НИKОЛЧО ЛАЗАРОВ, АДВОKАТ
На агенциите не плаќајте им долг за заостанати сметки
Многу граѓани деновиве добиваат решенија од нотар и од агенции дека должат за заостанати сметки. Зошто тоа секогаш се случува пред Нова година и како да постапат граѓаните по нив се главните прашања на кои ни одговара адвокатот Николчо Лазаров. Тој предупредува на неколку ситуации во кои граѓаните може да реагираат за долгот за кој се товарат. Особено, вели адвокатот, граѓаните треба да внимаваат на датумите.
Граѓаните се жалат дека им стигаат нотарски решенија за наплата на долг без претходно да се известени дека се води постапка против нив. Дали ова значи дека се ставени пред свршен чин?
- Во основа, јавните претпријатија со доставата на месечните сметки за комуналии, доколку има заостанат долг, даваат опомена во форма на известување за тоа. Оваа опомена е составен дел од сметката или, пак, како додаток на посебен лист, но ретко кој тоа го забележува. Затоа сметките треба внимателно да се прочитаат и да се провери нивната содржина. Инаку, опомена како правен институт не постои, туку тоа е само добра желба, повик и потсетување до должниците да го платат долгот, но во никој случај нема обврзувачко дејство. Уште помалку, пак, опомената претставува „пресудена работа“ од причини што тоа не значи с` уште институционално започнување на постапката. Затоа граѓаните може сами да одлучат, согласно со своите финансиски можности, дали ќе постапат по опомената или ќе чекаат да почне законска постапка за наплата на заостанатиот долг. Надлежни органи за водење на постапката се прво, нотарите, а доколку има приговор, тогаш судовите и на крајот извршителите, кои дефинитивно го наплатуваат долгот. Во оваа постапка должниците си имаат свои можности да реагираат на одредени работи.
Но, често известувања - решенија за долг не стигнуваат само од нотари, туку и од агенции. Дали и ваквото решение ги обврзува граѓаните?
- Во последно време граѓаните добиваат дописи во кои се наведени како должници на определени јавни претпријатија од непознати „агенции“. Притоа, освен тоа што се наведува дека постои долг, често во ваквите дописи нема од што произлегува долгот и кон кого е направен. Дури во прилог со известувањето има и уплатница пополнета со сите податоци и паричните средства што треба да се платат, но ако добро забележите, во делот „цел на наплата“ не се наведува за што се однесува, туку стои само „долг“. Овие агенции во основа немаат посебна правна форма при наплата, туку се фирми за вршење услуги. Ваквиот документ не е обврзувачки за граѓаните и немаат никаква обврска да ги платат. Исто така, граѓаните немаат обврска да преземат какво било правно дејство за да го оспорат таквиот повик, односно да напишат приговор, жалби и сл. Kај таквите налози ќе забележите дека се работи за долгови кои се од подолг временски период, односно за обврски за која веќе одамна настапила застареност. Инаку, апсолутниот рок за застареност на секое побарување е десет години од денот на настанување на долгот, и тоа граѓаните треба да го имаат предвид.
Ако веродостојно е само нотарското решение, што тогаш да направат граѓаните кога ќе добијат ваков документ?
- Kога ќе го примите решението, треба да проверите дали се однесува на вашето броило, како и на состојбата на броилото за потрошена енергија или друг вид услуга. Зависно од тоа, на располагање ви стојат две можности. Прво, да го платите долгот заедно со нотарските трошоци. Ова го велам затоа што граѓаните избегнуваат да ги платат каматата и нотарските трошоци, а без тоа практично не се исполнети обврските што произлегуваат од решението. Имено, согласно со Законот за облигационите односи, кога се наплатува долг, секогаш првин се наплатуваат трошоците на постапката, па потоа следува каматата и на крајот основниот долг. Ако се уплати само дел од сумата на решението (колку што изнесува само основниот долг) сепак с` уште стои главниот долг и за тој дел каматата и натаму продолжува да ви се пресметува. Рокот за доброволна наплата изнесува осум дена од денот кога сте го примиле решението.
Второ што можете да направите, ако посочениот долг веќе е наплатен или имате други забелешки, е да поднесете приговор во рок од осум дена од денот кога сте го примиле не сметајќи го тој ден. Овој рок, како што велиме правнички, е преклузивен, тоа значи задолжителен и ако го поднесете приговорот и со задоцнување па и еден ден, т.е. деветтиот ден се смета за ненавремен.
Kои долгови од нотарското решение граѓаните мора да ги платат бидејќи често се жалат дека се работи за сметки кои се стари и по неколку години?
- Веднаш да напоменам, кај комуналните сметки рокот за застареност изнесува една година од денот на настанување на обврската за наплата, а за фирми три години. Што значи тоа? Ако сега во 11. месец како граѓанин ви поднесат предлог за наплата преку нотар за сметка за десетти месец од претходната година, таа сметка е веќе застарена и за тој дел имате право да приговарате. Затоа препорачувам дека при добивање на решението првин да го проверите денот на приемот кај нотарот и споредете го со месеците од кои потекнува долгот. Посебно сакам да напоменам дека рокот за застареност се истакнува веднаш уште со приговорот затоа што подоцна, особено во жалбената постапка, ако не сте го истакнале, немате право да го истакнете, а и да го истакнете, нема да се земе во одлучувањето. Исто така, ниту нотарот ниту судот по службена должност не внимава на застареноста, туку се внимава само по приговорот на странката.
Можат ли граѓаните сами да го напишат приговорот и како тоа да го направат?
- Приговорот се доставува до нотарот кој го издал решението лично ако ви е во близина или преку пошта. Ако го праќате преку пошта, тогаш мора да биде пратен со препорачана пратка и само тогаш се смета за уредна достава. Предноста за достава преку пошта е тоа што ако сте заборавиле да доставите приговор, тоа можете да го направите последниот ден од истекот на рокот до 19 часот. Приговор се поднесува доколку постојат забелешки за главата работа, т.е. за долгот. Ако се работи за забелешки во висината на трошоците на постапката кои ги определил нотарот, тогаш се поднесува жалба во суд. Најдобро е приговорот да го направи стручно лице, но ако тоа е преголем трошок, можете да го сторите и сами. Приговорот треба да содржи четири битни елементи за да може да се смета уреден и судот да одлучува по него. Тој треба да содржи: прво, до кој нотар се упатува со сите негови податоци; второ, бројот и датумот на решението против кое се поднесува; трето, причини поради кои се поднесува и ако имате докази да ги наведете и да ги доставите со приговорот (може и фотокопија) и четврто, задолжително приговорот мора да има потпис на должникот. Истото се однесува и на жалба против решение за трошоци. Образложението може да биде формално и да се приговори само со неколку реченици и тоа во целост.
Внимавајте на датумите!
Што е битно граѓаните да знаат кога примаат нотарско решение за долг?
Нотарите носат решение само за наплата врз основа на веродостојна исправа, а тоа се: фактура, сметка, аналитичка картичка и други средства за наплата. Доверителот постапката пред нотар ја почнува со предлог за наплата во најмалку два примерока со доказите (еден од примероците се доставува на должникот). Нотарот е должен, по приемот на предлогот, да стави приемен печат на сите примероци и да го заведе во своите архивски книги. Но во пракса честопати нотарите удираат приемен печат само на првиот примерок што останува во нивните архиви, а до граѓаните го доставуваат примерокот што нема таков печат. Овој примен печат е многу битен, затоа ги предупредувам граѓаните задолжително да го утврдат датумот кога е поднесен предлогот бидејќи од тој датум се проверува дали предлогот за наплата е поднесен навреме или се работи за застарен долг. Ако не е удрен печат на прием, тогаш најдобро е да се посети нотарот што го издал решението и со непосреден увид да се утврди датумот на прием. Нотарот е должен да го овозможи тоа.
Одбивање да се прими документот
Дали се битни и други датуми?
Бидејќи рокот за наплата тече од моментот на прием на решението, кога го примате решението при потпишувањето, задолжително со ваша рака напишете ги датумот и месецот на прием. Во многу случаи нашите граѓани од разни причини одбиваат да го примат документот. Препорачувам да не го правите тоа зашто во таков случај законот предвидува дека доставувачот доставницата со решението може да го стави на огласна табла на надлежниот суд и по поминати осум дена, се смета дека решението е веќе правосилно и извршно. Kако граѓанин не можете да имате контрола кога точно тоа ќе се случи и нема да можете да реагирате. Доколку доставувачот, пак, не најде никој дома, должен е да остави покана, во која е назначено од каде и во кој тек може да се подигне доставата и кои се последиците ако не го направите тоа.
Kатерина Нешкова