Пацерска продуховеност на кртот
Автор: Јанко Илковски   Објавено на
share

 

 

Пацерска продуховеност на кртот

 

Како производ на идеја, самосоздадена ни од што, со енергија која науката денес се обидува да ја дефинира во безбројни калкулации, а просто кажано љубов, јас, како човек ги имам двете најголеми дарби – да бидам и да имам слободна воља.

Знаете, се повеќе луѓето покажуваат искрени чувства кон животните, тешко им е да сакаат луѓе, и сакаат слатки мали робови кои живеат удобен живот во нашa власт, без никаква слободна воља. Каков живот, а? Луксузен, ама подобро така оти на улица кола те гази? А тој сака да трча по автомобилски тркала.

Дури и ликот во Матрикс сакаше да се врати назад во матрицата, да ја изгуби слободата и живее лажен живот во изобилие и декадентен раскош. Продавам душа за лична комоција! За неверник, ова е совршенството на овој свет. Ах, да, ликот, ако веќе го ѕирнете филмот, ако не сте досега - морате, а ако не по литургија - обавезно! Искрен да бидам, би ви го проектирал во црква, до толку мислам дека е модерно евангелие за кое неговите творци се изгубија како души мислеејќи дека се нашле и ослободиле, не се ни свесни до кои длабочини допреле. Ах, да, ликот во Матрикс е Сајфер, кое име е дериват од филмот Анѓлеско Срце каде Де Ниро го глумеше Луцифер и земското име му беше Луис Сајфер – Луцифер.

Лукава игра на зборови, ха, нели?

Мене ми е тешко во моево време и простор да се повикувам на делата на светите отци, не за друго дека не ги разбирам, но не можам да ја почувствувам суптилност и нивната смиреност и поради бучавата на овој свет, јас сум во недоумица дали и која парабола е добар пример за оваа забрзана духовна ентропија. Затоа, пречесто можеби, поуките ги наоѓам во филмовите, не затоа што сум само фасциниран од модерната приказна и тоа што се обидуваат евангелски да ни се наметнат со ставовите, но ако сме малку причестени и духовно водени, освен плитките поуки, можеме да најдеме фантастични параболи, пораки, продуховеност и слоевитост и тоа кај луѓе кои тоа и не им била намерата ниту идејата или самите се прилично плитки. За мене, само ова е вистински доказ дека Бог е суштинската инспирација и жив Дух и делува суптилно преку нашите анѓели кои ни "дувнуваат" испирација во увцето, мал здив на благодатна енергија која не носи подлабоко од платото на реалниот свет.

Ние сме луѓе, материја, но сме и дух и тоа во совршен баланс. Да го игнорираш едното на сметка на другото е онтолошко промашување на сопственото битисување

Иде некаде тесктов, шантра наоколу, ама ќе дојде. И додека го пишувам како да ги користам Забиколните Стратегии на Брајан Ино, се обидувам да го задржам пристојниот тон на списаниево што искрено ме кочи да си кажам што навистина мислам за себе и светот. Но тоа само би покажало дека сеуште сум примитивен створ, дека духовноста и продуховеноста мора да носи со себе и добра доза на бон-тон, култура, цивилизиација... зошто? Затоа што и љубовта е таква, она е како каваљер, не сака да навреди, сака да фасцинира, да освои, да шармира, да предизвика убави чувства, да измами насмевка ... И има луѓе кои со своите енергии делуваат така, а нечесто околината е збунета околу такви и не знаат како да се однесуваат, па почнуваат лакејски, како на царев двор се клањаат, персираат и тоа трае додека влезат во џипот и на првата раскрсница кога некој ќе им пресече пат почнуваат литанија за целата му фамилија негова до 17 колена, па ако треба и до Биг бенг-от, ама важно он се клањал. Ма што мрсам и јас овде, како да сум подобар? Нејсе, забегав, ама ...

И како, вакви какви што сме сме и натаму мили и во милоста Негова?

Појма немам, нечесто ми иде да му кажам: ало Шефе, батали, гаси струја, затварај радњу мајсторе, доцниш со Второво, не вреди, гледај што се дешава, шефееее, сФе полудело, јас сум полуден...чуј, полуден, НЕНОРМАЛЕН, што губиш време, фотони и кванти уопште. ...?

И ете во самото прашање е и доказот за Бог – љубовта. Сте ја чекале саканата до -12 степени на автобуска, а доцни 45 минути и со трпени и без лутина? Сте гледале финале и вашиот тим губи до 90-та минута, а во продолжение издначува, па  на пенали и победува после долги часови нервни сломови? Трпи жената часови несносна болка на породување која во стотинка ја заборава кога ќе ја види својата рожба?

И што јас барам? Слобода? Што? Се имам, се ми е дадено? Зошто сум несреќен? Што ми недостасува? Тоа што сум непослушен и затоа сум сам. Ни жена, ни дете, ни богатство ни успех нема да донесе потполно исполнение, зошто и натаму ќе чувствувам празнина? Па ете, се споив и со ребреото кое ми недостига и купив и нова ламела за Цитроенот, што сакам уште? 15 дена на Малдиви и пак чемерен. Зошто?

Затоа што не сум со Него, не му се дадов потполно.

Има една која духовникот многу подобро ќе ти ја пренесе колку на збор и интелект, толку и на чувства, дека губењето на себе и давањето себе на Христа и потполната покорност кон него ќе те направи слободен. Нема модерна личност на светот која ропството ќе го прифати во било кој облик, па ни духовно, нема никому никогаш да се предаде! ... Рече фотонот и пропдолжи да талка низ универзумот, сам, бараајќи опдговори и сродни души кои ги наоѓа но исто чемерни, па се соочуваат со молекули и никој не е потполн бидеејќи никој не го гледа во себе она што го носи, а носиме основата на се што е – матерјално и нематерјално – вибрација, како последица на Зборот. Кoј е зборот? Имаме само називи и самиот назив не имплицира ништо, туку нашиот однос кон тој збор - Љубов! Што е заветот на Христос? - Сакајте се - Љубов!

Една и едниствена енергија, едиствен телескоп и микроскоп за да го спознаеш Него.

Единствена струна и вибрација за која говореле и Тесла и Планк и денес сите модерни квантни физичари, па дури и пагански религии кои чуле-не дочиуле, виделе или слушнале - но не препознале, "ОМ", наречете како сакате, тоа е тоа - Љубовта - е зборот која ја опишува сета суштина на енергијата од која СЕ е создадено. Сакате да сте исполнети? А кога сте најблиску до тоа чувство? Кога сте заљубени! Kога креирате нешто со љубов, кога работите со љубов, кога чувствувате љубов. И тогаш важно ви е што сте кој сте каков сте кому припаѓате, род ,нација, партија, раса, групација? Не! Исполнети сте ... но трае кратко – зошто? Затоа што бледее делото, и потребно е да одите во Неговиот Ол Икнлузив Ризорт, да се потопите во неговото море, во морето на љубовта, да се стопите, да се предадете потполно како на саканата, како што се предавате на работата која ја сакате, на гушката кон детето, на држењето за рака на саканиот кој страда и кој го напушта светов во болка – да се удавиш во љуbовта, да станеш љубов – тогаш ќе станеш Бог.

Како?

 Долго се чудев и не разбирав како тоа Бог не повикува да станеме богови, како Него? Сега, почнувам да наслутувам? И како да дојдам барем до плажата на тоа море? Како барем до глуждови да влезам и како дете во плиткото да се плискам дур научам да пливам? Само со тренинг, само со тренер, само со слепа послушност, кондициони тренинзи и без керефеки и филмања и мрсење и празни мубаети. Затоа што сите се повикани и вие најпаментните и ние чии акл малки е зарибан, ама секој до толку може – да биде послушен. 

Затоа бираме духовник, за да не води на тој пат, да не тренира, срдечна ли умна ли, кобинирана со кечап и мајонез , каква и да е, ќути, не прашуј и пливај! За да станам јас Јас и да постојам – засекогаш. Да ме научи како Џони Вајсмилер во Тарзан да бидам - само да се нурнам еден ден во Неговите длабочини на љубовта и конечно да останам во светлината на осмиот ден. Инаку чуму сево ова? Фала ти Господи за духовникот мој и утврди ме во слепо послушание кон Тебе!

 

 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани