ХАН СЕ СОГЛАСИЛ СО ГРУЕВСКИ НИКОЈ ОД АБОЛИЦИРАНИТЕ НЕМА ДА БИДЕ ВО ВЛАДАТА, ДА СЕ РАБОТИ НА РЕФОРМИТЕ
  Објавено на
share

Морам да додадам дека се согласувам со екс-премиерот Груевски и видовте тој не е повторно премиер, туку тој е само партиски лидер. Тој ми вети дека никој што е на листата на помилување дека нема да биде член на Владата и ова е според него придонес да се смалат тензиите, вели еврокомесарот

Спроведување на неопходните реформи, а со цел да се овозможат избори во земјава, порача еврокомесарот Јоханес Хан за време на брифингот што го имаше со претставници од медиумите од балканскиот регион, меѓу кои и со дописникот на МИА од Брисел. Како што пренесе МИА, Хан во делот за Македонија истакнал дека е неопходно сегашната, старо-нова влада, да работи на реформските приоритети утврдени со договорот од Пржино.

- Ова е сеопфатно и се наоѓа во итните реформски приоритети што лани ги издаде Еврокомисијата. Оваа старо-нова македонска Влада има обврска да работи на овие приоритети. Се надеваме дека сите политички партии ќе партиципират во Парламентот и ќе дискутираат. За нас е важно и ова е исход од договорот од Пржино. Како што е и тоа да имаме Специјално јавно обвинителство (СЈО) што ќе се справува со скандалот со прислушувањете - истакнал Хан.

Тој додал дека е неопходно да се одржат избори, кои се добар-камен темелник за понатамошниот демократски пат на земјава.

- Втор елемент и најнов развој е дека Владата и дава на опозицијата можност да побара кога сакаат да се има брзи избори. Лично јас го посредував договорот од Пржино кога постигнавме многу и единствено нешто што не е сторено се изборите. И по толкав период од нестабилност, мислам дека изборите се добар и последен камен-темелник. Тие одлучија поинаку што мора да се почитува. За нас, во однос на перформансите на земјата е важно како се справува со владеењето на правото и имплементацијата на итните реформски приоритети. Ова е што се однесува до нас и одлучувачкп е како ќе го оцениме развојот на земјата следните месеци - додал Хан

Сепак, зачудува неговиот став дека меѓународни институции треба да се вклучат и да ги извршат подготовките за нови избори. Тој вели дека е неопходно кредибилно тело кое ќе одлучува за избирачкиот список, без да ја спомне Државната изборна комисија, а чиј состав беше одобрен од претставниците на ЕУ.

- Овде сме каде што сме и едно нешто каде јас повлекувам свој заклучок и мислам дека ни треба на европско ниво едно независно знаење и кредибилна структура што ќе се справува со оценката на гласачката листа и нејзиниот квалитет пред изборниот ден. Она што го видовме во БЈР Македонија е дискусија без крај за квалитетот на гласачката листа. Постојат ОДИХР и други кои оценуваат како изборите се спроведени, но ова се извештаи по изборите. Со цел да се избегне сета дускусија пред изборите, добро и потребно е според мене да се има меѓународна институција, прифатлива за сите, да ја провери гласачката листа пред изборите, па тогаш да може да се одржат неоспорени избори - предлага Јоханес Хан.

Еврокомесарот отворено изрази недоверба кон Државната изборна комисија, иако не ја именуваше.

- Не постои во моментов одговорност за квалитетот на изборната листа, бидејќи за мене ниту една институција во државата не е доволна за тоа. Ни треба нешто и тоа нешто јас ќе го иницирам. Ова е нешто што јас како индивидуалец го барам, бидејќи навистина ни е потребно. Но, не можам да дадам одговор за тоа кое ниво и организација треба да го формира тоа тело, но ни треба структура на европско ниво што ќе се справи со ова прашање, а како последица на долготрајни дискусии - вели Хан.

Еврокомесарот додал дека Специјалното јавно обвинителство е обврска на сите партии и дека неговата работа не треба да биде опструирана.

- СЈО не само што постои, туку е и обврска од сите партии дека СЈО треба да работи независно и иако не е дел од договорот од Пржино, но е поврзано со улогата на СЈО, тоа е одлуката за помилување на претседателот Иванов кој помилува 54 лица. Ова е на начин што е прифатлив за нас. Кога Уставниот суд ја потврди легалноста на овој закон, имаше меѓународен притисок од нас врз Иванов да не ја користи оваа можност и со некои одложувања тој јавно рече дека нема тоа да го стори. Но, по само две-три недели тој помилува 54 лица и ова не беше придонес кон неговиот кредибилитет. Ова е негова одговорност. За нас е неодржливо да се има помилување - рекол Хан и нагласил дека за ЕУ е неприфатливо да има избори ако СЈО не може да си ја работи својата работа.

Еврокомесарот откри и дека добил ветување од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека никој којшто се наоѓа на листата за помилување нема да биде член на Владата.

- Во моментов е во ред како што е. Морам да додадам дека се согласувам со екс-премиерот Груевски и видовте тој не е повторно премиер, туку тој е само партиски лидер. Тој ми вети дека никој што е на листата на помилување дека нема да биде член на Владата и ова е според него придонес да се смалат тензиите. Но, сега уште еднаш, мора да видиме и оцениме како сето тоа ќе се имплементира и затоа договорот од јуни и јули од лани е се уште валиден. Сакаме да видиме и како ќе се имплементираат итните реформски приоритети на ЕК. Ова е сеопфатна листа од сите елементи и мерки што треба да се направат со цел да се има прогрес на патот кон Европа. Ова е линија за оценка за следниот извештај за прогрес - посочил Хан.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани