Историја на иднината - Венко Андоновски
  Објавено на
share

 

Историја на иднината

 
 

Никако не можам да се ослободам од впечатокот дека и тоа е само уште една, однапред напишана ИСТОРИЈА НА СВЕТЛАТА ИДНИНА. Од впечатокот дека и во тоа, како и во сите револуции, има нешто длабоко ИНФАНТИЛНО, ама со трагични последици. Како мали деца – сега и веднаш да се добие она што се сака!

Денешниве генерации веќе не го користат терминот „аб ово“. Наместо него, во духот на глобализацијата и англо-американската лингвистичка колонизација, го користат терминот RESET. „Да се ресетираш“ значи да почнеш од ново. Да расчистиш со старото и да се свртиш кон иднината, почнувајќи од нула. Принцип на создавање нов свет – од ништо старо. Фактички, ex nihilo, од ништо, зашто ако се отфрли сè што е старо, a новото уште не е создадено – тогаш не останало ништо за нов почеток. Во суштина, тоа е апсурд – како се создава нешто од ништо? Тоа е доста честа заблуда, која на сите не ретко ни се случува во животот. Им се случува и на поединци и на народи, и затоа, бара малку размислување.
За време не студиите, имав колешка што многу често беше жртва на овој апсурд: за нов почеток да се смета самиот чин на исфрлање на старите нешта. Тој апсурд јас го викам „ПИШУВАЊЕ ИСТОРИЈА НА ИДНИНАТА“. Имено, иако беше натпросечно интелигентна и надарена за книжевност, поради тоа што нередовно работеше врз себе, o7; се случуваа чести „испаѓања од колосекот“, па промашуваше цели сесии, за потоа експресно да надомести сè. И секогаш кога ќе потфрлеше, даваше заклетва дека „од утре – нов лист“. Тоа подразбираше извесни подготовки за пишување на таа светла ИСТОРИЈА НА ИДНИНАТА: задолжително одење во книжарница, купување нова тетратка, по можност различен формат и друга боја во однос на старата, купување сосема нов прибор за пишување (иако и стариот си беше добар), купување најразлични маркери, гумички за бришење, острилки, „тенкоминци“ – со еден збор, тоа беше еден многу симпатичен процес на ВООРУЖУВАЊЕ и опремување со сета неопходна опрема за светлата иднина – следниот испит. Но тоа воодушевување од „утрешниот почеток“, толку човечко и природно за сите нас, набргу почнуваше, како и сè на овој земен и несовршен свет да страда од ЕНТРОПИЈА: нередот полека повторно си го земаше своето предимство пред толку посакуваниот ред.

Имено, кога по еден месец ќе се погледнеше таа нејзина нова тетратка, ќе се забележуваше КРАСНОПИС во првите реченици; но, како што ќе се листаше понатаму, стануваше очигледно дека таа пишува сè побрзо и дека краснописот се расипува, што говореше очигледно за гаснење на желбата и за враќање кон старите навики. Истото тоа важеше и за „графичкиот“ изглед на страницата: првите страници беа како „нацртани“, со потцртани реченици и поими, маркирани со црвена, жолта и зелена боја (при што црвеното беше најприоритетно, жолтото помалку, а зеленото – најмалку). Како што се вртеа страниците понатаму, се забележуваше дека трите маркери се свеле на два, потоа на еден, а потоа и на ниеден – важните нешта беа потцртани со обично пенкало или молив, а потоа веќе и немаше потцртување. Беше јасно дека на колешката веќе не o7; е важно ни дали пишува со пенкало или со молив, затоа што параграфите се сменуваа испишани со она што се нашло дента во чантата.
Но, ако сето ова е човечки, па дури може да биде сфатено и како позитивен знак на ослободување од стерилниот формализам и свртување кон суштината, сепак, еден друг момент беше многу поиндикативен. Тој момент, имено, покажува дека невозможно е да се почне „од ново“ со целосно бришење на минатото (односно – да се напише однапред ИСТОРИЈА НА ИДНИНАТА). Имено, колешката секогаш ме прашуваше дали да ја фрли старата тетратка во која дотогаш имаше „фаќано белешки“ од истиот предмет. Јас редовно o7; велев дека е безумно да се фрли стариот труд: нека ја чува старата, а нека почне нова тетратка од моментот кога решила да стане педантна. И не само што ме слушаше редовно, туку на почетокот од секоја нова тетратка оставаше празни страници, „за кога ќе има време“, уредно да го препише „старото“. Со други зборови, да ја пренапише „историјата“ во новиот, педантен стил. На почетокот и тоа ревносно го правеше, но кога ентропијата го зафати „новиот“ дел, го батали и „минатото“. Маки живи! Кога сакаш да почнеш од ново, сакаш да фрлиш во канта за ѓубре сè што е старо (оти каков е тој НОВ почеток ако се темели на стари нешта), ама многу бргу ти затребува тоа старото, оти ти се јавува под форма на прашањето „како беше она? Онаа теоријата за… Уф, во старата тетратка ми беше…“
Мене ми е сосема јасно дека од минатото (особено ако е лошо) не се прави лесно светла иднина, ама уште потешко е на иднината да o7; дадеш статус на минато, па за неа да говориш толку извесно, како да е историја. Односно, да се однесуваш како иднината веќе да е дојдена, и веќе има своја историја, свое минато. Тоа е заблудата на сите револуции. Комунизмот е еден од последните такви ТРАГИЧНИ примери за пишување ИСТОРИЈА НА ИДНИНАТА. Сталин се однесуваше како светлата иднина на работничката класа не само да е сегашност, туку и славна историја, и тоа во време кога немаше ни трага од идната, ветена благосостојба на таа класа. Истото важи и за Хитлер: тој веќе ја имаше напишано историјата на иднината на светот, ама излезе дека таа историја е – лажна, и дека многу поприродно е да се напише историја откако нештата ќе заминат во минатото, а не додека уште не се дојдени.

Како и да е, пред Македонија (барем така нè убедуваат и светски и домашни политички угледници), стојат нов почеток и светла иднина. Купени се: нова тетратка, маркерчиња, гумички за бришење, острилки. Старата тетратка е во кантата за историско ѓубре. Прашањето е само – дали навистина сме примени во Училиштето што го сонуваме од осамостојувањето наваму?! Или Учителите повторно ќе нè известат дека ќе нè запишат во прво одделение дури кога ќе бидат задоволни од сите наши претходни подготовки?
И сосема за крај: и самиот „историски договор со Грција“ ги обединува поимите на историјата и на иднината. Никако не можам да се ослободам од впечатокот дека и тоа е само уште една, однапред напишана ИСТОРИЈА НА СВЕТЛАТА ИДНИНА. Од впечатокот дека и во тоа, како и во сите револуции, има нешто длабоко ИНФАНТИЛНО, ама со трагични последици. Како мали деца – сега и веднаш да се добие она што се сака! Децата плачат (тоа психолозите најдобро го знаат) токму затоа што за нив нема „утре“ и „почекај“: има само „сега или никогаш“. Ако им кажете „утре ќе купиме сладолед“, за нив тоа е крај на светот. За нив нема „утре“, а и минатото ништо не им значи: фактот дека вчера јаделе сладолед во ништо не влијае врз ублажување на нивната несреќа што ВО МОМЕНТОВ нема сладолед. Но, ние не сме деца. Возрасни сме. Како дозволивме да се однесуваме како да немаме минато, и уште повеќе – како да ќе немаме ни иднина, ако не ја прифатиме единствената, западна карта фрлена на светската геополитичка покерашката маса: СЕГА ИЛИ НИКОГАШ?
Ќе дознаеме, кога ќе дојде иднината и кога за неа ќе пишуваме нормална историја, како за секое минато нешто.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани