ДЕСЕТ ОДСТО ОД ГРУЕВСКИ И ОД ВУЧИЧ ЗА ХАН
Автор: Дарко Јаневски   Објавено на
share
Во Виена Балканците играле фудбал со Европјаните. Никола Груевски, нормално од екипата на Балканците, им дал гол на Европјаните меѓу нозе. На додавање на Хашим Тачи. Натпреварот го судел Србинот Ивица Дачиќ. Ама, пустото, тој како Србин би можел да намести нешто, па втор судија бил Јохенес Хан. Еврокомсар си е еврокомесар. Има мур од Брисел и тука нема мајтапење. Ама можеби токму затоа Груевски дал гол, а Балканците победиле. Оти како што овде кај нас објавија овие на УСАИД и на СОРОС, Хан бил поткуплив. Земал од раката на Груевски. Штета само што натпреаврот не беше на листата на обложувалниците. Да печалиме нешто и ние од нашата љубов со Европа и од поткупливоста на Хан.
 
Како и да е, натпреварот бил убав. Александар Вучиќ бил среќен. И Еди Рама бил задоволен, заради Хашим Тачи се разбира, иако не можел да пушта дрон со знамето на Голема Албанија. Се потрошиле батериите додека да стигне од Тирана до Виена. Плус имал проблем на граница, го прашале каде ќе ги фрлиш ако се испразнат.
 
Настрана тоа, убавата слика ја воодушевила и Ангела Меркел. Па среќна и задоволна, се фатила за џеб и извадила милион евра за Македонија и Србија. Да им се најдат за бегалците. Сега мака ќе мачиме што да правиме со толку многу пари. Десет отсто веројатно ќе мора да одат за Јоханес Хан како поткуп, но останатото би било фер да го поделиме со Србите на рамни делови. И со тие пари да им помогнеме на бегалците. Би можеле да изградиме по една фонтана, тука сме посебно добри, ние во Гевгелија, Србите во Прешево. Дилемата е само дали на фонтаната да ја има Меркел со натпис: Водата не е за пиење, служи само за замивање. Пиење вода кога ќе стигнете Берлин. Колку да имаат дел од нашите и странските медиуми со што да ја поткрепат својата бедна пропаганда дека овде на бегалците ни чаша вода не им даваме. А до Берлин, по можност да ги испратиме луѓето со воз. Да не ги оставиме на Европјаните да ги возат со камион со приколка ладилник. Нормално, нашите возови немаат клима уред, како европските камиони, што веројатно не е по бриселски стандард, ама сигурно е дека ако ги прашате бегалците да изберат, меѓу нашиот воз и европските камиони, ќе го изберат првото. Под услов во возот да бидат качени, а не да одат пред него, па да ги гази како глувци.
 
Голема ни е среќата што имаме кој ни ги отвора очите, па така прогледавме дека идејата за бонус пратенци спомената од Груевски била земена од Бенито Мусолини. Значи фашистичка идеја. Инаку, во Грција, победникот на изборите добива бонус од 50 пратеници, што е уште еден доказ дека ние сме далеку кога фашизмот е во прашање, а во Грција тој одамна е на дело. Тоа е истата Грција која Американците со фалсификати на бројките за долгот и за буџетскиот дефицит ја внесоа во еврозоната, а Германците илјада пара чевли искинаа за да ја задржат. Со неспорна поддршка од двете земји за Грција во спорот со нас за името Македонија. Така што доаѓаме до логичниот заклучок дека САД и Германија го поддржуваат фашизмот. А ние се гушиме. Па можеби тој бонус од 17 пратеници за победникот на нашите избори ќе ни даде малку кислород? И ќе не внесе во НАТО и ЕУ. Бонусот што се добива во Италија и не го споменуваме. Оти нели, Италија е на Бенито Мусолини. Добро, сега таа е и на ЕУ и на НАТО, впрочем од Авијано ја бомбардираа Србија, ама сепак, бонусот си е бонус.
 
Инаку во Грција премиер во наредниот период ќе биде претседателката на Врховниот суд. Судската ќе ја води извршната власт, макар на еден месец и макар само технички. По кој стандард на цивилизираната Унија е можно вакво мешање на судската и извршната власт? Може ли тогаш во оние три месеци пред нашите избори, кои СДСМ јавно така жестоко ги посакува, а зад сцена се прави да ги нема, кога Груевски ќе се повлече, претседателот на Врховниот суд, Лидија Неделковска да биде премиер? Не може. Што мислите зошто? Устав, закон, одвоеност на трите власти, неспоивост на функции? Да редиме уште? Ах, се извинувам, тоа во Грција се демократски финеси што ние обичните не ги рабзираме. Или, можеби и не се демократски и правни финеси, туку проблемот ни настанува кога оттаму ќе и стигнат забелешки кои се обично глупирање. А потоа ние очи вадиме како да направиме нешто што никаде не се прави. Ајвани.
 
За крај, да го злоупотребам овој простор. Имам еден проблем кој ми пречи во работата, па го молам Насер Селмани да се јави онаа амбасада во која се јавувал за да обезбедат кафе и сок за новинарите пред Клубот на пратеници, зашто инаку немале услови за работа и да го праша амбасадорот: Која кашичка за бебиња е подобра: на Хип, на Фрутек или некоја трета? Различни луѓе, различни маки.



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани