Опасни евроатлантски игри
  Објавено на
share

 Иако и сега со логистика на медиумско-експертската пропаганда се глуматара дека Грција е лузерот, дејствата покажуваат дека ЕУ-бирократијата и „офуцаните“ политички елити што го играат последното танго во 2015 година пред да заминат во историската депонија се истресени од гаќи од „екстремната“ левица на Ципрас

 

Е па, драги мои, Алексис Ципрас и неговата екипа во неделата заедно со грчкиот народ одиграа ризична, храбра и наедно велелепна политичка партија шах, која сосема сигурно влегува во историјата на човештвото. Пред да стане нов европски мит оти Грците се мајстори за тоа, дозволете да го преповторам гласно советот на ѕвездочатецот на Елизабета Прва, која била пред решавачка одлука во услови на опсада од шпанската флота. Секој човек носи одлуки во согласност со сопствениот карактер: плашливецот плашливи, колебливиот колебливи, храбриот храбри, решителниот решителни, итриот итри. Ципрас и Варуфакис влегоа во партијата како велемајстори во комбинирани дејства со знаења, излезни решенија, познавања на психологијата на човекот, со процени за мотивацијата на грчкиот човек, дешифрирање на геополитичкиот миг. И победија. 

Беше тоа несреќен ден за бриселскиот бирократско-лобистички апарат и за декадентните и пропаднати политички елити на Европа. Со еден збор, мизерија! Иако и сега со логистика на медиумско-експертската пропаганда се глуматара дека Грција е лузерот, дејствата покажуваат дека ЕУ-бирократијата и „офуцаните“ политички елити што го играат последното танго во 2015 година пред да заминат во историската депонија се истресени од гаќи од „екстремната“ левица на Ципрас. Со оваа применета стратегија, момчево го раздрнда до темел светот. На пример, азиската и њујоршката берза утрото по референдумот паднаа за 4 проценти. 

Интересно е да се открие кому му одговара ваквиот земјотрес. Кој ќарува, кој загуби и кој е вознемирен, односно кој како се однесуваше во предвечерието на референдумот. Има во оваа равенка многу непознати и еден фикс, а тоа е дека ЕУ е на колена. Ангела Меркел, најсилната жена, е во политички залез. Да ја парафразирам, дојде времето да се покаже колективната солидарност и да се изостри личната одговорност. Е, да! Сега веќе не е лесно да си во кондурите на истопорените евробирократи и „национални лидери“ што ја доведоа Европа во ситуација на воена окупација, всадени конфликти, безработна, раздрндана, осиромашена и неизвесна територија со фиктивно владение на фиктивни држави што практично се обезвластени.

Во ваков хаотичен и испаничен амбиент во кој европските политички елити се најзагрижени за своето лично утре, господинот Мартин Шулц го свика во Стразбур Европскиот парламент на сесија по повод фамозниот и таинствен договор за трансатлантско трговско и инвестициско партнерство што се крчка во целосна тајност веќе пет години, а според изборната агенда на САД треба да се потпише до крајот на годинава. Е па, поради „неочекуваниот“ резултат на грчкиот референдум (ох, боже, можно ли е напуваните европски политичари со сиот раскошен логистички апарат да верувале во својот мокар сон, идентичен на оној што редовно го сонува преку своите анкети експертот Ѓорѓи Спасов) дека ќе заврши со нивна победа наспроти волјата на народот!? 

Тројанскиот коњ на Вашингтон, данајскиот подарок за Европа, се истопори пред портите на Стразбур. Европските парламентарци го ставија на брза лента и во средата изгласаа необврзувачка резолуција со која ги одобруваат преговорите за трансатлантското партнерство. Во Вашингтон, Барак Обама веќе потпиша закон со кој се самоовластува за забрзување на трговските договори. Европската десница со 436 гласа „за“ наспроти левичарските 241 глас „против“ „солидарно“ ја презеде поединечната одговорност за идните европски настани и извесни катастрофи од епски размери. Одговорот им стигна гласно и јасно на масовните протести во Франција, Германија, Италија, Шпанија, Грција, Холандија, Полска, Чешка и во Скандинавија. Тоа што никој од „слободните“ европски медиуми не ги констатира е само симптом на болеста.

Дојде времето на опасни игри. Патем, да нотирам дека 60.000 професионални американски војници тукушто останаа без работен ангажман. Токму сега. Што мислите, што ќе работат тие заедно со 40.000 војници-повратници од „мировната мисија“ во Авганистан, а кои веќе се истоварија во Европа? Боже пази дека нешто сугерирам или алудирам на нешто! Јас само онака за џабе ве плашам.

За трансатлантскиот договор засилен со „охрабрувачка“ резолуција станува збор. Во него, во последната испреговарана рунда (поглавје), се разработени предлог-барања за приватизирање на јавниот сектор, кој опфаќа добра и услуги. На преговарачка маса се барањата на трансатлантските компании европските држави да се претворат во локални услужни центри на компаниите, односно државите да се мерџираат со компаниите. По барање на САД од анонимниот ЕУ-преговарач се бара „компромис во јавното здравство, сигурноста и екологијата“!!!??? И, како што забележува единствениот непослушник од десницата УКИП, „на удар се пациентите, потрошувачите и работниците во ЕУ“. 

Просто кажано, САД бараат, а ЕУ-бирократијата е волна да прифати да се приватизира државната администрација. Ова звучи безобразно цинично во контекст на ЕУ-барањето до Македонија да ја департизира администрацијата. Или тоа е смислено за потоа, кога ќе стане член на ЕУ полесно да ја предаде на управување и во посед на некоја трансатлантска компанија. Ама така е. САД бараат од европските држави да ја приватизираат одбраната, националните армии да станат компаниско обезбедување, јавното здравство да стане вносен бизнис за фармацевтските конгломерати и бесплатна лабораторија со човечки заморчиња, консументите на храна да станат смртно болни пациенти што се должни да јадат ГМО-производи, приватизираните водоводи низ Европа што ќе станат сопственост на монополот „Нестле“ да ги координираат жедта и покорноста преку цената на водата. Можете само да си замислите како ќе изгледаше денес водоводот во Македонија ако му успееше на либералдемократот Ристо Пенов овој тоталитарен сон да го претвори во смртоносно јаве кога науми како скопски градоначалник да го приватизира Рашче. 

Националните и европското судство со договорот ќе се трансформираат во локални работилници за решавање деликти, локални кавги и погрешно паркирање, а со меѓукомпаниски предмети ќе се занимаваат трансатлантски офшор-трибунали, приватни арбитражни судови и трансатлантско тело за пеглање на разликите во споровите. Државните царини ги губат ингеренциите топтан со развластената држава. На пример, според предлог-договорот, цариниците не смеат да ги контролираат транспортите на корпорациите оти тие се под тотална заштита на ТТИП. Вработените во јавниот сектор во земјите на ЕУ кога тој сектор ќе се приватизира стануваат наемни работници на компанијата што добила монопол врз нив. Ги купила како посед топтан со закрепостеноста. Аналогно, компанијата може да прави што сака со нив. Да им намалува плата, да ги плаќа со три оброци и кревет за преспивање или да ги отпушта од работа. Притоа, веќе нема да постои ни секторот социјална грижа оти е предвидено и тој да се приватизира. 

Па онака, патем, јас сакам предвреме да прашам, оти од 13 до 17 јули ќе се одржи нова преговарачка рунда на партнерите ЕУ и САД во Брисел. Дали македонските политичари имаат изградено позиција по оваа тема? Дали воопшто имаат поим што се случува во ЕУ оти шест месеци се занимаваат со онаа лејка од моноспитовското мочуриште која е црпната наменски и ставена под заштитен чадор, овозможувајќи им така на евроатлантските корпорациски менгелеевци на дело да видат укината и обезвластена држава? Сакам да ги прашам мислат ли тие сериозно да нn4; втераат во овој конц-логор на смртта препорачувајќи ни го како безалтернативен избор? 

ТТИП не случајно се преговара и крчка тајно од ушите и очите на европската јавност, ама веќе протече и не е таен. Затоа темава и ставовите на македонските политички елити нема да пројдат веќе како „државна тајна“. Пред изборите на кои по директива од ЕУ и американскиот амбасадор сме требале да истрчаме, главна тема нема да бидат Заев и СДСМ, кои и онака се мртви, туку токму ова за што пишувам. 

Македонците се Европејци. Ги засега нивниот статус на слободни луѓе. Затоа ќе бараат јасни одговори и позиции од кандидатите за владеење со државата, а не со кандидати за вработување во одделение на некоја трансатлантска компанија. Јас лично не сакам да станам сопственост на шпекулантот и берзански хохштаплер Џорџ Сорос, ниту експериментален глушец на „Нестле“, Монсанто, Пентагон. Не сакам да сум во кожата на германските работници што на уште непотпишан трансатлантски трговски договор веќе се претворени во обесправени наемници оти заради кризата божем, на 48 проценти веќе им се трансформирани трајните работни места во привремени, а сега „солидарната“ Меркелка им отфикари од дневницата за да o7; помогнеле солидарно на грчката презадолжена „раја“. Госпожата, која досега се грижеше само за германските приватни банки и поседници на акции преку „тројката“ и правилата за штедење, одеднаш се сети на итроманецот Бизмарк, па во очај реши вака да го пренасочи колективниот германски работнички гнев кон грчкиот народ. Мисли дека така ќе куртули. Нема! Како ни инсталираните „техничко-експертски“ влади во Италија, Романија, Бугарија (а во Македонија прават обид преку црпнатиот Заев).

Пак ќе кажам, време нема. Играва е поставена на брзи шини поради американските претседателски избори и поради организирањето на паралелниот свет во Азија и во Латинска Америка. Грешки сега веќе не се дозволени. Се игра на сn4; или ништо. Опасно е затоа што една група повластени тајно сакаат преку корумпираните „лидери“ прекуноќ да го сменат општествениот поредок и да воведат нова парадигма без да го прашаат човештвото и без да го земат предвид како заинтересирана страна. Таквите авантури завршуваат со крвав шах-мат за едната страна и никогаш со реми.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани