25.08.2015, 15:56
КИНА ГИ СРУШИ, КИНА ЌЕ ГИ КРЕВА БЕРЗИТЕ
Денеска од Истокот светна информација дека Кинеската централна банка ги намали клучните каматни стапки, податок што се очекува дека ќе доведе до стабилизирање на втората по големина светска економија
Соња Маџовска
По црниот понеделник, денеска се појави светло на европските берзи, Кина и натаму паѓаше, но на крајот од денот и од Истокот светна информацијата дека Кинеската централна банка ги намали клучните каматни стапки, како и нивото на задолжителните резерви во банките. Податок што се очекува дека ќе доведе до стабилизирање на втората по големина економија во светот која се бори со тонење на акциите. Кинеската Народна банка ги намали каматните стапки на позајмиците и депозитите за по 0,25 процентни поени, додека на задолжителните резерви за 0,50 процентни поени, односно на 18 отсто. Овие намалени каматни стапки се очекува да го стимулираат стопанството, бидејќи ќе се зголеми обемот на средства кои банките можат да ги позајмуваат.
На оваа информација реагираа европските берзи со стабилизирање и раст на индексите по драматичниот црн понеделник кога сите светски индекси забележаа пад. Берзите во Франкфурт, Париз и Лондон вчера отворија со раст кој достигна над 4 отсто.
Во понеделникот финансиските пазари во Азија, а потоа и во целиот свет, се урнаа поради стравувањата од забавување на кинеската економија и неспособноста на владата да интервенира во нејзина поддршка.
Светските пазари забележаа најлош месец во годината, но сепак светските аналитичари смируваат дека не станува збор за нова светска криза, туку за моментална реакција.
И македонските инвеститори на нашиот пазар на капитал велат дека полека спласнува паниката на светските пазари. Ако падот во понеделникот беше драматичен и изнесуваше од 15 до 20 отсто во однос на пикот што го имале годинава во април, вчера повторно европските берзи забележаа раст, што сепак води во насока дека полека се враќа балансот на пазарите.
„Падот на светските берзи е предизвикан од ефектите на забавувањето на кинеската економија. Во изминатиот период постојано доаѓаа информации и извештаи за движењата на кинеската економија кои беа под очекувањата на инвеститорите. Тоа, пак, резултираше со намалени очекувања за раст на бруто-домашниот производ во Кина од 7 на 6,5 отсто. Голем дел од инвеститорите проценија дека тоа ќе влијае и врз работењето на европските компании, што, пак, доведе до пад на цената на акциите на компаниите. Падот што се случи на европските берзи во понеделникот беше пренагласен, но вчера повторно се смири и забележа раст од 4,5 отсто“, вели Горан Марковски од КБ „Публикум“.
Тој смета дека паниката била искористена и за добра заработка, која е вообичаена за пазарите на капитал. „Дел од инвеститорите во вакви состојби гледаат можности за заработка. Да се купи поевтино и веднаш да се продаде. Тоа вообичаено се случува на пазарите во услови на широко изразениот песимизам. Ако се земе германскиот индекс ДАКС, падот во изминатиот месец е на ниво од 15 до 20 отсто во однос на врвот кој бил постигнат на 10 април годинава. Стравувањето беше преголемо во однос на состојбите, односно тие не одговараат на она што се случува во реалната економија и во Кина и во европските земји. Вчера беа објавени позитивни информации за германската економија, дека има подобри резултати во однос на проценките. И во Кина се очекува стабилизирање до крајот на годината“, анализира Марковски за „Утрински весник“. На крајот од денот, македонските берзански аналитичари прогнозираат дека паниката ќе се претвори во стабилизирање на состојбите до крајот на годинава. Благото забавување на растот на кинеската економија и експанзивната монетарна политика во Европа не создаваат основа за нова криза, како што сакаат да ја наречат дел од светските аналитичари и милијардери. Иако, некои од богаташите веќе ги бројат загубите во милијарди.
Во целата оваа панична состојба на светските берзи, движењата на Македонска берза се незначителни. Берзански аналитичари велат дека кај нас е допрено дното и нема простор за подраматични падови. Веќе неколку години се тргува на историски најниски цени на акциите на македонските компании.
За разлика од кај нас, во светот е турбулентно.
По цела година силен раст, од јуни годинава цените на кинеските акции се во слободен пад поради се' повеќето знаци за забавување на растот на тамошната економија. Мерките на властите за стабилизирање на пазарите не ги дадоа неопходните резултати, бидејќи кај инвеститорите постои стравување дека кинеската економија оваа година ќе забележи побавен раст од 7 отсто, колку што проектираше владата во Пекинг. Поради тоа, кинеските берзански индекси ги загубија сите добивки од јули, кога властите со дотогаш невидените мерки и долевање на стотина милијарди долари државни пари на пазарот се обидоа да ги стабилизираат цените на акциите. Но, не само европските, и на Волстрит во понеделникот цените на акциите потонаа за повеќе од 3,5 отсто, што е негов најголем дневен пад во последните четири години, бидејќи вложувачите почнаа панично да се повлекуваат на пазарот. Силен скок забележа таканаречениот „индекс на стравот“, а европските берзи го забележаа најголемиот дневен пад од 2008 година.
Кинеските власти досега презедоа мерки за поттикнување на економијата, меѓутоа, се чини, тие не ги дадоа посакуваните резултати поради слабоста на домашната и надворешната побарувачка. Оттаму, инвеститорите стравуваат дека кинеските власти повторно, како пред десетина дена, ќе посегнат по девалвација на националната валута јуанот во обидот да се зголеми конкурентноста на кинеските извозни производи и така да се поттикне растот на втората по обем светска економија. Меѓутоа, тоа би можело да предизвика валутна војна меѓу земјите во развој, кои се обидуваат да се одбранат на ист начин и да доведе до забавување на целокупната светска економија. Уште повеќе што се повлекува капиталот од земјите во развој и се пренасочува кон развиените пазари.
Вчера благо пораснаа и цените на нафтата на светските пазари. Американската лесна сурова нафта за испорака во октомври ја зголеми цената до 38.67 долари.
Лондонскиот бренд од Северното Море поскапи со 44 центи до 43.13 долари за барел. |