МИСЛИТЕ НА АТАНАС ВАНГЕЛОВ И ЗОШТО ЃОРГИ СПАСОВ НЕ Е МАГАРЕ
  Објавено на
share

МИСЛИТЕ НА АТАНАС ВАНГЕЛОВ И ЗОШТО ЃОРГИ СПАСОВ НЕ Е МАГАРЕ

 

Не се гордеам многу со тоа што ќе им обрнам внимание на две докажани копита од ,,интелектуалниот“ камп на коматозниот СДСМ за сметка на сериозни домашни и светски теми. Kако што се самоумислени, ќе си помислат дека се важни. Плус, со тоа што се занимавам со нив, го кршам својот принцип да не влегувам во материјална расправа со лејки, спуштајќи се себе на ниското комуникациско и културно ниво на новокомпонираната ,,урбана“ сељачаана. Просто ние живееме во два паралелни вредносни универзума, без шанса каде било и кога било макар апстрактно математички да се сретнеме. Интелектуално не општам со дегени, цитирачи на туѓи мисли, неталентирани репродуктивци. Со два збора - со интелектуални идиоти. Причината зашто ќе се занимавам со нив е ситаџиско-сатирична. Таков жанр нема колку што знам. Има фарса. Има гротеска. Ама еве, двајцава ми се наместија на волеј, па си реков, ај да исмеам две умислени општествено ирелевантни фаци што се родиле за џабе и живеат буквално непотребно. 

Значи, ќе се занимавам со проф. д-р Ѓорѓи Спасов и проф. д-р Атанас Вангелов. Нивната веродостојност, односно, кредибилност ви е добро позната. По признание на Бранко Црвенковски, обајцата се негови деца. Тој ги родил или создал во наплив на уметничка креативност. Иако физички постоеја и пред тоа. Дали ги делкал од ребро, дали од глина, тој си знае. Важно е само тоа дека за нивните професионално-политички кариери од 1993 година е одговорен тој, оти ропациве сами не биле способни речиси ништо да создадат со сопствен труд и интелект. Вангелов е просечен поет и во локални и во балкански рамки. Неговиот уметнички опус тешко дека ќе се најде кога било и во која било кредибилна поетска антологија. Нема да биде дел од образовната програма како обврзна методска единица – македонска книжевност. Kако професор на УKИМ е познат и признат цитирач на туѓи мисли. Свои нема. Освен ако не ги земеме за такви оние во неговите колумни. А и во нив две третини му се прераскажување на она што некои други го мислеле. Што е карактеристика на искомплексирани интелектуално импотентни типови што бараат некој јавно да им потврди дека се начитани. Kратко време беше лош дипломат по милост од Творецот. И тоа е тоа. Не ќе му обрнев внимание да не ме развесели неговата квазинтелектуална помпезност во обидот да ни го разјасни ,,сложениот супериорен ум“ на Мирослав Грчев, архитект без дела и со сличен ментален габарит.

Значи, господин Атанас и се з’гна на власта заради лошата или слабата организација за справувањето со поплавата. Го прави тоа преку структурална семантика, односно, глаголите како семантички еквивалент на дејства групирани во две групи:. ДАДЕНО во кое нема учество на човековата волја (природа или Бог) и ЗАДАДЕНО во кое доминира човековата волја (култура). Да не дрвам и јас, македонски кажано Вангелов смета дека власта не е виновна за дождот и невремето, а е виновна за жртвите и последиците. Фино. Но, целиот негов семантички и филозофски труд му е за џабе оти ни тој ни Грчев никогаш не се потрудија својата социјална интелигенција која се вика емотивна, да ја испружат пред нас во случајот кога без виша сила и без природа, а само со учество на човечки фактор, среде Охридското Езеро потона брод со туристи од Бугарија и ни виновни ни должни, се удавија десетици луѓе. Градоначалник беше Александар Петревски, ниви сопартиец. Господинот не што немаше емпатија, туку, не покажа ни чувство на лична одговорност. За култура ич не правам муабет. Напротив, не сакаше ни да си дојде од Австралија да се погрижи за санирање на последиците и згора, со цел памет и рептилно наследство (доминација на нагони) со ум управуван од ,,бадемова јатка“ даваше изјави дека тој бе ,,не ја признавал македонската влада, туку онаа на Бугарија“. Ќе застанам со ова типче тука оти ми навираат доста примери за префрлање на личната и партиска и политичка одговорност на грб на природата, бог, странски старатели и вмровци во изминативе 25 години (пример е односот на СДСМ кон атентатот врз Глигоров, кон војната во 2001, свесното саботирање на одбраната, непочитувањето на бранителите, пактирањето со УЧK во Желино, потценувањето на жртвите на големоалбанскиот спонзориран тероризам), а немам простор за да се распишам.

Но затоа интелектуалниот дострел на општествениот деец Ѓорѓи Спасов може да се смести во три или четири научни маркери, достојни да се најдат во идниот музеј на македонската транзициона политичка сатира. Првиот е објавувањето на неговото научно откритие преку собраниската говорница дека ,,познато е оти само магарињата не менуваат ставови“. Kога го слушнав ова објаснување за тетеравата политика на неговата партија без темел, без филозофија, идеологија, решив едно време своите колумни во ЗУМ да ги објавувам со слика на магарица. Kолку симболично да ја истакнам разликата меѓу мене со тешко менливи ставови, односно темелни принципи со кои нема заебанција, и него како пивтија. Ќе рече тоа, ако си слободар не можеш по малку да си бидеш и фашист робовладетел, колонијалист, расист. Ако си чесен не може да си бидеш за по дома и интимно апаш, корумпиран, профитер, измамник, гребатор. Но, Ѓорѓија тоа го може цел живот. Го прави и сега откако е демаскиран до коска. Само што типот нема ни чест ни образ, па не му паѓа на памет да се самоубие, зашто остава пишани докази оти негово животно мото е на својот моментален газда на прашањето дали крокодилот лета, да му одговори научно експертски дека лета. Оти Спасов никогаш нема да биде магаре. А па ни човек со сите нишани.

Втор дострел му е неговата одбрана во својство на генсек од пред влезот на СДСМ на ,„Бихаќска“ на ,,најголемата демократска во ВМРО-ДПМНЕ“ Доста Димовска, која ја разреши од должност во владата нејзиниот партиски шеф Љупчо Георгиевски кога разбра дека ,,војвоткава“ исто како Зоран Верушевски, работи под заштита на странски чадор и така му ја саботира државната одбрана во ек на вештачки произведен (хибриден) воен конфликт. Дека Спасов не е магаре, дознав кога Доста, неполна година претходно, беше обвинета за неовластено прислушување на опозицијата што за нас магарињата е крунски доказ за недемократско однесување. Третпат овој голуб превртач смени став кога СДСМ за коалиционен содружник го одбра никој друг туку Љупчо Георгиевски и ,,шарлатанот“ Љубе Бошковски. Срам? Ма ајде, ви се молам! Прагма заради која денес ~ го пушат и на ЦИА и на Сорос и на цела белосветска неофашистичка профитерска багра. Прагма заради која утре, ви гарантирам со глава, ќе одат на ,,лизинг“ во Москва со исто образложение – дека не се магариња, туку авангарда. 

Ама мој избор од опусот на научников, неуспешниот тинк-тенкист и сега веќе ,,суха шљива“ во овоштарникот на ЦИА, односно ОТИ, е неговото плагирано научно откритие кое во 1978 година го патентира Моамер ел Гадафи, дека збирот на гласови за партиите кои загубиле на изборите во 2014 година бил поголем од бројот на освоените гласови на победникот или победничката коалиција. 

Е сега гревчево гледам решило да ја брани ЦИА од мене. Се чуди што нема некој да ме обвини за клевета. Сум ширела најдолна руска пропаганда зашто Путин ме наградил со ,,највисоко признание за таму не знам што“, па дури и ме спонзорирал. Будала! Признанието е благодарница за континуирана борба против фашизмот. Оти Русија изгледа цени магариња што не менуваат категоријални ставови. Спасов спаѓа во редот на оние што кокетираат со фашистите. Неговата партија дури е убедена дека природно ~ припаѓа правото да биде секогаш на власт. Молам убаво, јас сакам да си ги знаеме страните. Вели, немало ништо лошо во тоа да се обидуваш да ја смениш власта. И таквите обиди не се секогаш дело на мрачни сили. Точно е. Нема ништо лошо ако тоа го правиш на избори, или со протести на масовно изразена народна волја или со револуции зад кои стои бабачко народ, а без доларска или рубљанска, односно јуанска или рупијска логистика и амбасадорско-циашка асистенција. И ако се бориш против диктатура на отуѓено малцинство кое се самодоживува како авангарда на целиот народ, а без избори. СKМ и СДСМ не ги симнаа од власт мрачни сили, туку македонскиот народ и тоа по шеесет години едновластие и на мирни плурални избори. Ѓорѓи ич не мислеше дека тоа е праведно. Мислеше дека владеењето природно му личи баш нему. Мисли и сега кога не може пак да се качи без странска интервенционистичка помош. 

Ја користам можноста да му заблагодарам за оценката дека сум ,,дворска луда на која никој не и верува зашто сите ја знаат“. Дешифрираната потсвест на Спасов фактички ми признава дека сум многу интелигентна (дворските луди биле интелигентни и остроумни луѓе среде дворските пушачи и кариеристи, кои преку сатира можеле да им упатуваат остра критика на кралевите самодршци и притоа да останат живи) и самоуверено го разгологазувам ,,апото“ пред кое такви лиглиња како него се посеруваат од страв. Ако никој не ме зема за сериозно, чуму онолкав умствен напор на Спасов да произведе ваква филипика. Му плачел ли Џес Бејли и нему на рамо? На Ѓока ли спадна империјава со божествени прерогативи?

Мирка Велиновска




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани