Героски поднесе оставка во „Слободен печат”
  Објавено на
share

 

Героски поднесе оставка во „Слободен печат”

 

 Бранко Героски поднесе оставка на позицијата главен и одговорен уредник на „Слободен печат“, дневен весник што го покрена и го водеше пет и пол години. Во оставката, поднесена до Мирослав Јовановиќ, косопственик и управител на „Слободен печат“, тој наведува дека со „сопствениците и менаџерите различно гледале на прашањето на уредувачката политика, на потребата на кој начин еден слободарски весник треба да негува критички однос кон властите во насока на засилени заложби за добро и одговорно владеење”.

„Во текот на страховладата на претходниот режим, поради своите критички написи и јавни настапи, како и поради водењето на весникот, јас лично и моето семејство бевме изложени на безбројни навреди, клеветења и закани.Моето лично чувство е дека тие мои напори и жртви не беа доволно вреднувани, за што секогаш наоѓав разбирање, поради тешката економска ситуација и поради континуираните политички притисоци врз нашата компанија во тој период.

 

Со мојата упорност и настојчивост, кои често погрешно беа толкувани како тврдоглавост, егоцентричност и дури и неодговорност, јас сепак успеав во сиов овој период да ја одржам автономијата на уредувачката политика, како една од клучните вредности на нашиот весник. Но, во многубројните разговори што ги водев со менаџментот на компанијата од ден на ден стануваше јасно дека нашите разлики се ближат до степен на непремостливост во овој момент.
Мислам дека моите напори за менаџирање на односите погрешно беа разбрани и протолкувани како грчевита борба за мојата функција, што не е точно. Треба да имате на ум дека јас успешно раководам медиуми речиси четврт век. Но, секогаш кога сум доведен во ситуација да избирам меѓу етичките принципи што ми значат и на професионалноста што е одлика на мојата работа, од една страна, и етикецијата, односно задоволството да бидам нарекуван главен уредник, од друга страна, јас без размислување ја избирам првата опција.Во овој момент, без моја волја, сум исправен пред еден таков избор. И затоа, без дилеми, без жалење, меѓу функцијата и професијата, одлучно ја избирам – професијата. Јас сум слободен новинар и човек и не можам да бидам ништо друго, во ниту една димензија на моето постоење и дејствување како новинар и јавна личност”, се вели во оставката на Героски.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани