ПРОГНОЗА ЗА ИЛИНДЕН 2017: ЦРНИ ОБЛАЦИ, ЛУЊА, ГРМОТЕВИЦИ
Автор: Алдо Климан   Објавено на
share

 

 

ПРОГНОЗА ЗА ИЛИНДЕН 2017: ЦРНИ ОБЛАЦИ, ЛУЊА, ГРМОТЕВИЦИ

Прилог кон заедничката бугарско-македонска историја

 

Наближува Илинден, па онака грижлив како што сум по природа, нешто си мислам со умот дека годинава прославата на Мечкин Камен на 2 август би можела да испадне многу терсене.

Заедничкото бугарско-македонско чествување на Илинден во Крушево (велам бугарско-македонско, зашто во никој случај нема да биде македонско-бугарско), набрзинка спрчкано во спобудалената предавничка глава на Зоран Заев, ќе биде апсолутно настан од највисок, дури грозоморен безбедносен ризик.

Повеќе од сигурно е дека тој ден илјадници бугарски граѓани, пијани од среќа, со стотици автобуси платени од бугарските власти ќе дојат во Крушево со свои очи да се сладат со тоа наше надреално македонско лудило и да му сведочат на нашиот национален суицид, на тоа чудо невидено! А од друга страна, слушам, и предавничкиот премиер Заев исто така во буџетот веќе осигурал средства за стотици бесплатни автобуси за во Крушево да донесат илјадници и илјадници несреќни и разочарани Македонци од сите краишта на земјата и од странство со свои очи да го видат на дело тоа безмерно мизерно заевско кравјо лудило од кое, се чини, нема куртул.

Е сега, ако се случи тој и таков ступиден историски „културно-уметнички” перформанс, тогаш, драг мој македонски народе, навистина ќе имаме Трет Илинден. И тоа не било каков! Па на што и да излезе! Зашто дефинитивно го претераа со безобраштина и најдрски приземни провокации без срам и перде.

 

Во тој случај би било многу добро преку слободномислечките владини медиуми (бидејќи, нели, тие тоа први ќе го дознаат) македонскиот народ на време да се извести дали е планирано во текот на одвивањето на официјалниот дел од свечената програма, кога бугарскиот премиер Борисов и веројатно некои осведочени бугарски квази-историчари убаво ќе ни објаснат дека сме Бугари а ние од тоа бескрајно ќе се воодушевиме, значи, треба да ни се каже дали е планирано сигурносниот аспект да и' биде доверен на македонската полиција и на другите наши специјални безбедносни служби, или и во тој дел од фантазмагоричната организациона шема на „ивентот” ќе се реализира евро-концептот на Заев за заедничка бугарско-македонска безгранична братска соработка на полициските сили. Или, пак, ќе ни биде доволно, ако дојде до очекуваните големи немири и судири, да не' тепаат само бугарските специјалци, исто така доведени со стотици блиндирани бугарски полициски коли? Признавам, можеби оваа вторава солуција со бугарската полиција е и најдобра и најквалитетна, зашто нашите браќа Македонци во Пиринскиот дел на Македонија во изминатите стотина години заедничка македонско-бугарска историја многу добро се запознаа со бугарските пендреци и други мачила по затворите и во своите македонски домови, па ред е и ние во Република Македонија да видиме како им било ним додека година по година, деценија по деценија ги заборававме и ги остававме на немилост на осведочените македономрзци. Како и денес, впрочем!

Ова со полицијата, значи, е навистина многу важно за да знаеме што не' чека кога ќе дојде до луња и грмотевици и мора да се разјасни дали македонскиот народ ќе биде тепан од нашата родокрајна македонска полиција, или од бугарската, или пак од заедничките братски бугарско-македонски полициски сили. Зашто, оној што мисли дека до немири нема да дојде - тој е многу глупав, неразбран и безумен, а оној што мисли дека до немири секако ќе дојде и пак продолжува со ступидниот план да ја оствари месечарската идеја за заедничко славење на Илинден во Крушево - тој евидентно немирите ги подготвува и ги посакува, зашто како и секогаш во такви ситуацији, најлесно е потоа за виновен да го прогласиш невиниот и оштетениот, во случајов македонскиот народ.

Но веднаш ми паѓа на ум и нешто друго. Кога веќе станува збор за вака замислено величествено заедничко бугарско-македонско светкување на за Македонија и за македонскиот народ трагичната балканска историја, зошто да ги забораваме и Грците? Па и со нив имавме заедничка предилинденска, и илиндеска и долга постилинденска трагична историја, се' до денес. И тие на оригинален начин учествуваа во илинденските настани. Наведувам само еден патемен пример: грчкиот весник „Емброс” од 2 август 1903 година пишува дека еден богат Грк става на располагање износ од 300 илјади драхми за вооружување на грчките андартски чети што инаку ги организираше тогашната грчка влада и ги испраќаше во Македонија заедно со турскиот аскер да се борат против нашите револуционери, за спроведување на својата грчка имеријалистичка политика. Па и тој грчки Ајос Илиас, тој нивен грчки Илинден е исто така наша заедничка грчко-македонска историја што треба да си ја прославиме заедно, онака европски, со размавтани грчки знамиња и со портретите, на пример, на прославениот злосторник против македонскиот народ од илинденскиот период, костурскиот владика Германос Каравангелис.

Освен тоа, тука се и Албанците. Сите знаеме дека и тие во Илинденското востание и' дадоа голем придонес на туската војска во борбата против македонските револуционерни чети. Затоа би било супер на тој свечен ден на заедничката бугарско-грчко-албанско-македонската историја во Крушево да ни дојде, освен суперѕвездата и кралот на говорот на омразата кон Македонците Зијадин Села, и прочуената големоалбанска пратеничка Дода да ни одржи еден поучен говор за славниот албански празник Илиринден.

И како сега, на крајот, во духот на проститутската концилијантност на Заев, да бидеме нечесни и во тој лудачки карневал и баханалии на осведочените ништители и непријатели на Република Македонија, на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската култура и на македонскиот идентитет да не ги вклучиме и Србите. Ве молам, па и со нив си имаме, оф леле, долга заедничка историја. Во предилинденскиот, илинденскиот и постилинденскиот период нивните славни четнички Црни тројки како збеснати пци од типот на Коста Пеќанац, Ѓорѓе Скопљанче, Јован Бабунски, војводата Стеван, четникот Глигорије, или пак Мицко војвода, и стотици други такви, во подмолни стапици, со предавства, итроштини и на секој друг можен начин, како невина дивеч ни ги гонае и ни ги ловеа и безмилосно ни ги колеа нашите најубави македонски души, нашите најголеми патриоти, и ги докрајчуваа оние што некако успеале да ги преживеат безмилосните стапици, атентати, убиства и колења од страна на бугарските, грчките и албанските злострорници. Предлагам за таа заедничка српско-македонска историја во Крушево да зборува никој друг туку новопроизнесениот мрзител на македонскиот народ, големосрпскиот премиер Ивица Дачик, па на коленици го молам предавничкиот премиер Зоран Заев секако и него најљубезно да го покани да дојде на Мечкин Камен, бидејќи само уште тој таму ќе ни недостасува.

 

И ете, сега кога ќе се земе во предвид сето погоре речено, зарем воопшто можеме и да замислиме да не ги поканиме сите нив зедно на одбележувањето на светиот македонски празник Илинден?! Никако! Значи, треба да се вложат сите можни дипломатски усилби тие на секој начин да дојдат во Крушево и да ни одржат говори за тоа дека Илинден, Ајос Илиас, Илиринден, Свети Илија е голем празник на нашата заедничка балканска историја. Знам дека ќе биде малку шарено со развиорените бугарско-грчко-албанско-српски знамиња, но тоа во Македонија веќе 150 години е така, на смена освојувачки и дрско се виореа ту едните ту другите. А, бидејќи и ние Македонците, замислете, некако учествувавме во таа заедничка илинденска епопеја, можеби ќе се види и понекој наш македонски, со крв и болки извезен македонски барјак. И додека на Мечкин Камен во разни национални музички стилови, со разни значења и политички смислови и пораки ќе се разлеваат државните химни на соседните земји со кои Македонија имаше заедничка илинденска историја што треба да се слави единствено на ваков вачин, ние тивко, којзнае, можеби официјално  и за последен пат, длабоко во себе, ќе си ја пееме и нашата прекрасна национална македонска химна „ДЕНЕС НАД МАКЕДОНИЈА...”

 Драг мој македонски народе, верувам дека сега сфаќаш зошто сум толку загрижен поради секавичното наближување на годинашниов Илинден. Не знам дали сме навистина подготвени за тоа што следува, зашто секогаш токму на Илинден ни го забиваа настрашниот нож в грб оние со кои ја „создававме заедничката балканска историја”. А особено ме мачи тоа да не се случи и овојпат и тоа пред очите на добронамерната европска и светската политичка елита што самата не гази ни на тревка ни на мравка и што ни е толку влезена под кожа и без чии совети и мудро водење кон Пеколот ние би биле само овци во магла, значи ме мачи да не дојде до црна луња, и којзнае што уште, па и до раскинување на бугарско-грчко-албанско-српско-македонските перфектни односи и разбирање околу името и идентитетот на македонските ќебапчиња во споредба со бугарските големи ќебапи, како и околу тоа чии се баклавите, грчки, бугарски, српски, албански или македонски, а над се' се грижам дека немирите можат страшно да ескалираат околу идентитетот на прочуеното тетовското гравче, струмичката пиперка, гевгелиските патлиџани и ресенското јаболко, бидејќи сето тоа е многу важно за создавањето на натамошната заедничка историја на Балканот, на Европа и на светот.

Боже, какви болни сеништа!




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани