Внимавајте кога уплаќате за одмор преку интернет - после нема помош
  Објавено на
share

 Платиле солидни пари за три дена да уживаат во Истанбул за 8 март, но наместо тоа добиле само нервози и огромен шок – на аеродромот за назад разбрале дека агенцијата не обезбедила и повратен билет за назад. Вакви измами се уште доживуваат граѓаните со туристичките оператори – ветени луксузни хотели а најдени очајни сместувања каде буквално нема ни тоалети, лаги дека задоцниле и автобусите заминале, се само дел од стресовите. Пазарниот инспекторат предупредува граѓаните да внимаваат кога уплаќаат аранжмани преку интернет, признаваат дека немаат ни пари ни кадар за да ги проверуваат. 

„Имаме едно известување каде што ги предупредуваме граѓаните дека моментално ниту имаме средства, ниту ниту начин, ниту обучени инспектори кои можат да ги гледаат сите тие онлајн продажби. Затоа веќе шест месеци стои известувањето на веб сајтот на Пазарнниот инспекторат, токму за да ги предупредиме што ги очекува ако земаат услуги од онлајн нудители. На онлајн некој може да биде нашминкан и дотеран, па кога ќе го видите во живо не е тоа тоа. Друго е кога ќе отидете во туристичката агенција, ќе потпишете договор, ќе зе,мете програма каква што ви нудат за парите, тогаш и нас како институција ни е полесно да постапуваме“, вели Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат.
 
Граѓаните задолжително да проверат на веб страната на Министерството за економија дали Агенцијата има лиценца, ги упати министерот Бектеши. Пред патувањето, задолжително да се бара програмата и да се потпишат договори. Сепак, треба да се свесни дека има разлика меѓу аранжам од 100 и илјада евра.
 
Државата сака да стави ред во туристичкиот бизнис. Агенциите кои организаираат патувања надвор од земјва и ја имаат А дозволата, ќе мора да обезбедат банкарски гаранции, се размислува за суми од 50 до 100 илјади евра. Штом агенцијата направи измама, гаранцијата директно ќе се активира и така граѓаните директно ќе бидат обесштетени.
 
„Оваа проблематика е во новото законско решение, каде нема да им дозволиме на компаниите кои ќе добијат казни потоа да се регистрираат, или само со менување на името, или додавање на некое плусче или точка во името, да можат пак да се лиценцираат“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
 
Ова од причина што не ретко се случува агенција која веќе добила една казана, за да избегне и втора и одземање на лиценцата, да направи промена на правниот субјект и одново да побара дозвола. Кога ова ќе се открие, ќе и се забрани вршење на дејноста.
 
Лани пазарните инспектори направиле 421 контрола, од кои 90 отсто по претставки од граѓани. Освен неколку незавршени постапки, во сите други случаи агенциите им ги вратиле парите.
 
Инспекторатот ги обучувал и директорите на училиштата каде ќе има екскурзии, а на првата неодамна, инспектори дошле директно на граница и ги направиле сите проверки за потоа да не се случуваат пропусти.



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани