Политички аџилак во Москва
  Објавено на
share

Кој можеше воопшто да замисли дека во живо ќе види како закрвените непријатели Израел и Иран заедно со Русија ќе се најдат на иста страна за сириското прашање и појавата на ИД. Дека Путин заедно со Ердоган и Абаз ќе отвора џамија во Москва. Дека во Кремљ едноподруго ќе се изредат сите кралеви, принцови, емири, калифи од Блискиот Исток како на поклонение пред врховен авторитет

 Текстот го почнувам со порака да запалите свеќа или да се заблагодарите во согласност со вашите религиски определби за тоа што се живи и во живо присуствувате на породилниот процес на новиот, идниот свет. Што е ретка привилегија на една генерација. Еквивалент на тоа би било како да имате можност да гледате во живо раѓање на супернова. Една од иконите на човештвото и негова совест, мислител, филозоф и револуционер Ернесто Че Гевара има кажано дека од сите работи на светот, најтешко е да се промени постојниот свет (востановениот вредносен систем по кој е организиран, институционализиран и вграден во секојдневните односи). Е па, таму сме, господо. Пред стартната линија. Оди побрзо од што кој било мислел. На пример, последен пат за ова пишував минатата недела, и во средата и во петокот. А ете не денес пред ново чудо, од кое просто се останува без здив и поради што ви доаѓа да го цитирате легендарниот Љубисав Иванов Ѕинго: „Прикочите, бре, мало, господо политичари, к’д улазите у кривину! Попадасмо“. Арно ама не ќе да може според универзумските закони, кои се уште се Библија (освен за неверникот Мирослав Грчев). Силната гравитација на црната дупка ја диктира брзината на промените. Почна процесот на вшмукување на се што сте знаеле, на светот во кој сте живееле по одредени востановени правила. Гледате дека ниту едно од нив веќе не важи. Ништо не е онака како што сте биле навикнати да мислите и дејствувате. Се е тумбе, а уште нема нови скрипти, што би рекол збунетиот Геро, за да се ориентирате „правилно“. Неделава зад нас не научи дека нема посебни држави на оваа планета. Нема светски господар. Сведоци сме дека „светот тргна на сите страни“. Коалицијата за војна божем со ИСИЛ, а против Сирија, прогласи свој крај. Генерал Џон Ален задолжен за операцијата од страна на Обама поднесе оставка, прогласувајќи ја мисијата за промашена.
Конгресмените од обете американски партии ја оценија како лоша државната политика за Сирија. Папата Франциск во Хавана на Плоштадот на револуцијата закитен со портретите на револуционерите како Гевара одржа огнен револуционерен говор, во кој жестоко го искара капитализмот, обвинувајќи ги алчноста и немилосрдноста како причинители на многу човечки страдања. Во отворено писмо на членови на кралското семејство до истото тоа кралско семејство на Саудиска Арабија се бара развластување на кралот Салман и неговите два сина, кои воделе лоша и неуспешна политика кон Ирак, Сирија и Јемен и предизвикале многу несреќи. Во анонимка од британски високи офицери (наводно) до јавноста, армијата се заканува со преврат, доколку лидерот на лабуристите Џереми Корбин станел премиер. Ајде, ајде и тоа ќе го гледаме како што тргнало. САД, пак, во лудило ли или во психоделичен транс, излобираа во ООН Саудиска Арабија да го модерира Панелот за човекови права што бидејќи не е „спрдачина“ говори за менталната состојба во која е западната „посебноста“, потсмевајќи му се на човештвото, кое крвави поради ваквата ароганција и вулгарност. Земјата што годишно „законски“ убива повеќе од оние на кои им пресудува ИСИЛ, задолжена е од ООН во името на човештвото да раководи со форуми што разговараат за човековите права. Фино праша еден обичен човек: „Што ќе биде следно, ИСИЛ да управува со сектор детски градинки?“

 

Лани ова време на редовното годишно заседание на Генералното собрание на ООН Барак Обама ги извести нациите и државите на светот дека САД да ти биле „посебна држава“, односно нешто друго и сосема различно од преостанатите на планетава. Нешто како што своевремено некои народи веруваа дека се избрани (црпнати) од бога или надлуѓе. Арогантно си се прогласи за натприроден елемент со божествени прерогативи. Како таков, ни најави 30-годишна војна со исламот и „традиционални“ војни и „револуции“ за промена на режимите што не и се покоруваат на Империјата. На годинешново јубилејно заседание на истата организација Обама пак ќе зборува, ама баш ќе видиме што ќе има да каже по завршената шах-партија во која доби шах-мат за својата „ексепшенел“ политика, која му донесе чудовишни страдања на човештвото. Ајде пак да ја направам мојата омилена паралела со лудиот Калигула, кој се мислеше за бог. И забеганиот Обама од походот за триумф што го почна лани пред домот на нациите годинава ќе се врати со кофи заробени школки и други морски плодови. Оти колосално загуби на сите можни фронтови. Бетер дури и од Буш „помладиот“. Вообичаено, нормалните луѓе се будат од кошмарен сон и се радуваат на пријатната реалност. За ненормалните (добро, ајде, посебните и специјалните) е обратно. Тие спијат сонувајќи розови „барби“ соништа, а се будат гледајќи кошмар. „Угледните“ американски медиуми како „Форин аферс“ и европски како „Шпигел“ велат дека Обама и неговата советничка тајфа стравувале од говорот на Владимир Путин. Овој пат боднаа во центарот на проблемот. Едногодишното страдање на светот беше испланирано како одмаздничка мисија на еден напален егоцентрик и грандоман, кој беше надигран од својот противник кога попречи преку ООН (со мафијашка политика на сила) да биде организирана уште една неоколонијална воена агресија во Иран, па во Сирија, а заврши со дивјачко фашистичка оргија во Украина и отцепување на Крим и окупирање на ЕУ-државите, со нивна согласност, разбира се.

Не за џабе се рекло: омразата и гневот не се добри советници и тие секогаш завршуваат како пораз на гневот или „волот рие и врз шијата си фрла“. Затоа и овој црпнат политичар со неговата тајфа жреци-советници сега мора да гледа во она што „ветил и остварил“. Еве го списокот: одметникот Путин стана единствениот политичар со светски углед што во мигов симболизира рационалност, капацитет за решавање, а не производство на проблеми, интегритет, компетентност и избалансираност. Москва стана политичка мека во која на аџилак одат едно чудо секакви „лидери“ од оние европски, до блискоисточни, африкански, азиски и латиноамерикански. Кој можеше воопшто да замисли дека во живо ќе види како закрвените непријатели Израел и Иран заедно со Русија ќе се најдат на иста страна за сириското прашање и појавата на ИД. Дека Путин заедно со Ердоган и Абаз ќе отвора џамија во Москва. Дека во Кремљ едноподруго ќе се изредат сите кралеви, принцови, емири, калифи од Блискиот Исток како на поклонение пред врховен авторитет. Верувале – не верувале, бидна. Москва се уште е под санкции што ги дизајнираше Вашингтон, а ги спроведоа „сериозните“ европски држави, плус НАТО, а веќе сите европски политичари како стадо овци му признаа врховно лидерство како на главен овен. И сега батка ене ги нивните лидери кај без холивудски повик јавно се полеваат со кофи гомна. Од Оланд и Саркози, преку Камерон, Марти Ахтисари и шефот му на држава, до Меркел и нејзините министри, претседателот на Нобеловиот комитет за награди за мир, со свои нови „сериозни“ изјави со огромна брзина влегуваат под опасен наклон во остра кривина, а без кочница. Менуваат политичка позиција пред да сменат тековна политика, а со намера да останат живи и употребливи за утрешната политика. Јавно си вршат лоботомија, без лекарско мислење си дијагностицираат амнезија, заборавајќи си го дури и името и очекуваат да ги прима некој за сериозни. Можда може, ама да простите на вулгарност, само кога „п…а ќе рече куку“. Оти во овој свет што минува низ хаос веќе се појавија нови потенцијални лидери, политичари што отстапуваат од шаблонот и кројките, а не се курсисти на етаблираните лидерски школи.

Онаа кутра висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Могерини, соочена со реалниот кошмар, вели дека односот кон бегалците и малцинствата бил штетен по ЕУ-угледот и меѓународниот кредибилитет. Демек, не политиките и догмите што ги штанцаа на тони и ни ги продаваа како догми. Не напуваноста и алчноста, не војните и пљачките, туку односот кон несреќниците што ги произведоа без да му ја мислат. Угледот и кредибилноста ги загубија зашто адресата уште им е во Вашингтон б.б. Зашто дозволија на европска почва се уште да се негира постоењето на македонскиот народ, да му ја порекуваат културната, јазичната, историската посебност. Зашто она што за нашите политичари беше Белград и сега Брисел, за „европските“ од соседството, Москва, Пекинг или Берлин, а за Германија, Велика Британија, Франција, Хаг, Мадрид, Осло, Стокхолм, Варшава е Вашингтон. Како што гледате сега, нема потреба себеси повеќе да се самоидентификувате како „Македончиња“ кога сте во реално друштво со Албанчиња, Бугарчиња, Грчиња, Хрватчиња, Српчиња, Словенчиња, Германчиња, Французинчиња, Англичанчиња, Полјачиња…, кои од кои жители на сериозни држави.

Е точно е, веднаш пред очи ми излегува омилениот ми и маркиран за мајтап Никола Поповски, кој, нели, следи политики на сериозни држави. Како што е, на пример, Украина со Порошенко „чоклит мен“, кој, наместо црна чоколада, произведува црни листи, сонувајќи го својот „дранг нах Москва“ и прогласувајќи се за спасител на евроатлантската цивилизација, а нашето МНР во име на сериозноста бара да не се критикуваат јавно и гласно таа државна политика и црните листи во кои се најдоа и македонски државјани, за да не им се наштетело на македонските државни интереси!? Така рекол извесен службеник на МНР, пренесувајќи ја пораката во името на Поповски наводно.

Ако е тоа така, а јавен демант уште нема, пази ваму, шаблону џаболебарски! Кој си, бе, ти, па го знаеш државниот интерес, а следиш политики на други, сериозни држави, оти очигледно за тебе таа што ја претставуваш не е сериозна држава? Народот, секој жител на Република Македонија, особено кога е загрозен од надвор, е државен интерес според Уставот, кој треба да ти биде единствената библија или свето писмо додека си државен функционер. А не кариерата на едикојси колекционер на титули или пасиониран егоманијак да ја подметнуваш како врвен колективен интерес. Секој човек во оваа земја за тебе треба да биде и крал и господар, а ти негов служител. Немој народот и тебе еден ден да те прогласи за загрозувач и штетник по националните и државните интереси како Денко Малевски, па Љубомир Фрчкоски и Александар Димитров.

За пред крај, а сврзано со глупавоста на актуелните политички елити, ете ви го и црпнатиот премиер на Хрватска, Зоран Милановиќ, ем лев ем глуп како да му е брат-близнак на нашиот црпко од Муртино. Вели: „Не верувам дека Србија ќе и воведе сообраќајно ембарго на Хрватска зашто тоа би било чин против ЕУ“. По неколку часа чинот бидна. Зоран, кој учел од скрипти, сега ќе бара некој Бејли за да му каже каде се исток и запад, каде се стемнува, а каде осамнува.

Фјодор Лукијанов, претседател на претседателството на Советот за надворешни и безбедносни политики на Руската Федерација, вели: „Новата конфигурација на светскиот систем нема да се формира според волјата на светските актери, туку самата од себе и како последица на објективните процеси, започнувајќи од законите на човековата природа, климатските промени, па се до промените предизвикани од технолошкиот развој. И судејќи според темпото со кое се менуваат работите, тоа ќе се случи многу побрзо од што си мислиме ние“.

Ах, Радо, Јани, Стојане (Андов), Срџане (Керим), Милчину, Фрле и остала ексепшенел „елита“, чиј ли чадор ќе отворате сега живо ме интересира.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани