Врвниот трип-хоп уметник „ТРИКИ“ доаѓа на „Таксират“ фестивал
Уште едно изненадување за главната вечер на овогодинешното издание на „Таксират“ фестивал која ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“ во Скопје е музичарот и продуцент Адриан Товс (Adrian Thaws), на светската сцена повеќе познат како „Трики“ (TRICKY) кој прв пат ќе настапи на фестивалот, но и воопшто пред македонската публика.
„Трики“ (TRICKY) денес е синоним за трип-хоп музиката и една од клучните фигури во развојот на денешната музика кој важи за врвен мајстор на андерграунд сцената каде музиката е во прв и единствен план. Како продуцент и музичар, тој е препознатлив по неговиот темен, богат и слоевит звук со моќен и уникатен лирски стил. Во својот уметнички израз „Трики“ спојува различни стилови, особено во неговата музика која е спој на рок и хип-хоп, висока уметност и поп култура.
Својата кариера ја започна на почетокот на деведесттите години на минатиот век како член на британската рап група „Д Вајлд Банч“ (The Wild Bunch), која подоцна прерасна во „Масив Атак“ (Massive Attack). „Трики“ соработуваше со „Масив Атак“ на нивниот славен деби албум „Blue Lines“, како и на нивното второ издание „Protection“. Во тоа време ја запозна и пејачката Мартина Топлеј Брд (Martinu Topley Bird), со која го сними својот прв сингл и оствари успешна соработка во идните изданија.
Самостојната кариера „Трики“ ја започна со дебитантскиот сингл „Aftermath“ и мегауспешниот албум „Maxinquaye“. Овој албум кој го објави во 1995. година беше одлично прифатен и од критиката и од публиката и ги запоседна високите позиции на официјалната британска топ листа, му донесе огормен меѓународен успех, беше номиниран за престижната „Меркјури“ наградаи изгласан за Албум на годината од страна на „Ен-ем-и“ (NME) магазинот. По ова издание следеа соработките со бројни музичари, како и ремикси за „Бјорк“ (Björk), „Лушиус Џексон“ (Luscious Jackson), „Вејл“ (Whale) и други. Веќе следната година „Трики“ го објави албумот „Nearly God“ на кој гостуваат музички имиња од калибарот на Тери Хал (Terry Hall), „Бјорк“ (Björk), Алисон Мојет (Alison Moyet) и Нене Чери (Neneh Cherry), а како и претходниот, така и овој албум на „Трики“ ги собра најголемите пофалби на критиката.
Следниот студиски албум, насловен „Pre-Millennium Tension“ го објавува во 1996., а потоа следеа и „Angels With Dirty Faces“ (1998.) и „Juxtapose“ (1999), на кој покрај „Трики“ се појавуваат Диџеј „Магс“ (DJ Muggs) и продуцентот Грис (Grease). Во 2001 година го објавува ЕП-то „Mission Accomplished“ како и студискиот албум „BlowBack“ на кој соработува со Ед Ковалцик (Live), Ентони Кидис и Џон Фрушанте (Red Hot Chili Peppers), „Хокман“ (Hawkman), како иСинди Лопер, а соработки на своите изданија има оставрено и со Аланис Морисет, Алисон Голдфрап и многу други.
Годинава „Трики“ имаше свои настапи на бројни фестивали ширум Европа, а на дел од нив настапи и како ко-хедлајнер со неговите современици „Морчиба“ (Morcheeba).
Денес, „Трики“ зад себе има 11 студиски изданија од кои последниот насловен „Adrian Thaws“ беше објавен во септември годинава. „Насловот Едриан Товс вели дека не ме познавате навистина“, вели „Трики“, објаснувајќи го насловот на својот нов албум. „Многу пати луѓето се обидуваа да ме посочат и одредат, а јас со секој албум одам на различно место“. На 7. декември неговиот нов албум конечно, прв пат ќе го донесе овој извонреден уметник и пред македонската публика во рамки на главната вечер на „Таксират“ фестивал.
Покрај „Трики“ на главната вечер на „Таксират“ веќе се потврдени настапите и на холандскиот диџеј и продуцент кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн (SANDER VAN DOORN), култната хрватска електро-поп група „Денис&Денис“ (DENIS & DENIS), легендите на британскиот стрит-панк „Џи-би-ејџ“ (GBH) и контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио „Бед Копи“ (BAD COPY), а наскоро ќе бидат објавени и нови изведувачи.
Главната вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ фестивал, атрактивниот „лајн-ап“ и дополнителната програма на фестивалот се реализирани благодарение на поддршката од телекомуникацискиот оператор „Уан“ (ONE).
ВО ПОНЕДЕЛНИК (3. НОЕМВРИ) СТАРТУВА ПРОДАЖБАТА НА ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА ГЛАВНАТА ВЕЧЕР НА „ТАКСИРАТ“
Продажбата на влезниците за главната вечер на „Таксират“ фестивал која ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“ во Скопје, ќе започне од 3. ноември 2014 (понеделник). Првите т.н. „еarlybird“ влезници кои ќе бидат достапни во продажба во ограничен број ќе се продаваат по промотивна цена од 500 денари.
Покрај регуларните влезници за главната вечер, достапни ќе бидат и ВИП влезници по цена од 1.000 денари со кои освен што добивате посебно место во „Метрополис Арена“, добивате и гратис „селфи“ со најдобриот поглед на главната бина на „Таксират“, изведувачите и илјадниците „таксиратлии“.
Продажбата на влезниците за главната вечер на „Таксират“ ќе се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс или поточно:
- Продажните салони на „One“ низ Македонија
- Во Скопје: „Југотон“, „МПМ Пресс“, „Гоги“ – Драчево, Универзална Сала, Кафе „Круг“ - Аеродром, Кафе „Браво“.
- Низ Македонија: „Тобако“ – Охрид, „Алпине“ – Тетово, „Шишко“ – Кочани, „Агора“ – Куманово, „Хардрок“ – Битола.
- Онлајн преку www.mktickets.mk .
|