Новата компанија по спојувањето на Paramount и Warner Bros. Discovery ќе го носи името „Skydance“
Матичната компанија формирана преку преземањето на Warner Bros. Discovery од страна на Paramount ќе го носи името Skydance, објави DPA, повикувајќи се на извршниот директор на Paramount, Дејвид Елисон.
Името потекнува од продукциската куќа што тој ја основал пред околу две децении и ја искористил минатата година за да преземе контрола врз Paramount.
Во објава на платформата X, Елисон истакна дека Paramount и Warner Bros. имаат свои посебни идентитети, наследства и брендови, и дека „новото корпоративно име е избрано за ниту една од компаниите да не биде маргинализирана или засенета по спојувањето“, додава DPA.
„Сакавме име што ќе и даде на споената компанија сопствен идентитет, а истовремено ќе им овозможи на Paramount и Warner Bros. – како и на сите наши брендови – да останат во преден план“, додаде Елисон.
Се очекува преземањето на Warner – договор вреден над 110 милијарди (да, да 110 сто и десет милијарди!!!) долари – да биде финализирано следната недела, наведува DPA. Серијата преземања што ги спроведе Елисон во Холивуд беше делумно финансирана од неговото семејство. Неговиот татко е технолошкиот милијардер Лери Елисон, кој стекна огромно богатство како основач на софтверскиот гигант Oracle.
Минатата година беше постигнат договор Netflix да ги преземе бизнисите на Warner поврзани со стриминг и филмско студио. Сепак, Paramount продолжи да се залага за склучување договор и на крајот даде повисока понуда за целата компанија Warner Bros. Discovery – вклучувајќи ги и телевизиските мрежи како CNN – наведува DPA.