Човек си со душа, а душата ти е како планина, затоа и се вознемирив до болка кога ја слушнав целава кашканица околу тебе. Знам дека не ти треба ни раме, ни поткрепа, си истргал доволно да можеш заушки да си мавате у Чамо со Џек Лондон. Најмалку моја поддршка ти треба, моја утеха, но не можам да преќутам, сакам гласно да кажам, а ти пишувам во инбокс за да ти подадам рака кога си на промаја од раждригани лудаци чија смрдеа е еднаква на поганоста и омразата која ја носат.
Сакав да напишам колумна но си го скршив прстот намерно тоа да не го направам. Почнав да ја корнам тастатурата за да не објавам макар едно ЗДРАВО ПРИЈАТЕЛЕ, ДРЖИ СЕ но и едно добар ден ќе ти го сипаат на глава само затоа што е од мене. Брат, другар, ова е мојата дупка во земја оти ми се урла да зинам во една тирада за тебе два часа уста да не затворам и затоа, ти пишувам. Не заради тебе, заради себе. ти се носиш со животот подобро од било кој кој го познавам. Те доживувам како ДАБ, остана на коренот и го пушто 130 метри длабоко, а камо ли сега оваа промаја да може да те разниша. И знам зошто ја напиша колумната, не да се браниш, туку затоа што ги сакаш луѓето кои ги прозиваат од љубов кон нив. Затоа што си душа...и затоа што те знам кога плачевме заедно, ти за загинатиот пријател, јас од болката која те расцепи а не можев да ја делам со тебе. Знам каков пријател си.
Оти од нас говори само љубвота и низ таа призма се се води, иде и се враќа, колку и да звучи патетично, а како што приметуваш, не додржав тајно да го сочувам ова писмо. Рика патетикава моја од дупката се погласно која ја ископав.