензитет и постојана нестабилност, никакви инвестиции и
никаква перспектива. Албанците, место автономија, решија да одат до
крај и да се борат за тоа што е нивно право против држава која според
сите критериуми мораме да признаеме дека беше тоталитарна (а според
пресудата од Хаг, и геноцидна). Слично како нив, и Македонците мора да
речат доста е, има црвена линија преку која не одиме, за среќа нашиот
спор со Грција не е воен, туку повеќе се води со симболични чекори, и
ние тука на грчката објава на војна (ветото од Букурешт) возвративме
со сета сила (со јасно ставање на знаење дека имаме право да се
повикуваме на целото историско наследство на Македонија). И барем ги
имаме јасно исцртано линиите на тоа што е наше право и кое го браниме
без отстапување. Тоа е аргумент кој верувам дека Албанците можат да го
разберат и да ни го почитуваат.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани