Иванов: Не го потпишав Законот за употреба на јазиците бидејќи е противуставен
  Објавено на
share

 

Иванов: Не го потпишав Законот за употреба на јазиците бидејќи е противуставен

 
 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, денеска имаше обраќање до јавноста од неговата вила на Водно.

Главна тема на обраќањето беше Законот за јазици, за кој тој вели дека не го потпишал затоа што смета дека е противуставен.

„Имајќи ги предвид експертските укажувања за противуставноста на Законот, донесов одлука да не го потпишувам указот за Законот за употреба на јазиците“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Тој додаде дека испратил писмо до Собранието со коешто го известува за неговата одлука. Во писмото Иванов детално правно ја образложил одлуката и ги повика пратениците сериозно да ги разгледаат забелешките и одговорно да постапат. „Наместо во дух на дијалог и соживот да градиме мултиетничко општество, ние носиме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира албанскиот јазик. Европското знаменце е злоупотребено за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони коишто, пак, се носат со двотретинско мнозинство“, смета претседателот.

„Во извршувањето на функцијата претседател секогаш сум пристапувал одговорно и со целосно почитување на Уставот, законите и интересите на граѓаните. На 11 јануари 2018 година Собранието го изгласа Законот за употреба на јазиците, без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и експертската јавност и без опозицијата. Уште пред да биде изгласан, во повеќе наврати укажав дека не е добро кога прашања кои се веќе апсолвирани повторно да се отвораат заради добивање краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ. Во последното годишно обраќање потенцирав дека овој закон е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Со овој закон, Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на ЕУ не беа испочитувани и беа игнорирани“, рече претседателот во своето обраќање.

Според него, со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.  Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

„Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик. Затоа, имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската  и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Денес упатив писмо до Собранието со кое информирам дека не го потпишувам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Во прилог на тоа писмо се наоѓа и деталното правно образложение на мојата одлука. Ги повикувам пратениците на Собранието внимателно да   моите забелешки.   Очекувам од нив одговорно и совесно да постапат, затоа што само така ќе дојдеме до сеопфатно решение за вистинско унапредување на употребата на јазиците, без притоа да се создаваат поделби“, рече Иванов.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани