КОЈ ЈА ПРЕДИЗВИКА БЕГАЛСКАТА КРИЗА?
  Објавено на
share

Сликите што денес ги гледаме од европските граници - бодликави жици, граничари со краток фитил - потсетуваат на најмрачните декади на Европа, меѓутоа, општата осуда за европските држави кои одбија да примат бегалци не е фер, пишува Кристофер Хил.

Бегалците како појава се природна последица на војната, а војната во одредени случаи е предизвикана од барања за промена на режимот. Барањата пак, најчесто наидуваат на брутален отпор од режимот, "и оваа непопустлива последователност никаде не е поочигледна отколку во Сирија."

"Претседателот Башар ал-Асад со неговата мала база Алавити, со години го контролира бруталното диктаторство во земјата...

... Всушност режимот на Асад е продолжение на владеењето втемелено од неговиот татко и претходник, Хафез ал-Асад, кога тој станува претседател во 1971-ва. Пристапот на постариот Асад, ако ништо друго, беше побрутален отколку оној на син му, како што можат да посведочат преживеаните од опсадата на градот Хама во 1982-ра, насочена кон задушување на востанието од сириското Муслиманско братство.

Обидот на Хафез ал-Асад да го задуши исламистичкиот отпор со авторитарно владеење успеваше со децении. Неговата секуларна баатистичка идеологија работеше на замаглување на разликите меѓу разните сириски заедници, посебно меѓу сунитите и неговите алавити, кои се подгрупа на шиитите," пишува поранешниот амбасадор на САД во Македонија.

По него, клучниот пресврт во криењето на проблемите меѓу сунитите и шиитите под черга, се случува кога САД го соборуваат Садам Хусеин, диктаторот на Ирак кој беше предводник на баатистичката идеологија. Во тој момент 1.300 години старата поделба меѓу сунитите и шиитите добива нова и смртоносна сила. Во времето на Садам со Ирак владее сунитското малцинство, по неговото соборување, власта ја добиваат шиитите кои ова го чувствуваат како шанса за наметнување на својата воља врз сунитското малцинство. Ова создава отпор на сунитите кон централната власт, што и не и е некоја посебна грижа на власта во Багдад.

Имајќи ги предвид сите работи на Средниот Исток и како секој пат другиот прв почна, Хил објаснува дека САД иако не се исклучиво виновни за она што се случува, сносат значителен дел од одговорноста.

Во јули 2011-та, американскиот и францускиот амбасадор одат во Хама за да се сретнат со тогаш мирната опозиција од Муслиманското братство и да се обидат да ја обединат против режимот. "По оваа посета сите шанси за дијалог или преговори со Асад беа уништени. Ниту еден од амбасадорите по нема да има состанок во Дамаск."

"Американските и француските лидери ги помешаа воените облаци кои се собираа над Сирија по Арапската пролет како рани знаци дека, конечно, земјата е спремна за демократија. Тие мислеа дека собирањето на опозицијата и соборувањето на власта, ќе бидат доволни за да се трансформира целиот систем на владеење на земјата...

Нема сомнеж дека режимот на Асад го сноси најголемиот дел од кривицата за моменталната ситуација во Сирија. Ама, во отсуство на каков било значителен политички процес, изгледа дека барањата од надвор за промена на режимот во 2011-та - кој се сведе на избор меѓу Асад и екстремистичките сунитски терористички организации – во најдобар случај не беа комплетно размислени,. Со повеќе размислување, оние што ја заговараа промената на режимот ќе забележеа дека Асад и неговите полтрони не покажаа никаков знак дека тие ќе го послушаат овој повик и ќе си заминат.

Како што стотици илјади сириски бегалци ризикуваат се' за шанса за безбеден живот, оние кои се залагаа за промена на режимот пред 4 години треба сериозно да размислат за својот избор. Наместо приклучување на хорот критики против држави како Унгарија и Србија (кои се преплавени со внатрешни проблеми и не одиграа никаква улога во поттикнување на војната), тие треба да преземат поголема одговорност за помагање на бегалците. И треба да започнат со поддршка за воспоставување на инклузивни политички структури кои можат да и помогнат на Сирија за завршување на ужасната граѓанска војна," пишува Хил.

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани