Има кој да ја мисли за тебе!
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share


Некакви си ЛГБТ-активисти поднеле пријава до Јавното обвинителство барајќи со неа кривичен прогон за наводен говор на омраза од Миленко Неделковски и Јанко Илковски. Значи, сепак, во Македонија можело да се бара кривичен гонење на новинари. Пред повеќе месеци холандската амбасадорка во Скопје н` убедуваше дека во случајот со оддавање заштитен сведок, кај нив во Холандија би бил гонет тој што ја дал информацијата за заштитениот сведок до медиумите, а не тој што го оддал неговиот идентитет зашто во развиениот свет новинари не се гонеле кривично. Што е во ред. Може една држава да прифати таков став. А како тогаш некоја си заедница, односно нејзини претставници, кои главно егзистираат со помош на западни пари и кои се обидуваат насила да ни наметнат вредности кои мнозинскиот дел од ова општество не ги сака, може да бара кривичен прогон заради искажан збор, не е сосема јасно. Или поточно кажано, јасно е, ама не можеш да им замериш – до тука им достига.  
Всушност, можеби поентата и не е Јавното обвинителство да преземе кривичен прогон бидејќи таква основа е речиси невозможно да се најде, туку целта е по одбивањето на пријавата да се врши пропаганда. Демек, ете како оваа власт контролира с` во државата. Што е навистина „педерска“ идеја.
А се сведува на тоа што оваа група луѓе не сакаат да го прифатат ставот дека во својата спална може да прават што сакаат, само не може потоа истото на секого јавно да му го поттураат под нос. Може во западните земји тоа е така, ама кај не е. И тоа нема врска со западната или било каква политика. Луѓето овде сакаат да имаат данска економија и дански политички систем, ама не сакаат како слобода и човекови права да им се наметнува, на пример, и детали од интимниот живот.
Се разбира, сега по пријавата, нема да има трчање на западните амбасадори во Владата зашто за Миленко и за Јанко може да се бара кривична одговорност. Како што амбасадорите, кога веќе милуваат да ни зборуваат за демократски стандарди, досега ни збор не кажале за тоа што клеветата и навредата против претставници на странски држави во Македонија и натаму е дел од Кривичниот законик. Па, така, ако ги поплукате Груевски или Заев, ќе одговарате во граѓанска постапка, по приватна тужба, а ако поплукате со истиот речник странски амбасадор или во овој случај ЛГБТ-припадници (и наводно така спроведувате говор на омраза), тогаш одговарате во постапката поведена по службена должност од страна на јавен обвинител врз основа на Кривичниот законик. Различни се само делата. Значи, повторно доаѓаме до заклучокот дека западњаците, всушност, немаат проблем со кривично гонење новинари, само зависи за што. Што е принципиелно, нели. Дека се непринципиелни. Вклучително, ако сакате и кога говорат за европските критериуми за кои во последно време с` повеќе, кога сме ние во прашање, се гласни Грците преку устата на својот министер за надворешни работи, Венизелос. За работата да дојде до таму што дури и еден наш министер како Никола Поповски, чии зборови обично се завиткани во десетина целофани до степен на бирократска непрепознатливост и досадност за пошироката јавност, да каже дека ако нешто сме научиле од развиените и демократски земји тоа е дека на пиедесталот е принципот на сила, а некои други вредности.
Всушност, веќе подолго време едни исти кругови, ќе повториме - главно финансирани со западни пари - ја форсираат тезата за говор на омраза од двајцата посочени. Всушност, се работи за класичен обид да се изврши притисок врз нив, а причината е очигледна - не се на листата на подобните. Од истите причини веќе подолго време на удар и е „Дневник“. Но, што да се прави кога работата дошла дотаму некој да се пали до степен на хистерија и пена на устата на Миленко и Јанко или на хартија со црни букви. Вака, рака на срце, не беше ни во времето на ЦК. Замислете некој да се палел на „Нова Македонија“ на Панде Колемишевски и на „Вечер“ на Стојан Насев. Па и во едноумието луѓето знаеја за „Плејбој“ и да не редиме натаму. Не, пак, денес. Ама ете, во Данска, а и не само таму, има луѓе што се палат на животни, кај нас има луѓе што се палат на хартија. Посебно ако на хартијата им ставите слика од другарот маршал. И им цитирате некоја негова изјава како таа за младина (која одамна веќе не е тоа, а сака да се меша со дваесетгодишници), а поради која не треба да се плашиме за својата иднина. Недостига само уште Неда Украден со „Другарице, посадимо цвеќе“ или Здравко Чолиќ со „Друже Тито, ми ти се кунемо“. Што е нивната препорака и за студентите кои пред некој ден протестираа. Препорака од времето кога главна девиза беше: Нема што ти да му ја мислиш, има кој да го прави тоа! И втората, која гласеше: „Заврши факултет за да не мораш да работиш“. Интересно, во кованицата не се велеше „учи факултет“ туку „заврши“. На кој начин, тоа веќе не е битно. Како што гледаме, некои работи овде навистина останел исти како и пред повеќе децении.  
Инаку, своевремено на скопскиот Правен факултет имаше еден професор кому не му пречеше на испит студентите пред него да го отворат законот. За разлика од другите. Се обидуваше човекот да ги натера прво да читаат и мислат, а потоа да „бубаат“. Па на противниците на смртната казна им го плескаше в лице примерот со разведена Босанка која љубовникот не сакал да ја ожени заради двете деца, па ги фрлила во бунар, а на поборниците на смртната казна им ги даваше примерите со сите егзекутирани низ светот за кои потоа се покажало дека се невини. Со еден збор, човекот сакаше да разговара со луѓе, студенти, кои го користат мозокот и не оставаат други да им го измијат. Ги учеше да гледаат и лево и десно, лекција која впрочем му треба и на секое дете штом ќе ја мине домашната врата, а не да дозволат да им стават оглав на главата. Оти од него се гледа само во една насока и тоа не многу далеку.



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани