Eternity - Duke B. ft Martina Blazeska
Објавено на

 

Блажеска: Сон ми е да правам музика и за Македонија и за светот

 

Охрид, 19. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охрид, Струга, Лос Анџелес, Минхен и колеџот Беркли. Сето ова поврзано со жичката на музиката и оние шест жици на гитарата, асоцира на охриѓанката Мартина Блажеска.

Блеснувајќи како млад музички талент, се определува професионално за музиката од нејзините 14 години. Зад себе има неколку снимени синглови, неколку дуети со познати музичари, кавер – снимени материјали на светски хитови и многу волја и идеи за иднината.

Супер радио Ви го презентира во пишана форма интервјуто со младата талентирана гитаристка, вокална интерпретаторка и музичарка Мартина Блажеска, кое пред неколку изданија беше емитувано во аудио форма во емисијата „Ти реков, ми рече“, која се емитува секоја среда од 20 до 21 часот на фрекфенцијата на 97 ФМ. Прашањата ги приготви и уредник на интервјуто е водителката на емисијата, Ена Тунтева.

Супер радио: Дали желбата да свириш на гитара ја имаше отсекогаш?

Блажеска: Бев седмо одделение, кога еден мој другар имаше настап во моето училиште. Бев толку многу фасцинирана од неговиот настап и си реков дека морам да имам гитара и да се обидам да свирам. Така на почетокот свирев на една многу стара гитара. Потоа продолжив да учам да свирам на гитара на еден примерок, кој беше многу помал од предходната која ја имав. Значи на некои 14 години започнав да учам и да свирам гитара.

Супер радио: Дали ти си единствениот член од твојата фамилија која се занимава со музика?

Блажеска: Моментално да. Мајка ми свирела хармоника дури била дете и мислам дека сум го наследила нејзиниот талент. Моментално сум единствена во мојата фамилија што професионално се занимавам со музика. Мојот брат, пак оди во средно музичко училиште и е на истиот пат да стигне каде што сум јас.

Супер радио: На почетокот кога почна да свириш гитара, дали знаеше дека ќе стане дел од твојата иднина, дека ќе те насочи всушност кон каде ќе одиш?

Блажеска: Искрено, знаев, затоа што во тие моменти, некако како единствено да наоѓав мир и утеха во гитарата. Секое слободно време го користев за да свирам гитара. Сум свирела и по седум часа дневно. Знаев да се заклучам во соба и да вежбам цело време. Чувствував дека тоа ќе биде она што ќе го правам долго време.

Супер радио: Која беше првата песна која ја научи да ја свириш на гитара?

Блажеска: Тоа беше „Nothing Else Matters“ од Metallica.

Супер радио: Твоето средно образование исто така го насочи кон музиката. Учеше во Средното музичко училиште во Струга. Какво искуство доби од таму и дали беше задоволна од образованието?

Блажеска: Искрено се изненадив од квалитетот на кадарот во Средното музичко училиште во Струга. Го имав Дамјан Пејчиновски како професор по гитара и тоа е огромна чест за мене, затоа што според мене, тој е моментално најдобриот гитарист во Македонија.

Супер радио: Еве тука, едно подпрашање. Каква е привилегијата професор да ти биде Дамјан Пејчиновски?

Блажеска: Страшно добро искуство. Целото негово знаење и сите „трикови“ кои се однесуваат за свирење на гитара, сето тоа. Имав шанса да го гледам целиот процес на свирење на гитара. Исто така учев и од многу други професори. Сите се млади, но многу талентирани, одлични педагози, супер музичари, знаат како да го предадат материјалот на полесен начин, за да се совлада од страна на учениците. Мислам дека тоа е супер средно музичко училиште, но штета што многу малку луѓе го знаат.

martinablazeska2

Супер радио: Дали мисли дека е потребно да се отвори средно музичко училиште во Охрид?

Блажеска: Мислам дека треба, затоа што ќе е многу поистакнато од ова што е во Струга. Верувам дека ако се отвори такво училиште во Охрид, ќе се поврзе со нижото музичко училиште и на децата кои ќе започнат со основно музичко образование, ќе продолжат во средно, затоа што ќе им биде достапно во ист град. Би било од голема корист за сите, ако се отвори средно музичко училиште во Охрид.

Супер радио: Дали постоел момент кога навистина си се воодушевила од себеси, без разлика дали во пеење или во свирење и си се почувствувала како вистински професионалец?

Блажеска: Има такви моменти. Тоа се случува најчесто кога ќе учам некоја нова композиција, која ми била на некој начин потешка од другите кои сум ги свирела. Кога ќе успеам да ја отсвирам цела и без грешка, се случува да сум во момент на целосна радост, да сум постојано насмеана и во облаци, и мислам дека не постои ништо што може да ме спушти на земја.

Супер радио: Кој вид на музика најчесто сакаш да го свириш?

Блажеска: Свирам многу акустична музика, free style, свирам со прсти, се обидувам да најдам некој спој меѓу џез и модерна музика, а да звучи повеќе како поп-џез, да не е чисто џез. Сепак да ги содржи основните квалитети на џезот, но да ги ставам во една поразлична структура и функција.
Супер радио: Дали можеш да одвоиш некоја посебна песна која сакаш да ја свириш, пееш или слушаш?

Блажеска: Да подразмислам малку… Мислам дека би ја одбрала „Belief“ од John Mayer.

Супер радио: Со кој тип на музика никогаш не би работела?

Блажеска: Многу лесно прашање за одговарање. :) Дефинитивно турбо фолк. Иако тука е многу популарен и многу луѓе го слушаат, тоа едноставно не е за мене.

Супер радио: Твојот талент за музика, одличниот глас и гитарата ти овозможија и одреден период да поминеш во Лос Анџелес. Како стигна до таму, колку време беше таму и какво беше искуството?

Блажеска: На 17 години аплицирав за средното музичко училиште Alexander Hamilton во Лос Анџелес. Добив стипендија за да ја завршам четврта година од средното образование таму. Поминав добри два месеци таму. Беше многу интересно, не само што го видов школото, видов како живеат луѓето таму, да го видам Холивуд, да посетам многу музички институти, да разговарам со луѓе кои се веќе дел од музичката индустрија. Ми се допадна многу. Многу е поразлично за живеење. Видов познати личности. Бев во ист ресторан во еден момент со Psy, го видов во живо и Вал Килмер.

Супер радио: Моментално студираш на Беркли. Како стигна до таму?

Блажеска: Бев на аудиција во Минхен, имав читање ноти, композиции кои беа подготвени. Така добив стипендија. До крајот на студирањето останувам како гитарист изведувач. Супер колеџ е, има одлични професори. Има разлика во начинот на едукација. На Беркли се учи многу попрактично.

Супер радио: Дали имаш план за иднината да останеш таму, или да се вратиш во Охрид?

Блажеска: Доколку е возможно, би патувала на релација таму – овде. За градење на кариера, ако сакам да бидам што попрофесионален музичар, полесно би ми било таму. Би сакала наизменично да живеам и таму и овде. Да правам музика и за Македонија и за светот.

Супер радио: Доколку би имала можност, со кој музичар би снимила заедно песна?

Блажеска: Дефинитивно John Mayer. Најголема инспирација ми е. :) Неговата музика ми е нешто што никогаш нема да престане да ме инспирира.

Супер радио: Доколку не свиреше гитара, кој друг инструмент би го избрала?

Блажеска: Мислам дека би била бас-гитарист, или трубач. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива




КОМЕНТАРИ



Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани