о. Горан Стојчевски - Пастирско слово
  Објавено на
share

 

о. Горан Стојчевски - Пастирско слово

Пастирско слово

о. Горан Стојчевски

„...БОЛНИТЕ ИСЦЕЛИ ГИ, 
ЛЕКАРУ НА ДУШИТЕ И ТЕЛАТА“ 


…Кој ја преминува Канавката со молитва и сто и педесет пати Ја споменува Богородица, 
нему тука му е сn4;: и Света Гора, и Ерусалим, и Киев!
– Свети Серафим Саровски

Умно-срдечната молитва е опитна потврда за исцеление на умот. Тоа исцеление е 
достапно за сите луѓе, доколку се исполнуваат духовните претпоставки на терапевтскиот метод. Не е наменето само за монаси и за оние во мантии, туку за сите луѓе. Светото Писмо зборува само за една духовност... Таа Христова духовност е 
терапевтски метод што Христос им го нуди на сите луѓе.
– отец Јован Романидис

Во општосветската врева тешко пробива евангелскиот глас, дури ни камената почва не е проблем да даде плод колку што трњето – страстите спречуваат да израсне нешто добро, да порасне во многу добро и, секако, најдобро. Неколкупати сме споменале дека природните и општествените науки се занимаваат со последиците од гревот, но причината за последиците не ја наоѓаат во него, туку во причината на причините – во маѓепсаниот круг создаден во разумот на човекот, кој го залажува за доспеаните човечки достигнувања без да го види пустошот што го предизвикал наоколу. Сето тоа сакаат да го објаснат со терминот „природно“, а всушност, не сакаат ни да ја запознаат човечката природа како добра, лика и прилика Божја, повредена од гревот на Адама, исцелена со благодатта во Христа Исуса. Светот и човекот сакаат да живеат во заборавот заради некој иден просперитет, но тука недостасува покајанието и затоа остануваат неисцелени, бидејќи сакаат да живеат во извртеноста на зборот природен – „природно“ е да се греши, да се разболиш, да умреш. Но, тоа не се природни работи, туку тоа се противприродни од православен аспект, и личен и онтолошки. 
Гревот е причината за сета болест, тоа е тој најсмртоносен вирус од кој се разболени човештвото и светот. Тоа е информацијата што сакаме да ја заборавиме, а веќе е запишана во пост-Адамовата ДНК, а за која лек има само во Црквата – преку покајничкиот начин на живеење да се сретне, види и вкуси исцелителот Христос, постојано да се памети, повторува и изговара Неговото молитвено Име. Хранејќи се со Него, добиваме вечна информација, афирмација на благодатната сила Божја, која нè преминува во Царството Божјо, кое го очекуваме како смисла и цел, не само на нашето постоење, туку и живеење, преумување, преобразување, воскреснување и вознесување. На два евангелски начина можеме да го увидиме ова што се однесува на гревот како причина и болеста како последица. Во сите случаи нашиот Господ им вели на оние што ги исцелува: ти се простуваат гревовите твои, оди и не греши веќе за да не ти стане уште полошо , посочувајќи ја причината за болеста, дава разрешување на истите гледајќи ја верата во покајаното срце, посочува покајнички начин на живот што значи неповторување на гревот, оти секое повторување (кое не значи дека според нашата слабост нема да се случи) предизвикува состојба полоша од првата, како во евангелската случка со изгонетите демони . 
Во еден друг случај, Спасителот ја посочува болеста како повик да се јават чудата Божји и да се прослави Господ во делата Негови, како во примерот со слепородениот . Вториот начин е својствен за многу светители во Црквата низ вековите, оти она што ја разликува светоста од цинизмот на очајот е благодатниот дар на трпение, вели еден отец – нешто со кое се одликувале нашите светии, кои благодарноста ја крунисале со трпение, и нив Бог ги прославил. Во немоќта нивна, како што вели апостолот, се пројавува силата Божја , која повторно и повторно се пројавува преку нивните молитви и свети мошти. Трпението кај светителите, како благодатен дар од благодарењето, го преточува страдањето во радост, во очистување и на телата, сведочејќи дека целиот човек се обожува и спасува. Болеста проследена без трпение и труд во Бога некои погрешно ја интерпретираат како очистување на гревовите. Но, она што го става гревот во кома е благодарењето – и покрај сè, да Му благодариме на Бога за сè. Тој природен и слободен одговор наречен благодарење овозможува да се привлече благодатта Божја, која потполно го уништува гревот; а како поинаку ако не со силата на Христовото име и со покајнички живот вклучен во Соборното благодарам на Црквата, што се нарекува Евхаристија, Литургија. Човекот не само што лично се исцелува, туку и соборно во Црквата, пренесувајќи ја таа состојба на исцеление на сиот свет, на сите луѓе. Можеби на мал простор и за временски миг, но Светлината што мракот не ја опфаќа , доволно е и толку малку да продре, колку што можеме да примиме и да нè преобрази за Царството Небесно, кое не е ограничено ниту на простор, ниту со време. 
Да си спомнеме за светиот Старец Серафим Саровски, чија животна мисла на дело: „Стекни смирение и илјадници околу тебе ќе се спасат“, зборува, исто така, за исцелителната сила на акетско-литургискиот подвиг во Црквата преку молитвениот подвиг на очистување на срцето од страстите како пат кон исцеление; просветлување на умот – примање на исцелението како дар на Светиот Дух (или дар на умно-срдечна молитва), и обожение како конечно исцеление, односно воспоставување на природното единство на човекот со Бога. Ако секој наш грев е нарушување на космичкиот поредок, како што вели светиот Старец Софрониј, тогаш исцелението од гревот, мирот и дарот на Светиот Дух е не само враќање, туку и преобразување на тој космички поредок. 
Накратко, зошто болести и страдања токму поради нашите гревови? Ете, од ова признание бега светот и човекот сака да го избегне, плашејќи се, како што сведочи со збор и Самиот Спасител, да не бидат исцелени . Сакаме исцеление? Тогаш да се прибереме како пилиња под раширените крилја на квачката, во Црквата, за да не ги чуеме оние страшни и апокалиптични зборови: Ерусалиме, Ерусалиме... Ете, ви се остава вашиот дом пуст. Оти, ви велам: нема да Ме видите отсега дури не кажете: ’Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘ Затоа, да побрзаме кон покајание, да примиме поука за молитвено правило и причестување, и да се трудиме да го стекнеме мирот на Светиот Дух, не толку за себе, колку за ближните околу нас, кои страдаат како и ние (секој на исторазличен начин), очекувајќи го спасението од Бога преку нас, кои тврдиме дека сме избрале слободно да живееме во покајание и да чекориме по тој пат на исцеление. 
Да дополниме дека светиот баќушка пред своите очи ја има боговподобената човечка личност во ликот на Пресвета Богородица, кој, како и многубројните светители насликани со Нејзината икона в рака, сведочат дека Нејзините молитви се непрестајни за сиот човечки род, особено за оние што прибегнуваат кон Неа. Затоа, пофалните молитви кон Богомајката не смеат да изостанат на патот кон исцелението и стекнувањето на дарот на Светиот Дух.
Резимирајќи го текстот, според зборовите на о. Јован Романидис, можеме да заклучиме дека на сите нас, како човечки личности, ни треба исцеление, што значи дека сите сме болни од гревот и потребно ни е исцеление. Според светоотечкото Предание, продолжува патот на исцеление, а прво треба да се пристапи кон очистување од страстите, до просветленост на умот и обожение – тоа единствено исихастичко Предание на Црквата, од кое низ вековите сме отстапиле и кое, слава Му на Бога, преку некои наши современици и монаштвото повторно ни е предадено за наше исцеление.

P.S. Божествената Литургија и причестувањето со Светите Тајни нека ви се за здравје и спасение, благодатта Божја и Неговата милост да дојдат на вас.

 

Извор: ПРЕМИН бр. 125/126

 

27-ми јануари 2018 лето Господово




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани