ЃАВОЛСKИ СKАНДАЛ ВО НИШ
ПАТРИЈАРХОТ ВАРТОЛОМЕЈ: МПЦ Е ПАРАЦРКВА

Тешки квалификации дека е „нехристијанска и парацрковна“ организација доби Македонска православна црква од други православни цркви на вчерашното одбележување на 1.700-годишнината од донесувањето на Миланскиот едикт во Ниш, Србија. Вакви навреди се изречени поради случајот со Јован Вранишкоски, кој беше расчинет од МПЦ поради придружувањето на СПЦ и е осуден на затворска казна поради финансиските малверзации. Обвинувањата беа содржани во обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј на крајот од свеченоста, а кое го читаше српскиот владика Иринеј бачки, познат негатор на првото на македонска црковна автокефалност.
- Во нашите православни цркви повторно зајакнуваат разни расколи, ереси, отпадништва. Ерарсите се прогонуваат, како, на пример, архиепископ охридски Јован. Свештениците, монасите, верниците биваат прогонети за зборот Божји, бидејќи не се согласуваат да се вклучат во антихристијанска и псевдоцрковна организација, а тоа е помогнато и од државните структури. Затоа што го носат името Христово, тие се прогонуваат без каква и да е причина и вина - се потенцира во обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој го читаше српскиот владика Иринеј.
Претходно тој порача дека „Господ Исус Христос“ е повторно распнат со појавите на расипаност и ненаситност.
- Тие што ја зборуваат вистината ги распнуваат. Во овој свет владее неслобода – рече тој.
Другите владици молчеа
Интересно е да се посочи дека сценариото на обраќањето беше направено така што патријархот Вартоломеј го почна своето обраќање на грчки, за по неколку реченици српскиот владика да продолжи да го чита однапред подготвениот превод на целиот текст. Дури при крајот на петнаесетминутното обраќање вселенскиот патријарх повторно доби можност да каже неколку реченици на грчки, кои потоа пак беа преведени на српски јазик. Додека бачкиот владика ги кажуваше тешките навреди на сметка на МПЦ-ОА, зад него и зад патријархот Вартоломеј беа поглавари на седум православни цркви, кои учествуваа на ова православно чествување на јубилејот од признавањето на христијанството како вера од страна на римскиот цар Kонстантин во 313 година, роден токму во Ниш. Навредата кон МПЦ-ОА ја слушаше и рускиот патријарх Kирил, иако Руската православна црква никогаш досега не ја третирала МПЦ-ОА како „нехристијанска и парацрковна организација“.
Напротив, руската црква постојано има добра соработка со МПЦ-ОА, ги прима нејзините претставници, праќа свои владици во посета на нашата црква, кои се среќаваат со македонски митрополити. Московската патријаршија досега повеќепати се обидела да помогне во решавањето на проблемите во релациите меѓу МПЦ и СПЦ, но залудно нудејќи ја формулата за „самостојна црква“. РПЦ на неодамнешното чествување на примањето на христијанството од страна на Русите, во заедничкото соопштение воопшто не го спомна случајот со Вранишкоски иако СПЦ постојано го потенцира. Освен московскиот патријарх, беа присутни и ерусалимскиот патријарх Теофил, кипарскиот Хризостом, грчкиот Јероним, полскиот Сава, албанскиот Анастасиј, чешкиот Симеон. На пониско ниво беа претставени Романската, Бугарската, Грузиската и другите православни цркви. Сите тие претставници мирно го сослушаа обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј изговорено преку српскиот владика.
Kоординиран атак
Дека очигледно имало договор за остар напад врз македонската црква се виде уште во првиот дел од говорот на вселенскиот патријарх, кога тој ги набројуваше поранешните социјалистички земји, во кои во еден период христијанството беше забрането како религија. Тој ги наброја Србија, Русија, Албанија, Полска..., но не и Македонија. Пред четири години, истиот тој патријарх од Белград, на погребот на патријархот Павле, повика новиот српски патријарх да го реши проблемот со „црквата во Скопје“, јасно укажувајќи дека проблемот не бил решен со формирањето на паралелната ПОА.
На тие што ги следат обраќањата на вселенскиот патријарх и на српскиот црковен врв веднаш им паѓа в очи дека вокабуларот во вчерашниот атак врз МПЦ е речиси идентичен со тој што зминативе години го употребуваат најрадикалните српски владици кога е во прашање односот кон црковно Скопје. Затоа, се доби впечаток дека православните поглавари направиле отстапка согласувајќи се во обраќањето на вселенскиот патријарх да бидат вградени српските црковни потреби во однос на случајот со Јован Вранишкоски. Познато е дека бачкиот владика Иринеј беше идеен творец на „проектот ПОА“, кој имаше цел да ја разнебити МПЦ-ОА и да создаде своја црковна експозитура во Македонија. Откако тоа не се случи, а Вранишкоски заврши во затвор заради малверзациите, српскиот црковен врв сега го поставува неговото ослободување како главен предуслов за обновувањето на преговорите во кои на македонската црква ~ се нуди само „автономна положба и име Православна црква во Македонија“.
Бранко ЃорЃевски
Специјален известувач од Ниш
ВСЕЛЕНСКИОТ И РУСКИОТ ПАТРИЈАРХ ЦЕЛО ВРЕМЕ ЕДЕН ДО ЕДЕН
Литургијата со која се чествуваше Миланскиот едикт покажуваше дека вселенскиот патријарх Вартоломеј и рускиот патријарх Kирил се главни личности на богослужбата. Поради статусот што го има меѓу православните цркви, со службата началствуваше цариоградскиот патријарх, а до него веднаш беше рускиот патријарх. Тие двајца најдолго време беа еден до друг, а им се придружуваше ерусалимскиот патријарх Теофил, кој, поради долгото постоење на оваа патријаршија, е втор по статусот во хиерархијата. Дури по нив се појавуваа српскиот патријарх Иринеј и кипарскиот Хризостом. Во литургијата доминираа грчкиот, српскиот и рускиот јазик, а само во еден момент можеа да се слушнат обраќањата на бугарски, романски, грузиски и на други јазици.
ЈОАКИМ ОД ПОА РАЗНЕСУВАШЕ ПОДАРОЦИ
На чествувањето можеше да се забележи и приврзаникот на Вранишкоски, владиката Јоаким. Меѓутоа, иако постојано се тврди дека ПОА е признаена црква, нејзиното име воопшто не беше спомнувано меѓу имињата на православните цркви. Овој владика можеше да се забележи само како разнесува подароци, кои се делеа на крајот од свеченоста.
САМО СТОТИНА ВЕРНИЦИ НА ЛИТУРГИЈАТА ВО БЕЛГРАД
Интересно е да се истакне дека на завчерашната литургија, прва во рамките на празнувањето, во Соборната црква во Белград присуствувале одвај стотина верници. „Имаше толку колку да се наполни црквата. Трговските центри беа преполни. Тоа се чини се вредности на новата доба“, напиша во својот извештај новинарот на белградска „Политика“. Во Ниш имаше неколку илјади граѓани благодарение на многуте автобуси со верници што дојдоа од епархиите.
ВЛАДИКАТА ТИМОТЕЈ: ТОА Е ВОКАБУЛАР НА БАЧКИОТ ВЛАДИКА
- Руската православна црква и Царигадската патријаршија никогаш досега во нашите контакти не н` нарекле нехристијанска и парацрква. Со нив секогаш имавме добри контакти и најмногу што кажувале било дека сме непризнаена црква. Тоа го кажувале само СПЦ и бачкиот епископ. Изненаден сум од тоа што го изговорил башкиот владика Иринеј. Ако тој нешто додал во обраќањето, нека му служи на чест. Неколкупати тој во својата СПЦ преведувал дописи од други цркви како што нему му одговарало. Надвор од умот е да се кажува дека сме нехристијанска организација и парацрква.
|