„Проклетството“ на пророкот
Луѓе, имајте нормален однос кон пророкот; вие немате ништо со него, туку само со Бог – Кој и го испратил меѓу вас. Тој не е поставен да го обожавате, да го величате, да го фалите или слично; ниту да се мерите и натпреварувате со него, да го надминувате или слично; ниту да го мразите, отфрлате, убивате и слично – ништо од тоа вас не ви е дадено, туку само да се смирите пред него, во смисла – да го послушате, оти само тоа Бог го бара од вас – за ваше добро. Пророштвата се дадени за луѓето да се покаат, а не за да бидат остварени.
Пишува: Наум Струмички
„Па им рече: Вистина ви велам: ниеден пророк не е мил во земјата своја. Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја; и при ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска; и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.”
Видете ги, деца, последиците од непочитувањето на пророкот, односно, видете ги последиците на непослушанието кон пророкот. Ако внимателно го прочитате денешното евангелие ќе забележите три последователно поврзани феномени:
Прво, ниеден пророк не е мил во земјата своја, што значи, не е почитуван и не е послушан. И уште, штом е така, нормално е дека луѓето нема да го препознаат ни времето во кое се посетени од него. Зошто? Многу пати и од различни аспекти сум го објаснувал тоа низ годиниве; сега само ќе речам: демонот во луѓето не го поднесува Светиот Дух во пророкот. И нормално, од тука па натаму, се случува една цела лепеза на психопатолошки однесувања, или такви, кои не се свесно со лоша намера, но ако не се поврзани со послушание, не завршуваат со дарот на отворање на срцето, како и со дарот на просветленоста – кој происходи од умно-срдечната молитва. А како завршуваат?
Второ, очигледно, штом не е мил кај своите, тие нема да примат помош од Бог, преку него, и во најтешките моменти – колку и да се загрозени, како што се вдовиците (незаштитените) и лепрозните (болните), затоа што помошта доаѓа преку послушанието, а непослушанието носи „проклетство“. Пред некое време ви објаснив какво: некогаш, Блискиот Исток, Северна Африка и Мала Азија биле извор и место каде што христијанството цветало, а денес христијанството таму е сведено на мали неповрзани групички. Денес, таканаречениот Балкан (?!) е претежно христијански, но за неколку децении, ќе видиме што ќе биде. Статистиката точно покажува што; не треба пророчки дар за тоа.
И трето, непочитувањето и непослушанието кон пророкот на крајот од луѓето прави убијци, односно и човекоубијци и богоубијци – барем во намера; затоа што пророкот ќе ги напушти кога Бог ќе рече, а не кога тие ќе посакаат: „А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев; па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. Но Он си помина меѓу нив и си отиде“.
Затоа, луѓе, имајте нормален однос кон пророкот; вие немате ништо со него, туку само со Бог – Кој и го испратил меѓу вас. Тој не е поставен да го обожавате, да го величате, да го фалите или слично; ниту да се мерите и натпреварувате со него, да го надминувате или слично; ниту да го мразите, отфрлате, убивате и слично – ништо од тоа вас не ви е дадено, туку само да се смирите пред него, во смисла – да го послушате, оти само тоа Бог го бара од вас – за ваше добро. Пророштвата се дадени за луѓето да се покаат, а не за да бидат остварени.
На пророкот му е доста што е Божји…
