Битката за Јадранот заврши, САД сега го сакаат целиот Балкан
  Објавено на
share

Битката за Јадранот заврши, САД сега го сакаат целиот Балкан

Американскиот потпретседател Мајк Пенс ја посети Подгорица по повод самитот на Јадранската група, и исто така, по повод влегувањето на Црна Гора во НАТО. На самитот, каде главна ѕвезда беше заменик-претседателот на САД, исто така, се собраа сите лидери од Балканот.

Да потсетиме, со влезот на Црна Гора во НАТО, половина од земјите на поранешна Југославија, сега се дел од тој сојуз - Словенија, Хрватска и Црна Гора - додека другата половина - Босна и Херцеговина, Србија и Македонија - или чекаат да влезат или сеуште немаат дефинирана позиција.

Македонија чека на брзиот прием особено откако владата, по завршувањето на една многу сериозна криза, ја презема премиерот Зоран Заев. Србија си го бара сама својот пат меѓу Истокот и Западот, а Босна и Херцеговина поради внатрешни поделби, исто така, не може да се приклучи на НАТО толку брзо.

Но, од стратешка гледна точка, иако секоја нова членка е потенцијално важна, на НАТО му се  "брзаше" за влезот на Црна Гора. Влегувањето на Црна Гора е од суштинско значење за НАТО поради тоа што со овој потег го затвора Јадранот, а доминацијата на НАТО останува целосна во оваа област.

Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Италија – ова се земјите низ кои НАТО постигнува тотална доминација на Јадранското Море и на влезот во Јадранското Море (единствениот останат дел надвор од НАТО територијата е пристаништето на Јадранското море кое е на БиХ - Неум).

Црна Гора беше онаа врска што недостасува територијата да е затворена. Тоа не беше лесна мисија за НАТО. Иако Црна Гора има само 680.000 жители и околу 2.000 војници, има многу важна геостратешка позиција.

Ако некоја друга сила ја преземеше доминацијата врз Црна Гора и ја ставеше во своја, а не во НАТО сферата, комплетнот проект на НАТО за земјите од Јадранската група ќе пропаднеше. Се разбира, јасно е која е втората сила – тоа е Русија.

Русија се обидуваше да ја разубеди и Црна Гора да не се приклучи на НАТО?

Судејќи по се – да, се обидуваше, потпирајќи се на големите поделби ки владеат во Црна Гора. Во текот на изминатата година, извршени се повеќе истражувања во врска со ставот на јавноста за членство во НАТО. Генерално, Црна Гора беше доста поделена во однос на прашањето за влез, и неколку анкети сугерираат дека е поголем бројот на луѓето кои се против НАТО.

Етничкиот состав на земјата, секако, исто така, одигра улога. Имено, според последниот попис (2011), во Црна Гора, оние кои се декларираат како Црногорци не се мнозинство (45%). Исто така, околу 29% се Срби, а останатите се Бошњаци, Муслимани, Албанци, Македонци, Хрвати и други.

Истражувањата покажуваат дека, очекувано, Црногорците во просек силно се за влез во НАТО, додека Србите би биле против.

Се разбира, најубаво и најдобро за народот на Црна Гора ќе беше да добие референдум за или против, но и тоа не е толку значајно.  Како по правило, на референдум не се ставаат прашања кога е неизвесно дали со тој референдум ќе се постигне посакуваниот резултат.

Да потсетиме, во Хрватска, исто така, не се одржа референдум за членство во НАТО, иако ова е многу важно прашање за кое треба да го имате во предвид јавното мислење. Сепак, претпоставка е дека референдумот во Хрватска би поминал.

Но, додека влезот на Словенија, а подоцна на Хрватска и Албанија, беше речиси протоколарен чин, влезот на Црна Гора во НАТО доаѓа како дел од многу поголеми тензии. Зошто? Бидејќи конфронтација меѓу САД и Русија се повеќе се врти низ Балканот. Овој факт сега може да го искористи Македонија како предност за побрз прием во НАТО.

Русија, која чувствува дека САД уште посилно навлегува во нејзиното соседство, би сакала да го зајакне своето влијание во други места, по можност во оние во кои САД се уште не се толку силни. Црна Гора од оваа перспектива е идеална арена, но сепак, ако потпишувањето на влезот во воениот сојуз е завршен чин,  тогаш ова е победа на САД, а пораз за Русија.

Меѓутоа, приказната не завршува тука - ова е очигледно крајот на епизодата за Јадранот, а почеток на продолжението кое ќе следи во пошироката област на Балканот. Всушност, ако Русија одлучи да продолжи да работи на проширување на своето влијание тука, двата центри на кои ќе се фокусира се - Белград и Бања Лука.

Интензитетот, сепак, е сомнителен. Некои веруваат дека Русија ќе се обиде Србија целосно да ја вовлече во својата сфера на интерес, додека други веруваат дека ќе се стреми да ги одржи добрите односи со НАТО, САД и ЕУ.

Реално, во оваа средина, Русија, тешко може да направи некои поголеми чекори. Имено, ако Србија избере сосема различно од остатокот од регионот, ќе биде во лоша позиција, но тешко дека Русија може да и компензира за негативните аспекти на таа позиција, а да не се споменат и опасните аспекти, како - Сирија на пример, каде во последниве години се чувствува што значи да се биде добар со Русија.

Но, за оние политички струи кои сакаат колку што е можно поголема конфронтација со Русија, Балканот е, всушност, веќе бојно поле на кое се борат против влијанието на Русија. Еден од таквите луѓе е, секако, американскиот потпретседател Мајк Пенс кој во Подгорица изјави дека Русија сака да "го дестабилизира" Западен Балкан и да го раздели од Западот "каде му е местото".

И навистина, црногорските власти ги обвинија "руските шпиони" за организирање на обид за државен удар за да се спречи влезот на Црна Гора во НАТО. Дали е тоа навистина така? Тешко е да се каже. Некои веруваат дека тој обид беше направен од страна на локалните анти-НАТО сили, но дека овој обид не е оркестриран од Москва.

Од друга страна, пак, таква можност се уште не може да се отфрли, бидејќи факт е дека Русија во никој случај не е задоволна дека Црна Гора влезе во НАТО, можеби затоа што тие толку многу инвестираа во локалните недвижности кои сега се наоѓаат во "територијата на НАТО", но руските тајкуни тоа не би требало да ги замара, тоа е доволно за да се види колку и што купуваат во Лондон и други "метрополи на НАТО".

Но, без оглед колкаво е руското влијание на Балканот, за луѓе како заменик претседателот на САД е големо и опасно.

"Како што сите знаеме, Русија продолжува со прецртување на меѓународните граници со употреба на сила, и тука во Западен Балкан, Русија сака да го дестабилизира регионот, со поткопување на демократијата и поделбата на вас, едни од други и од остатокот на Европа", рече Пенс во текот на говорот, додека лидерите на земјите од Западен Балкан, го слушаа внимателно.

"Ние навистина веруваме дека иднината на Западен Балкан е во Западот. Ние ќе потврдиме дека во интерес на САД е градење на односи кои ќе ги зајакнат врските на овие  земји со ЕУ и САД", изјави Пенс и истакна дека определувањето на Црна Гора да влезе во НАТО, и покрај рускиот притисок е "инспирација за целиот свет".

Пенс во Подгорица пристигна од Грузија, земја на Кавказ, што со Русија водеше кратка војна во 2008 година, а пред тоа тој ја посети Естонија и потврди дека балтичките земји може да сметаат на САД за да ги бранат од "руската агресија".

Со други зборови, анти-руската американска политичка елита не ја доби Хилари Клинтон, но го доби Мајк Пенс кој ги врши овие работи наместо неа.  За цело тоа време, Трамп седи во Белата куќа и "мудро молчи" кога станува збор за Русија, земјите од Западен Балкан и слични тешки теми.

Пенс продолжува каде што застана Хилари. Битка на Јадранот ја доби, а сега се води битка за целиот Балкан, бидејќи било кои територии кои не се врзани за САД, се неприфатливи. Пред десет години, можеби да, но тогаш Русија имаше ниво на партнер.

Како САД планираат да го стави целиот простор во својата сфера на влијание? Ќе видиме, но барем знаеме за кои земји се работи - Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.

За водачите на овој Балканот, пак, ова беше можност да се има средба со потпретседателот на САД, кој се грижи толку многу за Западен Балкан, а неговиот говор пред насобраните заврши со "Ви благодарам. Бог да ве благослови. Бог да ги благослови вашите нации и Бог да ги благослови Соединетите Американски Држави."

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за време на состанокот со Пенс рече дека дијалогот меѓу Србија и САД, кој започна во мандатот на српскиот претседател, Александар Вучиќ, со него во Белата куќа, оди "многу добро".

На Хрватска, од друга страна, веројатно не и се допаѓа фактот дека Пенс рече дека Црна Гора сега "има водечка улога во одбраната на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан". Со други зборови, тоа изгледа како Пенс на Црна Гора да и го даде жезлото на "лидер во регионот", кое претходно САД и го даде на Хрватска, за со него да се кити секоја политичка елита што ќе дојде на власт.

На крајот на краиштата, зборуваме за Балканот, кој сега со забрзано темпо го грабаат големите сили за себе. Зборуваме за Балканот, кој не е толку одамна "се бореше да им одземе неврзани територии" ставајќи ги во редот на Неврзаните. Но, сега се на сила некои нови времиња, овозможени на големо со потезите на самите Балканци. (advance.hr)




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани