Kина, САД, ЕУ и Германија на листата на Груевски
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share

 

 

Објавено на од Дарко Јаневски

 

Најпрвин беше дека ВМРО-ДПМНЕ зела провизија од Kинезите, односно од нивната државна банка за оние 500 милиони долари кредит за двата автопата, што значи ВМРО-ДПМНЕ успеала да ја внесе во криминал кинеската држава.

Потоа беше дека ВМРО-ДПМНЕ го поткупила еврокомесарот Јоханес Хан со некои коцкарници кај Гевгелија, што значи ВМРО-ДПМНЕ успеала да ја корумпира и Европската Унија, односно нејзината комисија, чиј комесар е Австриецот. Потоа испадна дека ВМРО-ДПМНЕ успеала со пари да си обезбеди прием кај потпретседателот на САД, Џо Бајден, и преку него, односно со тие пари да ја добие милоста на Американците. Логичен заклучок е дека со ова ВМРО-ДПМНЕ успеала да ја внесе во криминал и првата по моќност земја на светот за на крајот да испадне дека ВМРО-ДПМНЕ фалсификувала возачки дозволи со фирма во која сопственички удел има и германската држава, што би значело дека партијата успеала да ја корумпира и Германија на фрау Меркел.

Така, како резиме добиваме дека од првите десет по моќност земји на светот, македонската партија, која гледано во светски рамки е минорна, успеала на својата листа на корумпираност да нареди дури три држави, плус ЕУ. Тешко е да одлучите која е поголем капиталец бидејќи сите се вредни како трофеј што ловците го закачуваат на највидното место во дневната соба.

Се разбира, работата не е целосно завршена. На листата на ВМРО-ДПМНЕ ги нема Владимир Путин и Франсоа Оланд, а недостига и британската круна. За да се добие целосен впечаток за тоа колку е способна партијата на Никола Груевски, ни недостига и некој грчки премиер, што би бил обратен процес од оној во времето на Kиро Глигоров и Љубомир Фрчковски кога Грците сакале да го поткупат нашиот тогашен претседател и од времето на Љубчо Георгиевски кога овој имаше изградена стратегија на распродажба на македонската економија на јужниот ни сосед. С` во име на добрососедството, нели.

Штета, ама изгледа пред некоја седмица Груевски немаше чуено за американската лотарија со главна награда од 1,5 милијарда долари. Очигледно, час работа би било за оваа партија да го намести добитникот и така да има за сите наместо овде да се малтретираме со издавање државни хартии од вредност, со должничкото ропство, што ни го најавува Kире Наумов, или да слушаме муабети меѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставревски за маките што ги имал овој вториов кога требало да купи плочки за станот. Патем, не разбравме, што бидна со тие плочки? Kаква боја беше избрана?

Интересно, паралелно со СДСМ, ваквата кампања за способноста на СДСМ главно ја туркаат медиумите платени од Сорос, УСАИД и неколку други странски амбасади, што би значело дека сето тоа се базира на стандарди и професионализам недостижни за режимлиите. Па еве една молба до споменатите странски распрскувачи на демократија во Македонија: Може ли да ни откриете кого ВМРО-ДПМНЕ ќе го намести како победник на Европското првенство во фудбал летово и во чија полза ќе ги фалсификува претседателските избори во САД? Два податока доволни за еден македонски живот.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани