Божествена Литургија во Водоча (20.09.2015 11:38) Компатибилност на човечкиот со демонскиот разум
  Објавено на
share


Божествена Литургија во Водоча (20.09.2015 11:38)

Компатибилност на човечкиот со демонскиот разум

 

Како што вели свети Јован Лествичник: „Сè што е создадено ненаситно тежнее кон сродното на себе: крвта кон крв, црвот кон црв, земјата кон земја“. Така и човечкиот и демонскиот разум најчесто се привлекуваат меѓу себе. Како се случува тоа човечкиот разум да стане компатибилен со демонскиот разум – од каде таа сродност, соодветност, восогласеност и привлечност меѓу двата разума? И како демонскиот ја презема власта над човечкиот разум?

Да се потсетиме: умот има една енергија, но две функции: примарна – кога преку својата енергија се соединува со Божествената несоздадена енергија и благодатно и љубовно се преобразува, и секундарна – кога преку истата енергија комуницира со создадениот свет. Токму неговата секундарната функција ја нарекуваме разум. Наша цел е да ги восогласиме овие две функции преку преобразувањето на едната енергија на умот, односно да го надминеме внатрешниот расцеп и дуалистичкиот поглед на светот. 

Различна е храната на умот од храната на разумот и различно е знаењето на умот од она на разумот. Храна на умот е благодатниот опит од љубовната заедница со Бог, и светотаинската и молитвената – во очистеното и отворено срце, додека, пак, храна на разумот е овоземното теоретско образование (од која било област на науката, културата и уметноста, па дури и на теологијата, како и од разните вештини).

 Знаењето на умот е љубовното познание на Бог (како просветленост или обоженост), додека, пак, знаењето на разумот – само по себе е познание на практичниот опит во овоземните науки и вештини (меѓу кои и црковно-административното управување), како и во културата и уметноста. Идеално би било кога овие две знаења би биле восогласени.

Затоа, многу е лошо нашиот ум да го лишиме од неговата благодатна храна, што истовремено значи и од неговото знаење и љубовно познание на Бог, а истовремено да го прехрануваме нашиот разум исклучиво со разни световни знаења, па макар и со знаења од областа на теологијата, со што само ги храниме нашата суета и самољубие. Штом човечкиот ум отпадне од Бог и од сигурноста во Него, човекот  автоматски ја бара сигурноста во световното знаење и во материјалните блага за да опстане во овој свет и автоматски се разболува од самољубие – од страстите за човечка власт и слава, за овоземно богатство и за телесни наслади, а вообичаено на штета на своите ближни.

Потполно истото им се случило и на демоните. Немаат однос со Бог и опит од заедницата со Него, отпаднати од Него поради безмерното самољубие – што значи примарната функција на нивниот ум е апсолутно запоставена, додека нивниот разум е безмерно прехранет. Со други зборови, нема суштества со толкаво разумско знаење (дури и схоластичко теолошко) и многувековен опит во световните работи какво што е демонот – та секое човечко световно знаење достигнато со помош на разумот да е безмалку смешно во однос на неговото, но истовремено и нема така крајно самољубиво суштество што свесно Го мрази и отфрла Бог.

Токму во прехранетиот и обезблагодатен разум, како и во врвното самољубие, и кај човекот и кај демонот се крие тајната на нивната заемна компатибилност – тајната на нивната заемна сродност, соодветност, восогласеност и привлечност. Од една страна е човекот со својот горд, суетен и прехранет разум, кој е отворен, податлив и гладен за нови знаења преку кои би го задоволил своето самољубие, но истовремено и крајно невешт во разликување на помислите (дали се демонски или негови). Од друга страна, пак, е демонот кој бара токму таков човечки разум – кој е неспособен да го препознае и кој е подготвен несвесно (или свесно) да му служи – за да се соедини со него, да му го пренесе своето знаење и да почне да го води, така што таквиот човек да ги извршува неговите планови за конечно доодвојување на човештвото од Бог и за негово самоуништување. Идеална спојка на гревот, смртта и пеколот.

Митрополит Струмички Наум

 


 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани