Груевски во писмо до Хан, Могерини, Мијатовиќ и Дол побарал меѓународни судии за случајот „Тенк“
  Објавено на
share

 

ПОРАНЕШНИОТ ПРЕМИЕР ПРЕД БЕГСТВОТО
 

Груевски во писмо до Хан, Могерини, Мијатовиќ и Дол побарал меѓународни судии за случајот „Тенк“

 

Пред да побара азил, на 16 октомври поранешниот премиер Никола Груевски им пишал на челниците од Европската Унија. Тој во писмото се жали на политички прогон во случајот „Тенк“ и побарал фер судење од меѓународни судии.

Писмото денеска го објави ТВ Алфа. Поранешниот премиер писмото го испратил до еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини, комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ и претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол.

Груевски бара меѓународни судии да извршат проверка на масовниот политички прогон во државата. Тој смета дека затворската казна му е изречена за целосно бесмислен и фабрикуван предмет – „Тенк“, бара ЕУ или друга европска институција да ангажираат неколку врвни докажани судии од некоја од напредните земји-членки на ЕУ, кои ќе ги проучат предметите, доказите и на обвинителството и на одбраната, а би извршиле разговор и со обвинетите.

„Да присуствуваат на неколку рочишта и на крајот да одговорат – дали во нивните држави тие предмети, со такви докази, тие обвиненија би поминале или би биле отфрлени од судот и зошто. Тоа мислење се разбира нема да ја смени одлуката на локалниот суд, но ќе одговори на прашањето поврзано со политичкиот прогон во Македонија“, пишува Груевски

Ако овој предлог не е прифатлив, Груевски побарал Унијата да испрати мисија во Македонија.

„Оваа мисија ќе ги утврди фактите, повторно составена од професионални и политички независни судии од кривичната област… Секоја изјава во правец дека не смее никој да се прогласи за виновен доколку не постојат цврсти законски прибавени докази што би биле од корист за судиите и јавноста во Република Македонија. Секој повик во правец на напуштање на практикување на правото во функција на водење политика би бил значаен“, пишува Груевски.

Во продолжение во 10 точки тој објаснува дека за време на судските процеси се соочувале со огромен број прекршувања на законите. Аудио материјалите кои СЈО ги користело како доказ се незаконски прибавени, пишува тој. Судот одбил нивно вештачење по барање на одбраната, а од друга страна дозволил за СЈО да вештачат лица без лиценци. Груевски наведува дека Судот делумно изразува лојалност кон актуелната власт, а дел од судиите живеат во голем страв да не бидат казнети ако постапат спротивно на очекувањата на СЈО, посочува Груевски.

Апелацискиот суд на 5 октомври ја одби жалбата на адвокатите на Груевски за изречената двогодишна затворска на првостепениот суд за набавката на владиниот „мерцедес“.

 
 



КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани