Обелоденета фамозната белешка на АНБ со која е притворен Камчев – празна удбашка конструкција без никакви докази!
  Објавено на
share

Обелоденета фамозната белешка на АНБ со која е притворен Камчев – празна удбашка конструкција без никакви докази! 

 

Сега, откако на Фејбук (на профилот на Зоран Буревесник Божиновски) е објавена фамозната белешка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), што послужи како „крунски доказ“ обвинетиот Јордан Камчев да биде фрлен зад решетки цели 60 дена, станува јасно зошто овој документ не бил даден на увид на одбраната, како што налага законот, ниту на пратениците од парламентарната комисија за контрола на работата на безбедносните служби и на пошироката јавност.

Информацијата со архивски број 02-545/1 од 14.03.2021 година и со назнаката „строго доверливо“, потпишана од директорот на АНБ Виктор Димовски, е криена не поради она што има во неа, туку поради она што – го нема.

Во текстот од триесеттина реда, на помалку од страница и половина, не може да се прочита буквално ништо повеќе од она што до сега беше кажано или објавено во дел од медиумите, за наводните „подготвителни активности за бегство на лицето Јордан Камчев“. Тоа и фактот дека белешката веќе е јавно обелоденета на социјалната мрежа Фејсбук, ни ја олеснува обврската, следејќи го јавниот интерес за овој случај, да ја прокоментираме нејзината содржина.

Во информацијата на АНБ, како што веќе е познато, се спомнува наводна средба на Камчев и на неговата пријателка Наташа Савова со „припадник на странска служба за безбедност“, во периодот од 12 до 14 февруари годинава, во хотелски комплекс во Берово. Не е наведено за која странска служба станува збор. Го нема името на припадникот на таа служба. Не се кажува колку траела, дали имало сведоци и слично.

Во белешката се вели дека на средбата се разговарало за реализација на бегството на Камчев во Бугарија, „каде што бил подготвен стан за неговиот престој“. И за ова се пишуваше во дел од медиумите. Но, во информацијата на АНБ не се наведува каде се наоѓа тој стан, во кој град, на која адреса. Не се кажува ни чиј е тој стан. Ако таков стан навистина постои и ако навистина бил „подготвуван“ за престој на божемниот бегалец Камчев, за тој стан, како и за секој друг, мора да постои имотен лист, од кој може да се види кој е сопственик и кога е купен станот. Вакви информации нема во белешката на АНБ.

Најголемото „откритие“ во овој документ се содржи во следната реченица: „Сознанијата укажуваат дека Јордан Камчев поседува приватна болница и други бизниси во Р Бугарија и во странство“. Изгледа дека АНБ не е информирана дека компаниите „Орка холдинг“ и „Аџибадем“, заедно со Светска банка, се косопственици на болница во Бугарија веќе неколку години. Оваа информација е достапна и на веб-страницата на „Орка холдинг“. Камчев со неа со право се фали. Одамна е позната и информацијата дека тој поседува бугарско државјанство, што исто така е нотирано во белешката на АНБ.

Кај одбраната на Камчев проверивме дали е вистиното тврдењето во белешката (исто така верглано во дел од медиумите) дека Камчев дел од својот имот во Македонија препишал на својата мајка, а „за дел прави напори за негова продажба“.

– Ништо од сето тоа не е точно. Не постои никаков стан во Бугарија што бил подготвуван за бегство. Немало никаква средба со припадник на странска служба во Берово. Да имало и да се зборувало за бегство, АНБ сигурно немала да седи со скрстени раце цел месец, без да ги извести обвинителите, полицијата, било кого. Напротив, ќе било побарано да се спроведат посебни истражни мерки, електронско и физичко следење и други дејствија, како што е вообичаена пракса. Но, јасно е дека ова се обични измислици и ноторни лаги, смислени за да се покрие незаконското притворање на Камчев. Како што е ноторна лага и тврдењето на директорот на АНБ, Виктор Димовски, дека некаква истрага била во тек, па затоа тој не можел да ја даде на увид белешката на пратениците од собраниската комисија. Каква истрага?! Па истрагата за случајот „Плацеви на Водно“ е завршена! Наместо вакви замајувања, директорот на АНБ, обвинителот и судијата во претходна постапка беа должни да ни ја покажат оваа информација, најдоцна кога им презентиравме безбедносен сертификат. И не само тоа, потребно е да се достават и докази во поткрепа на небулозните тврдења во оваа белешка, кои веќе се прераскажуваа во медиумите и пред таа да биде обелоденета на социјалните мрежи – велат од одбраната на Камчев.

За неколку дена истекува вториот 30-дневен притвор на обвинетиот Камчев. Ако обвинителката Лиле Стефанова е со намера повторно да побара притвор и да се повика на оваа информација на АНБ, сега веќе и јавно обелоденета, подобро е да подготви и да презентира цврсти докази, а не текст во кој дува промаја и во кој главен „аргумент“ е фразата „сознанијата говорат дека“.

Случајот со притворот на Камчев сигурно ќе стаса во Стразбур, а веќе се поднесени или се подготвуваат кривични пријави за директорот на АНБ Виктор Димовски (за кого неофицијално дознаваме дека е неформален кандидат за амбасадорското место во Белград), за јавната обвинителка Стефанова и за судиите кои одлучуваа за притворањето на Камчев. Неговата одбрана е убедена дека со помош на веќе побараниот меѓународен мониторинг, правдата ќе се истера и ќе се докаже дека Јордан Камчев е притворен незаконски и дека со тоа се прекршени неговите основни човекови права.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани