Фељтон дел 6 - Кога кармата ќе те начека со спуштени панталони - Томислав Гошевски
Автор: Томислав Гошевски   Објавено на
share

Моите мисли и настаните запишани и раскажани од прво лице овде , во најголема мера се резултат на симбиоза помеѓу мојата упорност и кармата која маестрално најде начин и ме фрли во канџите на суровиот свет на цивилните контрактори кои (making other people happy) си го уништуваат својот живот по белосветските воени зони. Јас едноставно не можев а да не бидам подготвен за се што ми се случуваше во периодот помеѓу Мај 2008 и денес во Скопје, Кувајт, Дубаи, Кандахар, ФОБ Апачи во Југоисточен Авганистан, Багдад, покрај Еуфрат околу сириско-ирачката граница, во Ербил, Курдистан и на некои чудни аеродроми како во Оман или понормални како во Хјустон и Чикаго. Друго ми беше муабетот....

Како против кармата изиграв нерешено во гости

  

6. Кога кармата ќе те начека  со спуштени панталони

 

Кандахар – Или по нашки...оригинално Александрија, град основан од Алекс кралот наш и место каде на почеток кога прв пат доаѓаш, како гуштер, легнуваш на земја дури и коа ќе пукне ауспух од некое ауто. После некое време и при вистински рокет атак стоиш на отворено и си ја мантраш онаа старата “Гром во коприва не удира….гром во коприва не удира… гром во коприва не удира…” додека гледаш наколу да видиш каде ќе падне гранатата. Место каде твојот вајарлес интернет е трипати поспор од твојот интернет дома во 1997г , а трипати поскап од твојот интернет дома во 2017г. Кога ќе ти снема вајарлес, значи големиот грд камион пак се паркирал пред врата. Кандахар ти е место каде 40 степени во сенка е баш пријатно време. На 50 степени во мај си викаш “Тибам…летово изглеа порано ќе дојде годинава” и пожелно е кога сакаш да отвориш врата, пред да ја фатиш кваката да си ставиш заштитна ракавица. Од 60 степени па натака веќе не ти треба струја за да си свариш кафе. Пржење јајца на хауба е преценета работа и изгустирано одамна, па скоро и во Скопје да можеш да го направиш истото.

Место за кое прв, втор и секој впечаток кој би го имал за секогаш би бил...песок, песок и само песок. И гранатирање. Во ред...гранати нема баш колку што има песок, ама тука некаде е, резултатот би бил тесен во корист на песокот. Место во кое за многу кусо време количината на песок во твојот нос  е приближна со количината песок во твоите чизми. Фразата “да забришам малку прашина“ е толку смешна и самата активност е бесмислена скоро како знак за забрането пушење во чајџилница во Топаана...или како пешачки премин во Чаир. Кога ќе ти се смачи од оваа активност, едноставно го исфрлаш мебелот надвор и сам си правиш друг. Ова, се разбира никако не смее да го дознае жена ти. Него...друго ми беше муабетот.

Како се најдов на оваа атрактивна туристичка дестинација.

Во тој период често комуницирав со Драган, момак од радио браншата, со кој се знаев баш преку тој дел од мојот бизнис живот. Човекот имаше некои контакти   и само шо заврши работа да оди на брод. Некоја ентри левел работа, во кујна или магацин, ама дај што ке дадеш беше работата и за него. Тоа дружење ме наведе да пробам нешто во тој правец. Седнав, почнав интезивно да барам инфо по интернет, научив доста, спремив резиме и аплицирав на неколку места, за работа на брод...као саоунд енд лајт тек.... Гледаш како едноставно изгледа? Се собра во една реченица. Ама... се работи за непроспиени ноќи пред компјутер, собирање информации, зевање по форуми, кавги со луѓе кои мислат дека знаат се... и најчесто без резултат. И така, се случи….на 26 април 2008  во Скопје, во Лисиче…кај мене дома. Сабота сабајле, во моето веце, при редовниот сабајлечки ритуал на празнење на дебелото црево. Од кармата не се бега. Ќе те најде и на веце шоља.

“Аман бе...не, не за дебелото црево...него како го запамти датумот?”, - ќе прашаш ти.

 Еее мики. Како да не запамтам датум коа на тој ден Манчестер го јадеше од Арсенал и тоа биг тајм. Не…не,....се фолирам. Како да не го запамтам датумот бе батка, коа од тој датум почна д рест оф мај лајф, коа тој датум стана гејм чејнџер(по амерички) во мојов живот и во животите  на мојте најмили. 

Значи, ја сум ти еден од оние фраери кој за светските настани и домашните политички срања највише сака да се информира седејки на веце шоља.  За да бидам спремен ако случајно ме фати тенкосеритис од лигушите што си даваат за право да не трујат со нивните глупи идеи “каков треба да биде” нашиот живот. Најчество ничим изазвани, а како резултат на нивните фрустрации од несреќно детство и бубуљичава младост. Се кладам дека со такви типови никој не играл сервис, жмурка на топка и никој не сакал да мења стрипови со Текс Вилер и Загор, или сликички од фудбалери од свеЦкото во Аргентина 1978. Сто посто ниедна од женските во седмо не била среќна да биде повлечена за киката од некој од нив. Нејсе. Него...друго ми беше муабетот.

Значи, што се случи. Како што знеме, јас сум ти роден контраш и нормално весниците никогаш не ги читам како секој, од задна страна. Јас ти почнуем од средина. И  така…тој ден прво што видов кога го отворив Дневник(Бог да му душа прости) беше оглас. “КБР ве повикува да ја пробате вашата среќа и да ја искористите можноста за работа во динамична средина со можност за добра заработка и напредок во кариерата”. Хмммм…

Прво…пошто бев мамурен од  фул најт висење по интернет, ова “динамична” ми се виде какo “драматична”, и си реков некој ме трола. После некоја година сватив дека и двете придавки одлично го опишуваат мојот престој  во америчка  воена база наречена “ФОБ Апачи”, во југоисточен Авганистан. ФОБ(Форвард оперејтинг бејз) Апачи ќе се испостави подоцна ќе биде мое живеалиште во следните скоро 5 г.. Овде пишувам за тоа. Од самиот почеток, на шољата во моето веце, во пролета 2008, па до денес. Преку Кувајт,  Дубаи, Кандахар и дваесетина пати  и 150 иљади километри натака-навака. Поминати се повеќе од  8 години од мојот прв лет за Кувајт преку Истанбул, со план да стигнам во Авганистан.

Ииии…. стигнав. Се после тоа  е историја која овде ја раскажувам.

Огласот ме изненади….Имав слушнато за КБР, знаев дека наши, главно кумановци масовно летаат за Ирак, па и за Авганистан преку таму некоја америчка фирма. Сум слушал дека таму живеат и работат во амерички воени бази. И дека кешот е сосем ок,  да не речам ту мач гуд. И толку. Не…се сетив и на оние тројца кумановци шо беа киднапирани и неколку дена ги имаше по сите светски вести. Жално…не ги најдоа никогаш. А…што знам…си реков. Јас, како прво, одењето во Ирак или Авганистан, преку КБР го знаев како топ сикрет. Како некоја секта да беше во прашање. Како илуминати или масони да станале кумановцине…мики, на швалерка не кажуваа детали, а не некој друг да дознае. Ама…ова ме збуни...ме изненади. Како Јеховиниот сведок што ќе се изненади кога ќе ти заѕвони на врата, а ти излегувајки само ќе го прашаш...”И...така викаш за Исус....Каде треба да потпишам?”

Наеднаш, сикрет ис ривеилд. Фирмата шо ги усреќи кумановци, допринесе да им се покачи цена на квадратен метар станбена површина (дури има и зграда во Куманово што се вика Ирачанка, или Авганистанка беше)…фирмата што овозможи  еден куп нашинци да се рашетаат по светот (и добро да заработат), од Хјустон до Дубаи, Багдад ил Џибути, Узбекистан ил Кандахар (по пат многу од нив се губеа по аеродромине, ама тоа е друга приказна). Фирмата што направи еден куп кумановки да се понашаат како Холивуд бичес на Родео Драјв, беше тука, во Скопје…во Холидеј Ин. И тоа со оглас бара луѓе за работа.

Сеа шо праиме….што би рекол еден наш познат транзициски фраер… Ништо…Истата вечер седнав и аплицирав. Тоа покасно ќе се покаже као најголемата грешка која ја прави секој њуби апликант кој се обидува  да добие работа, посебно во странска фирма. Ја напраив и јас. Него...друго ми беше муабетот.

 

 

 

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани