Клацкалка – помеѓу смртта и воскресението
  Објавено на
share

 Клацкалка – помеѓу смртта и воскресението

 

 

 
 

Нашиот ум е како една клацкалка помеѓу несоздадениот живот на воскресението и смртта, на каде ќе ја насочи својата енергија – тоа ќе претежне.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Денес го славиме Христовото Воскресение. Нормално, ние формално разбираме што славиме, па дури до негде и веруваме во тоа, но суштински – поим немаме што ни се случува. Се надевам дека најдов добар начин да ви го привлечам вниманието и така да ви го честитам празникот. Смртта духовна да се потенцира – за еуфоријата да спласне; смирението и вистинската радост да се вратат во нас.

Патем речено, зборот празник порано не ми се допаѓаше, додека не ги сфатив двете спротивставени значења што ги крие во себе. Едното е – човек да се испразни од смртниот себе, од паднатиот себе, од стариот себе, а да се исполни со Бог. А другото е – се обратно, а да биде испразнет од Бог.

Секако, изразите „испразнет“ и „исполнет“ се сликовит начин да се опише нашиот личен однос со Бог, а не онтолошка одредница: „зашто во Него живееме, се движиме и постоиме“; затоа што Бог ни дава и битие, а ако сакаме и благобитие и вечно благобитие; затоа што Бог Самиот Е сето тоа за нас.

Но, иако Бог со Својата несоздадена енергија се држи во постоење, како словесни битија – створени според Негов образ и подобие, всушност, на тој начин повикани на вечна лична заедница со Него, ние, и покрај сето тоа, не успеваме да изградиме личен однос со Него, не учествуваме во Неговиот несоздаден живот; живееме и празнуваме како да Го нема. Зошто?

Зашто Бог Е светлина и живот, а ние седиме во мракот – на заробеноста од страстите, и во место на сенка смртна – на остварените гревови, и: „овој суд (т.е. страдање) е затоа што Светлината дојде на светот, ама на луѓето повеќе им омиле темнината, отколку светлината, оти нивните дела беа лоши. Зашто секој што прави зло, т.е. грев, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави“. Затоа…

Значи, со нас владее темнината, т.е. гревот, т.е. смртта, и тие се влечат надвор од самите себе. Клучно својство на смртта е да се држи надвор од самите себе, надвор од Бог, надвор од Царството Небесно – кое е внатре во нас; да се држи во енергетско, и следствено, во душевно растројство; да се држи во зависност од себе, во зависност од насоченост кон надвор; во зависност од барање на безбедност во овој свет, а не во Бог. Да, се држи во еуфоријата на празникот, а не во неговата суштина.

„А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бог извршени“. Карактеристика на оној што твори вистина е да ја бара најнапред Божјата правда, да ја насочува енергијата на својот ум кон своето срце, кон Бог и кон Царството Небесно внатре во него, се додека не го добие дарот на умно-срдечната молитва, се додека не ја види светлината на тоа Царство – Божјата несоздадена енергија.

Оној што ќе ја пронајде Божјата несоздадена светлина, заедно со Апостолот Павле, ќе повика: „Убеден сум дека ни смртта, ни животот; ни ангелите, ни владетелите; ни сегашноста, ни иднината; ни некакви сили… ниту што и да е на овој свет, не може да се одвои од Божјата љубов, што Тој ни ја искажува преку Исус Христос, нашиот Господ!”

Гледате, пројавената Божја благодат од нашето срце се влече навнатре, а сенката смртна се влече нанадвор. Нашиот ум е како една клацкалка помеѓу несоздадениот живот на воскресението и смртта, на каде ќе ја насочи својата енергија – тоа ќе претежне. Со тоа што, отвореното срце за молитвата, природно го привлекува умот кон внатре, додека умот чие срце е затворено, природно е привлечен кон надвор. Сепак, и во двата случаи потребен е аскетски подвиг – на децата Божји, потребно е принудување, давање, од наша страна – да го држиме умот внатре, во Бог, додека да ја усвоиме благодатта обожувачка лично.

Кога умно-срдечната молитва ќе стане непрестајна и кога умот – кога Бог така ќе одлучи, ќе биде грабнат во созерцание на несоздадената Божја светлина, на Бог; тогаш на личен план ќе го живееме Христовото Воскресение, како наше сопствено. Прашањето е – каде сме ние во сето ова?

Христос Воскресе!




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани