Турско-руска војна Минативе неколку дена Турција ги обнови острите реторики кон Русија
Автор: Латас   Објавено на
share

Минативе неколку дена Турција ги обнови острите реторики кон Русија. Турскиот претседател Ердоган објави дека руски борбен авион Су-34 влегол на територијата на Турција.

Согласно интензитетот на летови над Сирија, блиску до границата со Турција, ова и не би било некоја вест која го загрижува светот но, неодамна, Турција собори руски авион под истиот изговор по што дојде до сериозно нарушување на турско-руските односи на секое поле, а рускиот претседател Путин и премиерот на Русија, Медведев одбија средби со турскиот државен врв за надминување на затегнатоста и со тоа јасно ставија до знаење дека имаат сериозни намери да ја казнат Турција.

Патем, руската страна објави серија докази дека Турција соработува со терористите на ИСИС за кои, помеѓу останатото, врши и транспорт на украдена нафта од сириските и ирачки нафтоносни полиња при што од овие трансфери заработка има и семејството на претседателот Ердоган.
Русија, како одговор на турското соборување на нивни авион, веднаш инсталираше најмоќни одбранбени ракети С-400 во Сирија и во сириските пристаништа испрати офанзивни боеви бродови со ракетно вооружување со најава дека ќе пука врз било која страна која ќе ги загрози нивните летови над Сирија.

Во исто време Ирак побара повлекување на турски војници од ирачката територија, за што имаше и расправа пред Советот за безбедност на ООН, со најава дека доколку Ердоган не ги повлече турските војници тогаш ирачката војска ќе ги принуди на повлекување.

Турција има свои воени и безбедносни инсталации во Сирија и Ирак, и тие инсталации активно помагаат групи кои се дел од ИСИС, се со оправдување дека Ердоган помага соборување на сирискиот претседетел Асад, кој од Вашингтон е означен како непријател.

Последниве месец-два терористите од ИСИС трпат порази од налетите на руските авиони и ударите на легалната сириска војска под контрола на Асад, што силно го везнемирува Ердоган и турските воени сили. Ова особено затоа што по преземањето на сирискиот град Латакија наскоро може да се очекува и раздвојување на силите на ИСИС кои би ја загубиле контролата близу турската граница, како и контролата врз нафтоносните полиња во Сирија и би останале без стратешко значење со значително намалување на приходите.

Ако ИСИС продолжи со порази, Сирија и Русија ќе ја контролираат територијата до турската граница, и ќе го пресечат планираниот гасовод кој оди од правецот на Саудиска Арабија, Катар и Кувајт кон Средоземното Море, што е сериозен удар за САД и нивните планови да создадат алтерантива на руските гасоводи и преземаат снабдување на Европа со гас. Ова е веќе сериозен удар на Турција и САД за што е можно да се очекува се, па и отворена војна на Турција против Сирија, и тоа во ситуација во која во Сирија има масовно присуство на руска војска што, де факто, би значело и отворање војна со Русија.

Турција е членка на НАТО, и војна на НАТО-членка против трета земја значи војна на целата НАТО-алијанса против Сирија и Русија. Ова може да значи дека одлука за ваква воена акција на Турциај не е можна без согласност на НАТО, но сосема е очекувано дека Турција ќе ја нападне Сирија, а НАТО-алијансата ќе остане воздржана со формални изјави и ставови за загриженост и залагање за преговори, оставајќи ја Турција да војува се додека не успее воено да го порази Асад и да воспостави контрола врз Сирија.

Но, за да се случи тоа, потребно е Русија да не делува, да остане пасивна иако војната би се водела пред нивни очи, и на сириска територија каде руската војска е присутна, а ова е малку можно. Нападот врз Сирија кој би дошол од страна на Турција со сигурност би значело отворање турско-руска војна.

Во Москва се свесни за ова, и се подготвуваат за таков развој на настаните.

Путин деновиве повторно одби покана за средба со Ердоган, а рускиот премиер Медведев изјави дека Турција измислува прелет на руски авион за да има алиби за нови акции. Но, патем, Медведев најави дека ново соборување на руски авион од турска страна би било водвед во турско-руска војна.

Во Вашингтон немаат ништо против ваков развој на настаните.

САД веќе седумдесет години инвестираа многу пари, сили, неколку војни и организираа десетина државни удари за да ја имаат контролата врз Блискиот Исток. Освен политички и стратешки, контролата на Блискиот Исток значи и контрола врз нафтата која денес, заедно со гасот, е главен извозен производ на Русија. Доколку Русија продолжи да се шири на Блискиот Исток, а сега веќе има сојузници во Иран, Сирија и Ирак, тоа би било ненадоместлива загуба за американските стратешки и енергетски интереси. Нешто што Вашингтон не може да си го дозволи.

Воен напад на силната Турција врз руските сили во Сирија за САД би било посакуван развој на настаните. Тоа би била силна и скапа војна, би довело до економски удар и внатрешни тензии во Русија, а би ја ослабнало и руската позиција во Украина. Со големи воени трошоци, жртви од војната и под силен удар на западните медиуми Путин би се довел во положба на загрозено владеење и нестабилност. Вашингтон сето тоа би го гледал од страна, би ја поддржувал Турција да војува што е можно подолго и да ги плати трошоците на војната за потреби на САД.

На крај, сепак војната еднаш би морала да заврши, а Вашингтон би бил сигурен победник. Русија не може ниту да ја загуби, но ниту да ја добие војната со Турција во смисол на победа која би довела до власт над турската држава, а патем би потрошила многу пари и би загубила многу воена техника и луѓе што секако би се одразило на воената, политичката и стратешка положба и на Путин, а и на руската држава која сега е во силен подем.

Додека е Русија во војна, радикално би се намалиле инвестициите од странство во таа земја, нафтата и гасот како најголеми извори на приходи за Москва би имале проблематизирана испорака во Европа, што значи и намалување на цената и дополнителна загуба за руските економски, а во такви услови, и воени интереси.

Кога САД имаат базични интереси за војна, војната обично и се случува.

Кина е сојузник на Русија, и тоа не е тајна. Но, како обезбедување на воздржувањето од страна на Кина во таква турско-руска војна САД имаат решение кое е веќе активирано.

Американски воени бродови, се почесто, влегуваат во територијалните води на Кина.

Американскиот разурнувач Кертис Вилбур се приближил на само дванаесет наутички милји до кинескиот остров Тритон, а по него во водите на Кина влегуваат и други американски бродови. Пораката за силно американско присуство близу Кина, особено во ризичната зона на Тајван, е дел од планот за дисциплинирање на Кина и држење на Кинезите подалеку од можната турско-руска војна.

Треба да се потсетиме дека, во време на украинската криза, силни НАТО формации се поставени на руската граница, како во балтичките држави и Полска, така и во близина на Турција што, во новите околности, значи силна логистика за Ердоган ако влезе во војна со Русија.

Се е тука. Подготвено и поставено за акција. Европа е блокирана од бегалците, застрашена од најавеното напуштање на Европската унија од страна на Велика Британија, и ослабена со најавената оставка на германската канцеларка Меркел, единствена силна персона во европската политика која има моќ да влијае врз одржување на европско-руските односи на функционално ниво.

Да, војната на Турција против Русија е можна, и треба да се гледа на таа страна.

Но, што ако Русија ја порази Турција во таа војна. Ердоган зависи од силната поддршка на бизнисмените кои во голем дел своите пари ги заработуваат од Русија, и при војна голем дел од нив би банкротирале. Во Турција, Ердоган држи во затвор стотици генерали, новинари, судии, полициски функционери... и при влез во војна, и можна серија на воени порази, Ердоган би имал експлозија внатре, во сопствената држава.

Значи, што ако Русија сепак успее да ја порази турската војска? Јасно е што следи потоа.                  

( Понеделнички, 01.02. 2016 )




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани