МИЦКОСКИ: НИКОЛА ГРУЕВСКИ Е МИНАТО ВО ВМРО-ДПМНЕ, ИДНИНАТА ВО ПАРТИЈАТА СУМ ЈАС
  Објавено на
share

 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Сител вели дека тој нема врска со бегството на Никола Груевски, а изјавата на премиерот Зоран Заев во која кажа дека тој е вмешан во бегството на поранешниот премиер ја оценува како несериозна.

Смета дека Заев и министерот за внатрешни работи се добро запознати со целиот случај и бара одговорност за бегството на екс премиерот токму од Оливер Спасовски.

-Со оглед на тоа што цела 2018 година тој се однесуваше неодговорно сега можам да ги разберам неговите ПР стратези зошто му сугеририраат Груевски да се поврзе со Мицкоски. Никола Груевски е минато во ВМРО-ДПМНЕ, иднината во партијата сум јас и се што правам е заедно со структурите на партијата во овој момент и ова е автентична прилика, која има своја карактерна црта. Тоа што го кажа Заев е помалку или повеќе несериозно. Тој ги има сите информации, жал ми е што не ги подели со македонската јавност неколку недели откако се се случи тој настан, рече тој.

На прашањето дали неговите посети на Унгарија и Србија се поврзани со случајот со Груевски, Мицкоски кажа дека во Србија бил приватно и не се сретнал со Александар Вучиќ и уште еднаш повторни дека овие тврдења се несериозни.

Изрази надеж дека Заев ќе го лоцира виновникот и нагласи дека бара одговорност од МВР.

-Врз основа на анализата што ја направивме мислам дека Заев и Спасовски точно знаеле што се случувало тогаш, рече Мицкоски.

Во однос на уставните измени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека партијата останува на својот став согласно конгресната резолуција и не очекува други опозициски пратениците покрај осумтемина од независната група на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните измени на финалното гласање.

-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се оние кои што ја следат конгресната резолуција и партиската програма, практично ги следат одлуките на Извршниот и на Централниот комитет и тука не треба да има дилема и јас верувам во нивната чесност во целокупниот овој процес, рече Мицкоски.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани